Те сакам тебе… и тебе! Како стана полиаморист?

Дали сè уште важи изреката дека тројца се многу или иднината на врските може да се опише: „колку повеќе, толку подобро“? Еманципацијата донесе уште една појава во машко-женските односи…

Невена (34) веќе две години е во паралелна врска со двајца мажи. И едниот и другиот знаат за тоа и немаат проблем со таквата врска, која може да се опише со терминот полиаморија (од грч. збор poly што значи многу и лат. amor што значи љубов).

Три години бев во моногамна врска со моето момче, кое доби работа во Прага и се пресели таму. Јас сум врзана за Скопје со работата, па не можев да го следам и се договоривме да одржуваме врска на далечина. Во почеток, функциониравме супер, одев да го посетам секогаш кога имав слободно време, но по шест месеци, сфатив дека сум незадоволна.

Иако модерната технологија значително го олесни функционирањето на врските на далечина, сепак се чувствува голема празнина кога партнерот не е блиску до вас, посебно во важните мигови во животот. Мене ми се случи да ја сменам работата, што беше голем стрес, па и покрај поддршката од семејството, сепак имав потреба од партнерот да биде покрај мене.

Неколку месеци пред тоа, преку пријатели запознав симпатичен дечко, со кого повторно се сретнав токму во мигот на мојата емотивна криза. Ме покани да излеземе, па и покрај самоубедувањето дека станува збор за пријателска покана, бидејќи јас сум во врска со човекот што го сакам, тоа прерасна во нешто повеќе.

По неколку средби со него, одлучив да му признам на партнерот дека го изневерив. Но тој го прифати тоа сосема нормално и ме праша дали планирам да продолжам да се гледам со него. Во тој миг не знаев што да одговорам, бидејќи сфатив дека не сакам да загубам никој од нив двајца. Тогаш се договоривме нашата врска да биде „отворена“ и двајцата да се гледаме со други луѓе, но сè додека сме си еден на друг приоритет.

Во почеток, ми беше чудно тоа што го прифатив ова како сосема нормален концепт. Битен фактор од нашиот договор е да не си раскажуваме за другите партнери.

Дали другиот партнер знаел дека сте во врска?

Се разбира. Поентата на полиаморијата е сè да биде транспарентно, односно – никој никого да не изневерува. Од самиот почеток бев отворена со дечкото со кого се гледам во Скопје. Знаеше дека имам партнер во Прага, со кој не сакам да раскинам. Иако се согласи на тој концепт, сепак не му беше јасно како можеш да останеш вљубен во една личност и покрај тоа што се гледаш со друга.

Постои ли љубомора?

Иако се убедувам дека не сум љубоморна, сепак одредена доза мора да постои доколку сте во врска со некој што ви значи. Таа станува проблем само ако почне да влијае врз врската и да ве гуши. Што се однесува до моите партнери, немам забележано дека се љубоморни. Или не покажуваат или навистина сфатиле дека нема потреба за тоа.

Еднаш се најдов во ситуација која можеше да биде незгодна, но заврши со насмевка на нашите лица – тоа ми покажа дека сите размислуваме во иста насока. Имено, отидов на концерт со еден од партнерите и таму налетав на другиот кој беше со девојка. Прво ни беше непријатно, но набрзо се опуштивме и почнавме да се шегуваме дека мора да внимаваме кога ќе тргнеме накај дома – во смисла кој со кого ќе замине.

Како ги организирате средбите?

Додека дечко ми живееше во странство, се гледавме три-четири пати годишно, така што немав проблем да го организирам времето. Но кога се врати, стана покомплицирано, но добрата организација е клучот на успехот. Едноставно, кога можеме да го усогласиме времето – се гледаме. Така во ниеден миг не доаѓа до презаситување.

Јас не сум личност што мора да се види или да се слушне со партнерите секој ден. Често кога секојдневно се гледам со некого,темите за разговор пресушуваат и доаѓа до некој вид заситување. Вака, кога некого гледате еднаш или двапати неделно, а во меѓувреме водите мошне активен живот, имате за што да зборувате.

Дали е можно да се оствари длабока врска со повеќе партнери?

Тоа е прашање што може да им се постави и на оние со „нормални“ врски. Колку, всушност, се длабоки врските денес и колку инвестираме во нив? Мислам дека станува збор за нешто што е индивидуално и што се разликува од човек до човек.

За мене можам да кажам дека сум целосно предадена во секој однос, но само ако почувствувам дека и другата страна е таква. Кога би забележала дека некој од моите партнери се повлекува и се оддалечува, би раскинала. Истото би го направила и доколку почувствувам дека веќе не сум 100% „во таа приказна“.

Сите сме различни и тешко дека ќе најдете некој што целосно ви одговара, па веројатно, со текот на времето, ќе се обидете да го смените и да го приспособите на своите очекувања. Кога ќе одлучите да имате повеќе партнери, нема да го правите тоа затоа што кај секој од нив ќе препознавате нешта, интереси и особини кои и вам ви лежат, па ќе уживате во нив заедно.

Едниот од моите партнери сака да излегува, па за време на викендите, тој излегува, а јас се гледам со другиот партер, кој не сака да излегува, па заедно гледаме филмови.

Дали е возможно да се сакаат две личности истовремено?

Да ме прашавте пред две години кога бев во врска со едниот дечко, ќе ви одговорев дека не невозможно, но сега сфаќам дека ги сакам и двајцата, иако се дијаметрално различни.

Дали во секој миг можете да се потпрете на нив и дали им верувате?

Основата на секоја добра врска, првенствено, е пријателството. Ако сме пријатели, па потоа љубовници, логично е дека среде ноќ можам да им се јавам и на обајцата, доколку нешто ми затреба. Истото важи и за довербата. Со таа разлика што во ваквиот однос не размислувам дали некој ме лаже дека излегол со пријателите, а всушност е со друга девојка. Тоа прашање не се поставува.

Какво влијание има полиаморијата врз сексуалниот живот?

Многу луѓе ја поврзуваат со промискуитет, но тоа не е вистина. Факт е дека постојат и такви врски, кои се базираат исклучиво на физичката привлечност, но тоа не е мојот случај. Се разбира дека сексуалниот живот е побогат и поинтензивен отколку кога сте во врска со еден партнер, но поентата не е во тоа. Најдов двајца со кои сакам да го поминувам времето квалитетно, без разлика дали сме на патување, во театар или во кревет.

Како гледаат твоите пријатели и семејството на твојот љубовен живот?

Кога станува збор за пријателите, како што јас не ги осудувам нивните избори, така и тие не ги осудуваат моите. Во почеток, им беше чудно, не толку тоа што имам две момчиња колку тоа што знаат еден за друг и што не им пречи. Сега се навикнаа и го сфаќаат целиот тој концепт.

Семејството знае дека се гледам со двајца, но се надева дека конечно ќе се смирам и ќе се одлучам за еден од нив. Од друга страна, мене многу ми годи овој вид слобода и не верувам дека во скоро време ќе го сменам и дека ќе основам семејство.

Разговарала: Милена Михаилова

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.