#Profemina2023: Што сакаат жените – одговори даваат мажите!

Интересна панел-дискусија за крај

Профемина 2023 заврши со интересна дискусија меѓу наши познати мажи за тоа што сакаат жените

Дали мажите ги интересира што сакаат жените? Дали мажите засекогаш остануваат посилниот пол или полека се менува прототипот на балканскиот маж? Дали доаѓа некоја нова верзија на посуптилен и поприспособлив маж, кој почесто ќе влегува на женскиот терен и ќе учествува во приказните за модата, убавината и здравиот начин на живот? Дали ќе ни се допадне новата верзија?

Токму овие прашањата се најдоа на последниот, но и најинтригантниот панел на годинешната регионална конференција за жени „Профемина“ на тема: Што сакаат жените – одговори даваат мажите!

Модераторка Татјана Пуленџовска која е и водителка на почетокот од дискусијата на господата им го постави вечното прашање: Што сакаат жените, а тие споделија скокотливи одговори.

„Апсолутно отсекогаш ме интересирало што сакаат жените, иако морам да признам дека многу се немам вложено да го добијам одговорот. Што и да правам, приватно или професионално, се трудам да им дадам на луѓето можност да ми веруваат, односно да се поврземе психолошки. Како и кај мажот така и кај жената има некои животни фази. Во зависност од тоа се менуваат потребите, желбите и вкусовите“, рече Иван Наумовски, оперски пејач, сврнувајќи се и на т.н балкански маж па додаде:

„Жените, ментално и психички се на друго ниво од мажите, затоа жената се смета за столб на фамилијата. Оној „тестостеронски маж“ е момент на примитивизам и е претерано во денешно време. Зошто мајка ми, жена ми или која и да е жена да седи цел ден во кујна. Ајде да ги подлеиме обврските“.

Во дебатата учествуваше и Димитар Атанасовски, ТВ и радио-водител, маркетинг-директор. Тој во свој препознатлив стил одговори на прашањето, но и појасни дека според него рамноправноста е надополнување на другиот.

„Многу деликатна тема. Секоја жена е индивидуа. До сега многу психолози и останати експерти се обиделе да дадат точен одговор на ова прашање, но не успеале. Нормално дека ме интересира и сакам да знам што сакаат жените, но тешко оди. Јас никогаш не би се откажал да го барам одговорот на ова прашање“, рече Атанасовски и додаде:

„Рамноправност не е двајцата со жена ми да цепиме дрва туку секој да го прави тоа што го сака, но и може, односно да го надополнува другиот. Тоа е рамноправност, според мене. Не сакам моите деца да го осудуваат некого според тоа дали е маж или жена, туку според тоа дали е добар или лош човек“.

 

Според поранешниот прв човек на Град Скопје Петре Шилегов, адвокат и политичар, светот им припаѓа подеднакво на сите или барем така треба да биде.

Светот го делиме сите заедно. Секој човек, особено жените сакаат љубов, грижа и внимание. Балканот не носи традиционални вредности, напротив ние сме тие кои сакаме да ги нагласуваме. Секоја жена прави индивидуален избор за тоа што ќе ја привлече. Јас сум од оние мажи кои сам си пегла кошули“, рече Шилегов. Сепак потенцираше и дека неверството не е секогаш само физичко, туку пред се психолошки момент: „Сите ние сме социолошки суштества. Имаме и потреба и обврска да живееме со луѓе. И секое изневерување на тие принципи е неверство“.

На тоа се надоврза и Марко Новески, ТВ-водител, кој посочи дека е тешко да се открие што сака секоја една жена, но повеќе од сигурен е што не би толерирал.

„Во мојот живот сум фокусиран на една жена и ме интересира што таа сака. Сега сум во брак и тоа е тоа“, рече Новески и додаде: „Неверството боли во секоја врска без разлика дали е пријателска, бизнис или каква и да е“.

На крајот од панел-дискусијата публиката имаше можност да постави прашања, а едно од нив гласеше: дали мажите се плашат од силните, реализирани и самостојно жени или пак ги фаворизираат?

Соговорниците се согласија дека секој човек е различен и секој сака различни работи во животот, без оглед дали е маж или жена, па така, секој треба да си ја пронајде личноста што го прави најсреќен и најисполнет.

Седмото издание на регионалната конференција Профемина 2023, во организација на највлијателниот магазин „Убавина и здравје“, заврши со голема лотарија за време на која беа извлечени среќните добитници на вредни подароци од пријателите на конференцијата.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.