Коста Петров: „Среќата е да се насмееш во тешки моменти, бидејќи тие со себе носат многу лекции“

Ве инспирираме

Што ве прави среќни? Одговорот ќе го најдете во многу литератури, а едни од нив се и книгите на Коста Петров, личност што на јавноста ѝ е познатa по „Се гледаме на врвот“, „Стравот“ и „Нашето последно кафе“.

На ова „кафе“, тој ни ја сподели среќата по негова дефиниција.

До мојата седма година, татко ми беше на печалба, па најверојатно најголемата среќа се случуваше кога татко ми ќе се вратеше дома. Всушност, како и сите деца, сум мислел дека среќа се тие мали инстант животни задоволства. Денес знам дека среќата не потекнува од некој надворешен извор. Таа постои во нас.

Коста смета дека перцепцијата за среќата многупати знае да биде погрешна.

Среќата е да се насмееш во тешки моменти, бидејќи тие со себе носат многу лекции. Среќата е мирот во душата. Среќата е во сите нас. Таа секогаш постои. Всушност, среќата е избор.

Тој вели дека иако некогаш работите изгледаат хаотично, сепак сè е во некаков совршен ред.

Ни треба само трпеливост. Некогаш толку многу сме фокусирани на проблемите, што забораваме да гледаме на големата слика. Верувам дека постои лекција во сè што ни се случува.

Коста вели дека среќата за него била спакувана во подарокот наречен – ќерка.

Иако сметав дека јас сум тој што треба да ја учи на тајните на животот, како што поминува времето сфаќам дека таа всушност ме учи што е важно во животот.

Некои ќе речат среќата се наоѓа во сè што буди убаво чувство во нас, нешто што нè прави повторно живи, бидејќи секој го заслужува тоа. Со ваква мисла ви посакуваме убави денови и правете работи што навистина ве прават – среќни. Немате многу време!

Текст: Нина Славковска

Фото: Unsplash, приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.