6 одговори на вашите прашања за проблемите со кожата

Експертите одговараат

На вашите прашања за нега на кожата одговара д-р Коста Цветковиќ, спец. дерматолог

1. Кои се најефикасните третмани за подмладување и отстранување на брчките?

Кога станува збор за брчките на лицето, мораме да го споменеме ботоксот како број 1 третман по избор. Неговото дејство врз мускулите предизвикува тие да не се контрахираат, а со тоа брчката да се измазни, многу слично на материјал кога се пегла. Несаканите ефекти се минимални и ретки, болка речиси не постои и, можеби најважно, ефектот не е траен во случај пациентот да се премисли за својот изглед. Освен ботоксот, мораме да ги споменеме и другите третмани за брчки, како дермапенот и ензимските пилинзи.

2. Дали постои долготрајно решение за акните?

За акните дефинитивно има лек, како и за лузните од акните, единствено третманот е долг и макотрпен, но со дисциплина на пациентот и со негова честа консултација со својот дерматолог, ефектот е одличен и траен. Терапијата вклучува лекарства со персонализирани дози и распореди на користење, а лузните што ги оставаат акните одлично реагираат на третман со ПРП и дермапен.

3. Имам проблем со стриите. Дали третманот со дермаролер е ефективен и што точно подразбира тој?

Дермаролерот е застарен метод, кој е сменет во поново време со дермапен. Тој е попрецизен, помалку болен и многу побезбеден метод за третман на лузни од акни (или воопшто каков било тип лузни), стрии, површни брчки, а служи и како медиум за внесување некакви мезотераписки коктели во кожата (хијалурон, киделини ензимски, витамини и ПРП). Со своите фини иглички, дермапенот предизвикува контролирана дразба во внатрешноста на кожата, чиј резултат е почнување процес на создавање колаген, еластин и генерално подобрување на физиолошките процеси во самата кожа.

 

4. Како може најефикасно да се отстранат пукнатите капилари и вени?

Ласерскиот третман е број еден метод по ефикасност, безбедност и минималност на болка. Подготовка нема, не бара одреден период во годината и ефектите се трајни. Постојат и други третмани, но тие се застарени и имаат доста несакани ефекти. Иако е индивидуално, просекот на третмани потребни за отстранување на капиларите е некаде околу 4. Ласерот ја коагулира крвта и го гори хемоглобинот во самиот крвен сад, без притоа да ги оштети околните структури и здравото ткиво.

5. Прекумерното потење ми го отежнува секојдневното функционирање. Како да го решам овој непријатен проблем?

Освен некои препарати што ги блокираат потните жлезди, како најмеродавен третман се препорачува ботокс-третманот за прекумерното потење. Неговиот ефект врз нервните патишта ги запира сигналите испратени до потните жлезди и со тоа го прекинува потењето во целост. Методот е целосно безбеден и нема несакани ефекти.

6. Кој е најбезболниот метод за отстранување брадавици и кожни израстоци?

Пред отстранување на какви било промени, тие треба да бидат дијагностицирани и во однос на тоа да се одреди типот на третман што ќе се користи за нивно отстранување. Имено, постојат неколку такви методи, како некои локални, топични препарати, потоа течниот азот (крио-терапијата) и терапијата со фокусирани радиобранови (РФ/електрокаутер). Сите три методи се безболни, им следува само едно локално црвенило, и не е потребен никаков период на мирување или посебна нега. Како најефективен би го споменал РФ-третманот, кој го препорачувам за отстранување на најголемиот број кожни промени.

Oрдинација „Дерма плус“

Бул. Јане Сандански 84/3-5, Скопје

Тел.: (0)2 2446 600

ФБ: dermaplus.mk

www.dermaplus.mk

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.