Христо Ковачи е најмладиот Македонец кој освојува картинг-трофеи на Балканот

Децата кои се занимаваат со овој спорт секојдневно учат како да се носат и справат со поразите но и како да се однесуваат со победите

Ковачи рејсинг тим завршува со успешна 2019 година на најмладиот Македонец во картинг, Христо Ковачи. Тој е вицешампион во Македонија и трето место во генералниот пласман во Бугарскиот шампионат, како и второ место предфинално на балканскиот куп во Бугарија.

„Имав успешна година зад себе, најубаво и најинтересно ми е на стартот, кога се обидувам сите да ги поминам, тоа ми е најголемиот предизвик. Но, во трките има и незгоди, се сеќавам во Бугарија, првпат се натпреварував, се извртев, па од четврто дојдов на последно место, но не застанав, туку си дадов сила и пак се вратив на четврто место каде што бев на почетокот“, вели младиот Христо.

Тој неуморно тренира по 9 часа во Грција каде е дел од Академијата во Солун, професионално се обучува правилно да вози, има тим кој е составен од тренери и механичари. Ковачи на соодветните патеки вози со 90км/ч, влегува во кривините со просечни брзини до 80 км/ч, а тоа е апсолутно безбедно за него. Напоредно тренира кошарка и пливање преку кои го вежба целото тело за да може да биде издржлив и да има сила за натпреварите со картингот.

„Картингот бара да си психо-физички подготвен. Минатата година комплетно влеговме со цело срце за Христо во тој спорт, но верувајте дека ова е многу скап спорт. Ние како родители се обидуваме да дадеме се од себе, но секоја поддршка од компанија или од државата ќе ни биде добредојдена, убаво е да се инвестира во иднината на младите и на земјата“, истакнува Аргир Ковачи, таткото на Христо.

Приказната на Христо Ковачи започнува од едно неформално дружење и рекреативно возење во арт картинг центарот во Скопје. Од тој момент во малиот Христо се родила желбата и се разбуди радост да вози колку што може повеќе. Така од желба и восхит кон овој тип на спорт кај Христо пораснала амбиција да земе учество во картинг трките. При секој разговор ќе дознаете дека целта и желбата на ова дете е да биде Шампион и да ги освојува победнички сите предизвици.

„Ништо од ова не би било реализирано доколку не постоеше желба, мотив за успех и победа, издржливост и љубов кон овој спорт“, гордо додава неговиот татко, кој воедно е и најголемата поддршка во постигнувањето на сите успеси.

Неговата мајка, Марија вели дека:

„Како и во секој спорт така и во овој, резултатите не се единствена добивка која ја има едно дете. Туку преку тренинзите и картинг трките се запознаваат деца од различни култури, се учат да си ги почитуваат разликите а да ги вплотат сличностите дружејќи се како едно големо семејство”.

Децата кои се занимаваат со овој спорт секојдневно учат како да се носат и справат со поразите но и како да се однесуваат со победите. Поради тренинзите и напорната агенда која ја имаат додека тренираат, се учат на дисциплина и развиваат контрола на емоциите.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.