Никола Перевски-Пере: „Се надевам дека моите ќерки еден ден ќе се разбудат во свет каде темата родова еднаквост ќе биде минато“

У&З маж

На Пере од Нокаут летоска му се роди четвртата ќерка Ирис – како е да се биде опкружен со толку припаднички на женскиот пол може да ни открие само тој!

На Никола Перевски – Пере не му треба посебно претставување, бидејќи неговата музичка биографија зборува самата за себе. Рефрените на неговите многубројни хитови го имаат поминато тестот на времето, а неговите концерти сè уште се едни од најпосетуваните. Покрај во улогата на успешен музичар, Пере се има реализирано и во улогата на татко, не на една, туку на четири ќерки! Вели дека нема ништо поубаво од тоа да си опкружен со четирикратна љубов и да се гледаш себеси во четири прекрасни личности, а цврсто верува дека жената е центарот на универзумот и вечна инспирација.

Која жена последно ве има воодушевено со некоја своја постапка?

Секако сопругата Јована, ќерките, мојата мајка, но и сите жени со кои сум во постојано опкружување. Инспирацијата ја гледам во секоја жена. Жената е инспиративна самата по себе. За мене, супержена е мајката и домаќинка која се грижи за децата и домаќинството, исто како што супержената е и успешен земјоделец, менаџер или брилијантен млад научник. За мене супержена е некој што се грижи за тешко болно дете, но и учителка која ги инспирира децата да ги следат своите соништа, жена која ги урива предрасудите, која не дозволува да биде ставена во имагинарните калапи на која било група, која ја брани својата приказна, своето постоење, својот супер талент.

Кои женски гласови ве имаат инспирирано во музичката кариера?

Можам слободно да кажам дека ја имам почуствувано нивната убава душа, со тоа што сум го слушал нивиот глас и сум се инспирирал од нивната музичка, животна и духовна креативност. Имаат моќ да инспирираат, воздигнуваат и поттикнуваат промени. Нивните зборови имаат моќ да ги урнат бариерите и да ги скршат стаклените тавани. Ја сакам нивната уникатност, нивната еластичност и нивниот непоколеблив дух. Ја пеат својата песна со страст, затоа што се инспиративна сила, светилник на надежта и сведоштво за нескротливата сила на жените. Со својот глас и инспирација се вивнуваат високо, затоа што се сигурни дека светот чека да биде трогнат од моќта на нивната музика и вокал.

Листата на моите музички музи секако е многу поголема но во интерес на интервјуто ќе наведам само неколку кои ме инспирирале и ќе ме инспирираат засекогаш.

Nina Simon– џез, госпел, поп и фолк. Убава, трогателна и љубовна со “Wild is the wind”(1966).

Aretha Franklin– припаѓач на соул аристократијата, моќна емотивна набиена со уметнички израз која не те остава рамнодушен со “I never loved a man the way i love you” (1967) и Aretha:Lady soul (1968).

Tina Turner – ненадмината духовност со Private dancer (1984).

Sade – Мазен воздржан и префинет звук со “Diamond life” (1984).

Nora Jones – питома и тивка со “Come away with me”(2002)

Skye Edwards (Моrcheeba) – генијална во електро барокен џез соул поп стил со “Parts of the process”(2003)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nikola Perevski (@perrenokaut)

Каква е улогата на жената во општеството денес?

Улогата на жената не се променила. Таа била и ќе остане центар на универзумот. Вечна инспирација. Пример за храборст, истрајност, поддршка. Без жената нема живот. Нема баланс. Нема светлина. Темата за родова рамноправност, за жал, сѐ уште е болна тема. Иако многу работи се промениле и сега жените се сѐ поинтегрирани во општеството, поставени на многу значајни позиции, сепак останува проблемот на разлика во платите. Некој таму сѐ уште верува дека уделот и напорот на жената вреди помалку од уделот и напорот на колегата маж. Останува проблемот на „неинтегрирани” мозоци кои сѐ уште веруваат дека ова е свет на мажите. Се надевам дека моите ќерки еден ден ќе се разбудат во свет во кој темата родова еднаквост ќе биде минато и ќе бидат вреднувани и почитувани по она што го работат, создаваат, творат, а не според тоа кој е нивниот пол.

Мажи наспроти жени: дали сме толку различни?

Секако дека сме различни. Но, не затоа што сме од различен пол, туку затоа што во светов не постојат две единки кои се исти. Секој има свој карактер, свои интереси, љубови, видувања. Различни сме, но сепак исти. Од крв и месо. Сите крвариме кога ќе нѐ повредат, сите плачеме кога сме тажни, се смееме кога сме среќни, љубиме, дишеме, се храниме, твориме, некој помалку, некој повеќе, но оставаме траги зад себе… И тоа е убавината на светов. Сите да сме уникатни, но исти.

По раѓањето на Ирис, станавте татко на четири ќерки. Како е да се биде опкружен со толку припаднички на женскиот пол, на различна возраст и со различни карактери и интереси? Чести ли се недоразбирањата или почесто владее мир во домот?

Ирис е мојата четврта ќерка, мојата четврта среќа и радост. Нема ништо поубаво од тоа да си опкрyжен со четворострука љубов. Каде и да се свртиш гледаш среќа. Да се гледаш себеси во четири прекрасни личности. Разликата во нивните години воопшто не е проблем, напротив, поголемите ги чуваат помалите, помалите уживаат во вниманието од поголемите. Недоразбирања имало и ќе има, како што впрочем има и кај семејства со само едно дете. Но, со разговор и разбирање успеваме да ги надминеме сите недоразбирања. Учиме едни од други, и се прилагодуваме едни на други. Само така едно семејство може да опстои и функционира.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nikola Perevski (@perrenokaut)

Кои вредности се стремите да им ги пренесете на вашите ќерки?

Јас сум растен во семејство во кое членовите секогаш биле тука едни за други. Сѐ уште се трудиме за викендите да ги посетуваме нашите родители и да поминуваме квалитетно време со нив. Тие нѐ изразнале нас, а и нашите деца. Семејството секогаш е на првото место, е вредноста која им ја наметнувам на децата. Природата на мојата кариера е таква што имало периоди кога не сум бил многу присутен дома, особено кога мојата најстара ќерка Михаела беше бебе. Тој период првата постава на Нокаут беше во зенитот на кариерата и често бевме по турнеи, снимавме албум во Хрватска, па пропуштив многу значајни моменти од нејзиното растење, иако секој слободен момент го поминував со неа. Секако дека не ми е драго и научив значајна лекција од тој период. Сега се трудам да надокнадам колку што можам и да бидам што е можно поприсутен во животите на моите ќерки. Миа и Каја (мојата втора ќерка) се веќе големи девојки и имат свој живот, но секогаш наоѓаат време за нас. И тоа е она што се трудам да ги научам. Да ги израснам во личности кои ќе го ценат своето семејство, кои ќе помагаат колку можат и ќе бараат помош кога им е потребно. Да се ценат себеси, но и другите без разлика дали имаат исти ставови и погледи на светот.

Која е најголемата лекција што ја имате научено како родител?

Најголемата лекција што ја научив е тоа дека да се биде родител бара многу посветеност и време, без разлика дали имаш една или четири ќерки, еден или четворица синови.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Александар Ристовски – Принц за машко-женските односи: „Боли колку сме исти!“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.