Десерт за убавина и здравје: Здрав лимонов тарт

Гастро-мајстори

Рецепт на Катерина Стојановска

Катерина Стојановска за нашите читатели приготви еден вкусен и едноставен десерт што изобилува и со убавина и со здравје. Нејзините рецепти можете да ги најдете на блогот за здрава храна www.betyouarehungry.com или на инстаграм-профилот @betyouarehungry.

Состојки:

За тестото:

  • 150 г непечени бадеми
  • 160 г лешници
  • 120 г овесни снегулки
  • 100 г урми (околу 10, без семка)
  • 1/3 шолја вода
  • 1 лажица мед

За филот:

  • 300 г непечени индиски ореви (потопени во врела вода околу 20 минути)
  • 350 мл кокосово млеко
  • 3 лажици мед
  • лимонов сок од 1 голем или 1,5 среден лимон
  • рендана кора од 1 голем или 1,5 среден лимон
  • 1/2 лажиче куркума
Приготвување:

1. Бадемите, лешниците и овесните снегулки ставете ги во блендер и пулсирајте додека добиете хомогено брашно.

2. Додајте ги урмите во блендерот со брашното, водата и медот, па пулсирајте додека добиете еднобојна смеса.

3. Готовата смеса префрлете ја во калапот за тарт, кој претходно сте го испрскале со малку масло. Убаво истапкајте го тестото во калапот со влажни раце и убаво обложете ги ѕидовите со тесто за да добиете форма на чинија. Избодете го тестото со виљушка на дното и оставете го да се пече во загреана рерна на 180˚Ц, 15 минути.

4. Во меѓувреме, омекнатите индиски ореви ставете ги во блендер со малку кокосово млеко и пулсирајте додека добиете хомогена смеса. Префрлете ја смесата во сад за миксирање, додајте ги остатокот од млекото, сокот од лимон, медот, кората од лимон и куркумата. Сето тоа убаво соединете го со помош на миксер.

5. Смесата треба да биде густа и слатка, со убава светложолта боја. Доколку не е доволно густа, додајте 1 лажица мелени овесни снегулки, а доколку сакате да ја разводените, додајте уште 1 лажица кокосово млеко.

6. Печеното тесто за тарт треба целосно да се олади (околу 10 минути), па потоа да се филува. Посипете го филот врз тестото, убаво израмнете го со движење на калапот и ставете го тартот во замрзнувач околу 4 часа да се стегне. Доколку сакате да го декорирате, направете го тоа 10 минути по ставањето во замрзнувач.

7. Извадете го тартот од замрзнувач 30 минути пред првото послужување. Потоа можете да го чувате во обичен фрижидер.

Извор: Добра храна

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.