„Бербер шоу“ во Скопје Сити Мол: Наши познати мажи ќе седнат на берберски столици за подигнување на свеста за машкото здравје

Месец на машкото здравје

Актери, пливачи и поп-ѕвезди ќе седнат на берберски столици за подигнување на свеста за машкото здравје

Во организација на Фризерската секција – Скопје при Занаетчиската комора и Скопје Сити Мол, традиционално на 12 ноември ќе биде организирано големо „Бербер шоу“ со што ќе се одбележи движењето „Моември“. Настанот ќе трае од 12 до 17 часот.

Ноември е месец посветен на машкото здравје, каде преку машкиот симбол – брадата и мустаќите се степенува важноста на здравјето кај мажите и се позачестената појава на ракот на простата и на тестисите, машкото самоубиство и депресијата.

Фризерската секција – Скопје и Скопје Сити Мол  и  оваа година се приклучуваат кон светското одбележување на „Моември“, каде насекаде низ светот се организираат популарни настани, кои покрај забавниот карактер имаат за цел да ја информираат и едуцираат машката популација.

„Моември е годишен настан, кој меѓудругото вклучува и растење на мустаќи во текот на месец ноември за да се подигне свеста за здравствените проблеми со кои се соочуваат мажите. Неопходна е промена за претставата на машкото здравје, преку различен тип активности. Треба да ги потикнемена поголема физичка активност со што се подобрува и ментално здравје. Секој маж треба да стекне навика за редовна посета на уролог. Карциномот на простата е втора најчеста причина за смртност кај мажите низ целиот свет и доколку се детектира навреме, може да се намали бројот на смртни случаи. Затоа и организираме настан од забавен карактер, како би допреле полесно до пошироката популација на нашите сограѓани“, велат организаторите на настанот.

Настанот ќе го модерира познатото актерско дуо Тино и Атанас и ќе се случува на приземјето од Скопје Сити Мол, каде на сцена ќе бидат поставени четири берберски столици. Мустаќите и брадата се симбол на движењето Моември. Па затоа, повеќе од 50-тина машки бербери од цела Македонија, вклучувајќи и неколку жени бербери ќе им ги стилизираат мустаќите и брадите на повеќе машки модели.

На настанот ќе земат учество и учениците од средните стручни училишта „Димитар Влахов“ и „Шаип Јусуф“ од Скопје, кои ќе ги претстават стекнатите вештини на живи модели.

Меѓу другите, на берберските столици ќе седнат и познатите актери од тв серијата „Преспав“,  Игор Ангелов и Дритон Вејсели, музичарот од позната поп група ДНК, Владимир Блажев – Панчо, националниот рекордер во пливање Мартин Стефановски и други јавни личности, со цел да се покрене свеста за машкото здравје.

Членовите на Веспа клубот „Весписти Скопје“ го потврдија своето присуство на настанот, како и мотоциклистите од Христијанска мото асоцијација – CMA Macedonia.

На посебна локација предвиден е засебен дел „Барбер корнер“, каде, секој заинтересиран посетител ќе може да добие бесплатна услуга, потстрижување и стилизирање на мустаќи и брада и наедно ќе може да ги испроба најновите козметички производи за нега.

Настанот ќе биде заокружен со доделување на награди на сите учесници и бербери.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.