ДЕТЕТО СИ ЈА УДРИ ГЛАВАТА: Што да правите?

Дури ни највнимателните родители не можат цело време да го држат на око своето дете.

Понекогаш е доволен еден миг невнимание за бебето да падне од кревет и да удри со главата. Повеќето од тие падови, за среќа, поминуваат без сериозни последици. Сепак, повредите на главата може да бидат опасни. Затоа моделот на однесување во такви ситуации треба да им биде познат на сите мајки и татковци.

КАРАКТЕРИСТИКИ НА ПОВРЕДИТЕ НА ГЛАВАТА

Краниоцеребрални повреди се кои било повреди на коските на черепот или на што било под него – мозокот и неговите мембрани, крвните садови и нервите. Децата се раѓаат со релативно меки коски на черепот, бидејќи главата инаку не би можела да помине низ породилниот канал. Нивното окоскување трае сѐ додека не се затворат фонтанелите, а дотогаш коските остануваат доста флексибилни, а врските меѓу нив лабави.

Мозочните ткива уште се незрели и во нив продолжуваат да се формираат нервните центри и да се регулира циркулацијата на крвта. Од една страна, флексибилноста на черепот и големото количество течност во неа го омекнуваат ударот, но поради незрелоста на мозочната кора силните удари може да предизвикаат нарушување во неговиот развој и долгорочни последици на ментален и емоционален план.

ШТО ДА НАПРАВИТЕ ПО ПАД

Ако детето паднало од мала висина и удрило со главата, потребно е да се процени неговата реакција на ударот. Доколку ја изгуби свеста макар и на минута – веднаш одете во болница, а ако нема губење на свеста, следете ги реакциите. Овде се можни опции:

* Доколку детето падне и заплаче, па во раце брзо се смири, нека се смири и мајката. На местото на ударот можете да ставите ладна облога.

* Ако по падот детето не запче веднаш или долго не можете да го смирите, следете го неговото однесување. Во случај и на најмала промена: летаргија, сонливост или дури спротивно – вознемиреност, веднаш одете во болница.

* Се случува детето брзо по падот да се смири, но по неколку дена на главата да се појави оток сличен на течност што се собрала под кожата. Тоа може да биде симптом на повреда на мозокот. Во тој случај детето веднаш одведете го на лекар.

Важно правило е да оцените во каква состојба е детето по падот и да не му наштетите со своите постапки. Обидете се да ги држите работите под контрола, немојте да бидете нервозни, не викајте и во никој случај не тресете го детето!

Внимателно подигнете го и ставете го на рамна површина. Набљудувајте го и задржете ја смиреноста – тоа чувствува како се чувствувате вие. Особено што повеќето падови на бебињата поминуваат без последици, а нервниот систем на родителите страда многу повеќе!

 

* Колку е детето помало, во главата има повеќе течност. Затоа падот од кревет на глава за тримесечно дете е помалку опасен отколку за она од една година.

* По падот следете го однесувањето на детето наредните два дена.

ВЕДНАШ ВО БОЛНИЦА!

По удар во главата важно е да се знаат најопасните симптоми во зависност од возраста на детето. Тие вклучуваат:

* какво било нарушување на свеста;

* губење на зборовите кај детето што веќе зборува, додека бебето може да престане да гуга;

* какво било нарушување на сетилата – слух и вид;

* промени во однесувањето, чудна сонливост;

* силна главоболка што трае повеќе од еден час по падот – кај бебињата може да биде изразена како долготраен плач и анксиозност;

* конвулзии (неконтролирано грчење на мускулите);

* повраќање повеќе од еднаш;

* нарушување на движењата, на пример една рака или нога потешко се движи;

* крвавење од ушите или од носот;

* темни дамки под очите или зад ушите;

* зеници со различна големина;

* течење каква било течност од ушите или од носот.

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.