Сонцето не сака ја сака нашата кожа! Сите проблеми што можат да се влошат поради дејството на сончевите зраци

Колку се кожните болести поврзани со дејството на штетните УВ-зраци и како да се заштитиме од нив се прашањата за кои денес сè повеќе се зборува…

Во нашата редакција често пристигнуваат писма со прашања за дерматолог, а овој пат одлучивме да ги обединиме во една тема сите оние што се однесуваат на проблемите што можат да се влошат поради дејството на сончевите зраци.

Причина за исип

Пред десеттина години се лекував од кламидија и земав многу силни антибиотици, кои ми предизвикаа алергија на вратот и на деколтето. По терапијата ми останаа црвени точки, кои не се смируваа две недели. Оттогаш, секое лето, штом сонцето ќе стане посилно, алергијата ми се враќа. Всушност не во обликот во кој ми се појави кога ги земав антибиотиците, но деколтето ми се исипува со црвени точки што не се повлекуваат цело лето. Постои ли нешто што ќе го спречи ова?

Читателка од Струмица

Веројатно не постои врска меѓу антибиотиците и црвенилото што ви се манифестира, бидејќи сега повеќе не сте на антибиотска терапија, а сè уште се исипувате. Прво би требало да се утврди која е причината за појава на црвенилото. Доколку се појавува кога сте изложени на сонце, треба да се направи тест за фотопреосетливост на УВА и на УВБ-зраци. Исто така, би требало да се направи и испитување на болести што се придружени со фотопреосетливост. Во почеток избегнувајте го сонцето, пред да излезете од дома нанесувајте крем со заштитен фактор, но задолжително посетете дерматолог.

Егзема и сонце

Минатата година на образот ми се појави егзема. Во зима малку се смири, но штом почнаа топлите денови, повторно се појави. На некои интернет-форуми прочитав дека изложувањето на сонце е корисно, бидејќи предизвикува повлекување на егземите. Дали е можно нешто друго да повлијаело егземата дополнително да се воспали налето?

Сања од Битола

Доколку станува збор за егзема, потребно е да се направат дополнителни анализи – пред сè на контактна преосетливост. Тоа значи дека лекарот ќе утврди дали станува збор за преосетливост на некоја супстанција со која доаѓате во допир. Точно е дека одредени видови егзема се повлекуваат при умерено изложување на сонце, но под контрола на дерматолог. Но за да не дојде до забуна, изложувањето на УВ-зраци никако не е начин на кој би требало да се лекуваат болестите на кожа, во случајов на лице, и потребно е да направите дополнителни анализи на поставената дијагноза.

Што предизвикува меласма?

Минатото лето на лицето ми се појавија темни дамки и лекарот ми дијагностицира мелсама. Терапијата што ми ја пропиша даде добри резултати и мислев дека сум се ослободила од овој проблем. Но во почеток на мај, откако неколку дена поминав на сонце, дамките се вратија. На интернет прочитав дека меласмата се појавува кога по консумирање одредена храна или лекови ќе се изложиме на сонце. Дали е тоа точно? Ако е вистина, ве молам кажете ми кои лекови и храна не би требало да ги консумирам во комбинација со изложување на сонце?

Викторија, Скопје

Во третманот на мелсама најважно е да се избегнува сонцето. Меласмата во 90% од случаите се манифестира кај пациенти кај кои постои врска меѓу појавата на овој проблем и хормонската активност, бидејќи меласма често се манифестира во бременост и кај жени што користат антибеби-пилули.

Списокот на лекови што можат да предизвикаат меласма е навистина долг, а до овој проблем може да дојде и поради ослабена функција на јајниците и на штитната жлезда, како и при употреба на одредени козметички препарати. Во секој случај, ви советуваме да нанесувате кремови со висок заштитен фактор кога се изложувате на сонце.

Контрола на бенките

Пред две години татко ми почина од меланома. Не сакаше да оди на преглед веднаш откако забележа дека бенката му се менува, а кога конечно собра храброст – беше предоцна. Оттогаш станав параноична, постојано ги контролирам бенките и живеам во страв. Можете ли да ми кажете како изгледа меланома во ран стадиум? Мислам дека би била помирна кога би знаела да ги препознаам раните сигнали, бидејќи тоа би значело дека, кога и кај мене би се појавила болеста, навреме би отишла на лекар. Ме интересира дали значително ќе го намалам ризикот доколку воопшто не излегувам на сонце?

