Совршена форма со Рената Младеновска: Пилатесот никогаш не излегува од мода!

Бидете вити и здрави

Дознајте нешто повеќе за пилатесот

Рената Младеновска (@renata_fit) е професионална пилатес-инструкторка, која веќе три години со задоволство го пренесува своето знаење.

Таа почнала да вежба пилатес најпрво поради физичките придобивки, но многу брзо го забележала неговиот целосен позитивен ефект.

„Со редовно вежбање пилатес, митохондриите во клетките се зголемуваат, што значи повеќе енергија. По еден или два месеца, мускулните влакна почнуваат да растат, со што и мускулите стануваат посилни и поцврсти. Истовремено, се подобрува и работата на срцето, се зголемуваат коскената густина, мобилноста на зглобовите и еластичноста. Затоа пилатесот се препорачува за лица со проблеми во грбот, како и за оние што страдаат од остеопороза и артритис“, открива Рената.

Како изгледа еден нејзин час?

Еден нејзин час почнува со вежби за истегнување (како превенција од повреди и подобра изведба на вежбите), а потоа преминува на вежби за загревање на телото. За време на тие 55-60 минути, вклучува вежби што ги опфаќаат сите мускулни групи, со тоа што на секој час се обрнува посебно внимание на одреден дел од телото.

„На крајот од часот, откако ќе се испотиме и ќе ги исфрлиме токсините и негативната енергија од телото, повторно преминувам на убаво истегнување“, ни објасни Рената.

Кои се најефективните вежби?

Пилатес-топки, степери, ластици, тегови… сите овие реквизити се вклучени на часовите за да се постигнат оптимални резултати.

„Вежбите што се во позиција ‘штица’ се одлични за флексибилноста на телото. Го намалуваат ризикот од потенцијални повреди, трошат многу калории, ја забрзуваат работата на срцето и на метаболизмот. Вежбите со пилатес-топка се, исто така, одлични за зацврстување на сите мускулни групи, бидејќи за да се изведуваат, потребно е одржување баланс и цврсто држење на телото“, ни објасни Рената.

Мотивацијата е клучна!

„Можеби нема да забележите промени на телото уште првата недела, но ќе се чувствувате полесно и поенергично. Не споредувајте се со другите, имајте своја цел и замисла. Со посветеност и силна желба нема нешто што не би можеле да го постигнете. Бидете најдобрата верзија од себе!“

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.