Чигдем Ѓуллу: „Имам син, кој е моето најголемо уметничко дело“

Ве инспирираме

Успешна жена и мајка, адвокатка и уметница, силна и моќна, таквите дами секогаш се наша инспирација. Запознајте ја Чигдем Ѓуллу, советничка за култура и промоција при Амбасадата на Република Турција во Скопје.

Со Чигдем зборувавме за големите и малите нешта што го сочинуваат нејзиниот свет, за нејзиниот пат до успесите во кои ужива денес, за уметноста – авторка е на голем број дела од областа на визуелните уметности, од сликарство до скулптура, од фотографија до керамика, а наедно е и официјално регистрирана учителка на ебру…

Што го одреди патот по кој тргнавте?

Пораснав во мал град во Анадолија, како дете на семејство што води потекло од Балканот. Уште од мала, секогаш имав чувство дека припаѓам некаде надвор од средината во која се наоѓам. Тоа чувство ми овозможи да го истражувам секој предмет што го сретнував и да создавам уметнички дела, така ги претворав идеите во конкретни видливи дела.

За време на моите детски години, пораснав проучувајќи ја природата во куќа со голема градина. Моите омилени училишни предмети ги учев во малата куќичка што ја направив на врвот на дрвјата. Моите први дела ги творев со обликување на калта или резбајќи ги меките камења што ги наоѓав во природата.

Местото каде што пораснав беше многу мало, немаше ниту уметнички материјал, ниту учител да ме упати да студирам уметност.

Поради тоа, ставајќи го во прв план интелектот наместо мојот уметнички талент, влегов на Правниот факултет во Анкара освојувајќи место меѓу првите петстотини на универзитетскиот испит, на кој полагаа милион и пол луѓе.

Сите се соочуваме со некаков тип пречки на патот, а потоа сме горди што не сме се откажале пред нив… Имавте ли вие? Ако имавте, какви беа и како ги надминавте?

Пречките во мојот живот отсекогаш биле моја инспирација. За време на моите универзитетски години, сфатив дека интензивната умствена работа предизвикува инспирација.

Ги купував моите книги за правниот факултет благодарение на делата што ги продавав на изложбите, кои, пак, ги отворав преку моите идеи, кои беа резултат на тешката работа, која надминуваше десет часа на ден.

Моите апстрактни дела станаа познати во тоа време и тогаш добив понуди да бидат објавени во списанија. Искрено, немав ликовно образование. Ги работев моите дела како што се чувствував. Во овој контекст, можам да се опишам себеси како автодидактички уметник.

Каков тип на право практикувате и колку ве исполнува работата како адвокатка?

Извесен период работев како адвокатка, а имам трудови во различни гранки на правото, особено во областа на правата на жените. Но единствено правото никогаш не ме задоволи целосно. Поради оваа причина го избрав Министерството за култура и туризам, каде што можам да ги комбинирам правото и уметноста и каде што сè уште работам.

Овде работев на прашања за авторските права, од прашања што ќе им помогнат на уметниците да се претставуваат во меѓународните медиуми до прашања што ќе им помогнат на нивните правни проблеми. За да се подобрам во авторските права, студирав право во Лондон, за што добив стипендија. Волонтирав како уметничка директорка за да ги споделам знаењето за правото и уметничкото знаење што го стекнав во Лондон.

Во овој четиригодишен период основав ателјеа за сликарство, скулптура и ебру и доброволно одржував обуки, особено за да ги зголемам знаењето и искуството на адвокатите за уметноста и да им дадам нови вештини.

Организирав работилници за фотографија, танц, управување со стрес, уметничка терапија, бонсаи и многу други области. Накратко, се обидов да ги споделам сите убавини што ги научив и доживеав колку што можев.

Како го изградивте својот авторитет? Дали мажите, искрено, го препознаваат женскиот потенцијал во адвокатурата и дипломатијата, на раководните позиции воопшто?

Всушност, и во Северна Македонија и во Турција доминира машкиот авторитет. Оваа ситуација нѐ принудува нас жените да вложиме повеќе напори од машкиот пол. Сепак, силните жени се способни да го направат овој напор, па дури и да напредуваат пред нив.

Да признаеме дека оваа наша интелигенција и исправен став вознемирија многу авторитети. Горда сум на себе што со мојата лична работа и успех ги постигнав сите позиции до кои стигнав, без да ја нарушам мојата личност. Исто така, ме радува кога слушам дека мојот успешен исправен став е инспирација за многу луѓе.

Во нашите традиции, мајчинството е причина за откажување од амбициите, но вие пронајдовте поинаков начин….

Имам син, кој е моето најголемо уметничко дело. Секогаш ме радува и сфаќам колку е исправно сето тоа што го направив за него кога гледам како се осветлува неговиот пат и станува со самодоверба, бидејќи има креативна мајка со реализирана кариера. Иако има само дванаесет години, знае многу добро неколку странски јазици и досега имал можност да посети повеќе од дваесет земји.

Тој вели дека сега може да живее удобно каде било во светот. Како мајка, се чувствувам среќно што имам креативен син, кој може да се интегрира во светот.

Какви идеи се кријат зад вашите дела? Како ги творите вашите дела?

Создадов дела во многу области на уметноста. Поточно, го отворив срцето на сета убавина со естетска вредност и изработив дела во склад со моите способности. Се разбира, сè е процес. Јас сум многу добар набљудувач на природата. Лесно можам да ги согледам деталите што многу луѓе тешко ги гледаат и можам да создадам значајни дела од овие детали.

Всушност, сфатив дека зад оваа љубопитност се крие потрага и мојата последна самостојна изложба ја нареков „the quest” . Оваа изложба всушност беше резиме на моето лично патување. Одразот што го видов во огледалото што е ставен во црното платно  беше резиме на одговорот зад секоја неволја што ја доживеавме во животот,

всушност обид да се пронајдеме себеси. Умножувајќи ги моите истражувачки студии со други материјали, создадов дела во кои ги доведував во прашање пребарувањата во различни области. Некои од моите дела се  дел од ликовните колонии овде во Македонија. Планирам да отворам изложба овде пред да ми заврши мандатот.

Оние кои се љубопитни за моите дела можат да ме контактираат на www.cigdemgullu.com.

Покрај сите големи нешта кон кои целиме или за кои сонуваме, сепак, малите нешта се неминовен вентил за менаџирање на стресот. Покрај уметноста, кои се вашите најважни мали нешта?

Всушност, за разлика од повеќето луѓе, среќата можам да ја видам во малите нешта, како, на пример, семе што расте и цвета. Од моето детство, мојата наклонетост кон природата ме наведе да истражувам цвеќиња.

Денес имам колекција од над двесте семиња на цвеќиња. Во Скопје најмногу ме опуштаат искачувањето на планината Водно и прошетката во природа. Чувствуваш дека Водно има личност и те слуша, а тоа ме смирува.

Луѓето секогаш на прв поглед имаат способност да ја видат само површината. Затоа изгледот е важен. Дали негата на стилот ви причинува задоволство или обврска?

Често слушам од мојата околина дека имам специфичен и уникатен стил. Имам среќа што можам сама да си ја средам косата и шминката. Поради позицијата морам да се облекувам формално, но мислам дека тоа не ме спречува да бидам стилски облечена. Отсекогаш уживам во стил со елегантни и нежни детали.

 

Разговарала: Јована Стојменовиќ

Фото: приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.