ЕЛИ ПЕШЕВА: „Нема гаранција за долгорочност, само треба да се прифати фактот дека влегуваме во различни периоди од животот“

У&З жени

„Слушајте си го инстинктот“, порачува нашата соговорничка

По струка е новинарка која јавноста ја памети по многуте медиумски проекти, а моментално е директорка за комуникации во маркетинг-агенцијата „Њу момент“. Ели Пешева се има испробано во многу професионални улоги и никогаш не се плашела да преземе ризик. Како се има менувано низ годините и што влијаело најмногу врз нејзиниот личен и професионален развој, дознајте од нашиот разговор во продолжение.

Што е тоа што моментално најмногу го окупира вашето внимание?

Учењето. Од професионален аспект, постојано отворам нови полиња за работа, влегувам во сфери што досега ми биле непознати, што биле блиски до мојата матична професија, новинарството, па се претопиле во односи со јавноста и сега пливаат во индустријата на комуникации. Приватно, си работам на себе, се стремам да останам позитивна, да ги задржам луѓето што најмногу ги сакам и кои ме сакаат со сите мои бубачки, кои ми го разбираат хуморот и кои ме подигаат кога сум за никаде. Работам на себе да бидам среќна, за да ги правам среќни и тие околу мене.

Како да се препознае кога е вистинското време за промена на кариерата или работното место?

Да си го послушате инстинктот. Сите ние точно знаеме кога е време за промени, кога сме стигнале до последната станица од некое патување, дали во кариерата или во некоја релација. Понекогаш од страв, понекогаш од дефокус поради милион други работи, го замолчуваме гласот во себе. Но еве, поставете си го прашањето и ќе се уверите дека длабоко во себе го знаете одговорот.

Кој е најголемиот предизвик во вашата работа моментално?

Да се држи чекор со светот кој се менува и да се извлекува најдоброто од сите промени и предизвици. Минуваме низ нова технолошка и комуникациска револуција. Не ни е првпат и сигурно тука нема да биде крајот. Мене ми е многу забавно да бидам дел од генерацијата која растела со музички спотови на МТВ и дремела покрај радиото за да ја чуе омилената песна. Порано молевме некој да нè фотографира и до развивањето на филмот не знаевме што има на него. А сега, најдобрите фотографии си ги правиме сами, ги користиме придобивките од телефоните, од технологијата. Супер е да си дел од генерацијата која не се плаши од новото и иднината, ама знае и како изгледал аналогниот живот. Мислам дека тоа е привилегија.

Како сте се менувале низ годините како личност и што влијаело најмногу врз вашиот личен развој?

Би рекла моите девојчиња. Грижата за нив никогаш не престанува, љубовта со ништо не се мери, ама како што растат (сега имаат 19 и 15 години), почнувам да учам од нив. Учам да бидам порелаксирана, повеќе да слушам помалку да делам лекции, да не ми пречат хаосот од облека и растурените соби, да имаме колку можеме повеќе семејни моменти кои ни се најголемо уживање: патувања на концерти во други држави. И секако, сега од нив двете учам да не бидам роб на општествените норми, да го практикувам тоа што сум се трудела да ги подучам, а тоа е да се биде независен. Независноста е слобода. Финансиска, духовна, емотивна.

Кои се најважните лидерски вештини што една жена треба да ги поседува денес?

Да ги препознае, селектира, и да се опкружи со луѓе кои во различни сегменти знаат повеќе од неа. Да создаде тим кој константно ќе се подобрува, во кој луѓето меѓусебно ќе се бодрат и поддржуваат, во кој ќе има ведар дух и храброст за влегување во нови предизвици.

Како да се постигне задоволство на работното место и може ли тоа да биде долготрајно?

Уживање во работата има кога вистински го сакате тоа што го работите. Кога ви е задоволство да ги видите своите колеги, кога имате еуфорија за почнување нови проекти и можности за креативно изразување. Нормално, не може секој ден да поминува со ист интензитет, понекогаш доаѓаат периоди на „горење“ и сосема е во ред да се застане малку, да си направите самоанализа, да се запрашате дали ова сум јас и дали ова навистина е тоа што го сакам. Нема гаранција за долгорочност, само треба да се прифати фактот дека влегуваме во различни периоди од животот. Понекогаш сакаме мирно море, ама понекогаш, сосема во ред е и да нè шлапне понекој бран.

Кој универзален совет би им го дале на жените што се чувствуваат изгубено?

Немам волшебна формула. Не ги знам вистинските одговори, грешам и учам на грешките. Има лекција во сите наши релации. Има предизвици кои не можеме да ги предвидиме. Јас се трудам да не се форсирам и се обидувам да научам како да престанам да се оптоварувам со очекувања, и за себе и за другите.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.