Светлана Петровска: „Сите мајки би ги советувала да бидат малку посебични и да најдат време за себе, без грижа на совест!“

Што (не) сакам кај себе

Светлана Петровска за убавината, самодовербата и негата

Дамите што активно се занимаваат со фитнес секогаш се инспирација, бидејќи покрај тоа што изгледаат одлично, негуваат здрав и исполнет животен стил. Еден таков пример е Светлана Петровска, фитнес-тренерка која успева да најде баланс помеѓу професионалниот и семејниот живот, без притоа да ја запостави грижата за себе.

Кога првпат се заинтересира за фитнес?

На 14-годишна возраст, првпат влегов во фитнес-клуб и тоа беше „љубов на прв поглед”. Чувството што го имав по тренингот беше она што ме тераше повторно да одам. Бев мала за да бидам заинтересирана за физичкиот изглед или за здравјето, но бев спортист и бев свесна дека мора да се спортува.

На многу мајки им е тешко да го вметнат вежбањето во својот распоред покрај сите други обврски. Што би ги советувала?

Сите мајки би ги советувала да бидат малку посебични и да најдат време за себе, без притоа да чувствуваат грижа на совест. Секоја мајка може и треба да најде време за себе по 45 минути до 1 час трипати неделно. Јас сега вежбам 4-5 пати неделно по 45-60 минути, комбинација на кардиотренинзи и тренинзи за обликување.

На социјалните мрежи најчесто можеме да те видиме во спортска облека, но како ти би го опишала твојот стил на облекување?

Мојот стил на облекување е спортски и лежерен. Се трудам да ги следам трендовите, барем оние во кои се чувствувам убаво и удобно. Важно ми е да бидам облечена во согласност со пригодата, но морам да кажам дека најчесто имам дилема што да облечам и тоа знае да ме направи нервозна.

 

Каква е твојата рутина за нега и убавина?

Редовното вежбање и здравата исхрана се нешто што го практикувам секојдневно и тоа е основата на мојата грижа за себе. Исто така, многу внимание обрнувам и на грижата на кожата, бидејќи имам проблем со хиперпигментацијата како последица на бременоста. Третманите за лице и редовното користење соодветна козметика за чистење, хидратација и заштита на кожата се дел од мојата секојдневна рутина за нега и убавина.

Речиси сите жени некогаш се почувствувале несигурни поради некој дел од своето тело. Си имала ли и ти таква фаза во животот?

Верувале или не, јас неколку пати во годината имам периоди кога се чувствувам дебело, иако во килограми варирам 2-3 кг минус или плус, кои не се забележуваат на мене. Едноставно, така се чувствувам… Мислам дека тоа повеќе ја отсликува мојата психичка состојба, отколку физичкиот изглед. Инаку, не би променила ништо на себе. Мислам дека сум доволно зрела и се имам прифатено таква каква што сум. Секојдневно работам за да бидам најдобрата верзија од себе.

Без задршка и скромност: кои работи кај себе ги сметаш за твои најсилни страни?

Упорноста и одговорноста. Отсекогаш сум била одговорна, а упорна ме направиле годините зад мене и желбата да го остварам тоа што ќе го наумам.

Каков совет би им дала на девојките што имаат проблем со самодовербата?

Да работат на себе. Само со секојдневно работење на себе ќе го надминат овој проблем. И никако не се споредувајте со другите! Како што напиша еден од моите омилени автори Робин Шарма: „Споредувањето е крадец на радоста.” Секоја си е убава на свој начин!

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Разговор за убавината: Сања Ристиќ ни откри што (не) сака кај себе
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.