Елена, Дојран

Корисен алгоритам за проценка на сомнителни бенки е т.н. ABCDE-правило, кое вклучува анализа на симетријата (англ. Acsmmetry), неправилност на рабовите (англ. Border), присутност на повеќе бои (англ. Color), промена поголема од 6 мм (англ. Diameter) и издигнување од површината (англ. Elevation, Enlargement, Evolution).

Симптоми можат да бидат и крвавење, раничка, краста, црвенило, болка и јадеж. Доколку лицето или некој од неговото блиско опкружување забележи дека бенката се променила, веднаш треба да се обрати на лекар. Дерматологот ќе процени дали постои ризик и ќе предложи понатамошни испитувања. Кожата најдобро ќе ја заштитите доколку избегнувате непотребно изложување на сонце, ако носите заштитна облека, шапка и очила за сонце, ако нанесувате крем за заштита од сонце и ако еднаш во шест месеци направите самопреглед на кожата.

Исто така, не одете во солариум, а на преглед кај дерматолог одете еднаш годишно. Постојат места на кожата што не можете сами да ги прегледате, па добро би било доколку тоа го стори за вас партнерот или некој друг член од семејството.

Последици од солариум

Неколку години, напролет, користев солариум, но не претерував. Го посетував еднаш неделно – кожата не ми гореше и добивав убаво исончан тен. Но неодамна почнаа да ми се појавуваат бели дамки. Мене ми изгледаат како депигментација, но другарките ми велат дека станува збор за инфекција.

Ништо не ме чеша, кожата не изгледа иритирано, само се гледаат бели дамки. Објаснете ми што би можело да биде тоа. Јасно ми е дека повеќе не смеам да одам во солариум, но смеам ли на сонце?

Анабела, Скопје

Темниот тен стекнат во солариум минимално ја заштитува кожата од понатамошно изложување на УВ-зраци, но од друга страна, предизвикува предвремено стареење на кожата и го зголемува ризикот од појава на рак на кожа и на меланома. Белузлавите дамки што ги спомнавте можат да бидат последица од долготрајно изложување на УВ-зраци, но и манифестација на габична инфекција (Pityriasis versicolor), но тоа може да го процени само дерматолог за време на преглед. Се разбира дека можете да престојувате на отворено, но избегнувајте да се изложувате на сонце од 10 до 17 часот (во некои краишта и до 18 часот) и задолжително носете заштитна гардероба (шапка, маица и очила). И вам ви препорачуваме да нанесувате крем со заштитен фактор.

Ризик од тумор на кожа

Имам светол тен, руса коса и светли очи. Во семејството имаме случаи со базоцелуларен рак на кожа, па со години се заштитувам од сонцето и нанесувам крем со СПФ 50. Сепак работата ми е таква што доста време поминувам на терен и не можам да го спречам долготрајното изложување на сонце, па кожата секогаш ми поцрвенува. Ме интересира дали црвенилото е знак дека и покрај заштитниот крем со СПФ 50 мојата кожа не е доволно заштитена?

Ивана, Битола

Земајќи предвид дека имате светла боја на коса, очи и на кожа, како и историја на базоцелуларен рак во семејството, морате многу да внимавате колку време престојувате на сонце. Бидејќи работата ви е таква да морате да бидете изложени на сончевите зраци, најпаметно би било да ја смените работата. Но денес ситуацијата е таква што многу тешко се наоѓа работа, па затоа ви предлагам секогаш кога сте надвор да носите облека со долги ракави и ногавици, шапка со широк обод и очила за сонце што имаат филтри против УВ-зраци.

Дури потоа преминуваме на употребата на заштитен крем со СПФ 50, но внимавајте на пакувањето да биде заокружена ознаката УВА. Уште еднаш истакнувам дека поради другите фактори на ризик, пред сè генетичките – лицата со светла боја на кожа, коса и очи се под значително поголем ризик да заболат од тумор на кожата – најпаметно би било да ја смените работата.

Текст: Убавина и здравје

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.