„Најголемиот предизвик е да се прифатиш себеси“: Стилистката Мила Арсовска ни откри што (не) сака кај себе!

Бидете единствени

Мила Арсовска споделува тајни на убавината и совети за самодоверба

Долги години се грижи за разубавувањето на своите клиенти во Америка како стилистка за коса и шминка, па несомнено е дека естетиката игра значајна улога во нејзиниот живот. И по доживеаната несреќа што ѝ оставила физичка трага, Мила Арсовска успеала одново да ја изгради разнишаната самодоверба и да остане оригинална и своја.

Како се има менувано твојата перцепција за убавината низ годините?

Секогаш имав јасна идеја како сакам да изгледам. На 14 години добив понуда да бидам дел од емисија на телевизија, каде што бев изложена на постојани промени на шминката и фризурата. Кога првпат се видов на телевизија, не си се допаднав и сакав сама да си го сменам изгледот. Тогаш почнав да истражувам која сум и што сакам. Дефинитивно не сакав многу шминка и тоа сè уште важи. Би рекла дека како што го градев карактерот, така го градев и стилот. Прво ми се допаѓаа помажествени кроеви и постојано носев строги форми. Сега се облекувам поженствено во посветли бои. Тоа прави да се чувствувам лесно и убаво. Веројатно со годините си доаѓа и слободата.

Кои се твоите правила за нега и убавина од кои не отстапуваш?

Спиење, вежбање, редовни третмани на коса и лице. И зависна сум од одење на заболекар.

Колку ги следиш трендовите?

Моменталните трендови се дел од мојата професија. Каде се сите, таму сум и јас. Но многу ми е важно е важно да изградам стил не само за себе, туку и за луѓето за коишто работам. Стилот е начин на изразување, а тренд може да биде боја или дизајнер. Затоа сакам луѓе кои се грижат за себе. Не постои ништо попривлечно од грижата за себе.

Како дете си доживеала сообраќајка при што си останала без дел од стапалото. Како влијаеше тоа врз твојата самодоверба?

Да, кога имав 2 години доживеав несреќа со воз, при што по неколку неуспешни операции останав без прсти на десната нога. Ми се наруши балансот, сè уште не можам да носам отворени обувки, влечки, потпетици. Многупати се имам најдено ситуација кога некој ќе ме праша: Зошто не носиш потпетици? И треба да објаснувам… Не беше лесно, но подоцна сфатив дека тука лежи мојата сила. Ми се роди натпреварувачкиот дух, сакав во сè да сум вклучена, тренирав одбојка и никој не знаеше дека имам проблем. Трчав и скокав заедно со сите. Привилегија е да се сакаш себеси. Се плашев од тоа како ќе ме прифатат и сум имала непријатни ситуации, но кога почнав да разбирам зошто се случуваат некои работи во животот, сè се промени. Не бев повеќе жртва, туку херој. Љубовта од луѓето околу мене исто така многу ми помогна. Кога немаш доволно љубов за себе, блиските ти ја надоместуваат.

Кои се твоите најсилни страни, а на кои слабости сметаш дека би требало да поработиш?

Внимателно слушам што има да каже соговорникот и среќна сум што работите кои порано ми биле тешки, денес ми претставуваат уживање и предизвик. Карактерно, пробувам да се смирам заради личен баланс. Физички, сакам повеќе мускули и сакам да направам операција на стапалото.

Каков совет би им дала на девојките што имаат проблем со самодовербата?

Барањето признание е само бучава што го оттргнува мозокот од реалноста. Да се прифатиш себеси е најголемиот предизвик што откако ќе го совладате, ќе почувствувате мир и задоволство. Сè може да се смени, но и не мора. Убаво е да си инспириран, но никако не треба да се споредуваш. Споредувањето може да ти даде погрешна идеја за тоа каде треба да бидеш. Сечиј живот е уникатен. Можеби ќе звучам старомодно, но за мене, физичкото и менталното здравје е најважно.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Светлана Петровска: „Сите мајки би ги советувала да бидат малку посебични и да најдат време за себе, без грижа на совест!“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.