Колумна: Дуда Алапача во епизодата… Kуќата блеска, совеста чиста

Пролетта тропна на вратата, па Дуда одлучи да се „фрли“ на големо пролетно чистење на целата куќа. Иако мајка ѝ и најдобрата пријателка ѝ сугерираат дека претерува во тоа, Дуда и понатаму чисти сè по ред, за да не ја „бие малер“ во спротивно…

Тешко мене, пристигна пролетта. Види какви ми се прозорците, кога ќе блесне сонцето, секоја дамка ќе се гледа. А не помина ни една недела откако ги измив“, набројував како некоја баба. „Навистина си ужасна со тоа твое ритуално чистење“, ме прекори Гога. „Полоша си од Бри од ’Очајни домаќинки’. Ќе полудиш ако продолжиш вака. Куќата сигурно нема да ти се заблагодари.“ Да, во право е. Но можам да се заколнам дека оваа нечистотијава утрово не беше тука…

Наследна манија Текстот продолжува по огласот…

Куќата некому му е мајка, а некому маќеа. Зависи како ќе се земе. Човек мора навреме да се постави и да заземе став кон куќата. Бидејќи мора да се знае кој е газда. „Ако куќата те земе под свое, готова си“, ме предупреди. „Белки нема да ти помине животот во чешлање реси на килимот?“ Ееееех, кога ќе ги спомнат ресите… Кај нас тоа ти е фамилијарно. Некој од мајка си ќе наследи рецепт за слатко, некој ревма, некој бојата на очите… а јас од мајка ми ја наследив манијата за чешлање на ресите на килимот. Јас од неа, таа од мајка си, таа пак од нејзината мајка и така наназад… Секоја женска глава во нашето семејство страдаше од тие реси. И сите мораа да бидат под конец и снежно-бели. Не дај Боже некој да згазне на нив, па да ги искриви или заплетка – тоа е голема беља, ќе го бие баксуз до деветтото поколение.

Мајка ми сè ме научи

Покрај ресите, имам уште неколку други трипови. На пример, асепсол. Откако прочитав колку разни бактерии се кријат во домот, дезинфицирам сè по ред. Брави, телефони, чешми, далечински управувачи… Владо е на работ да шизне, минатата недела сите гаќи му ги исправ на 90 степени, му се смалиле дури за два броја, па сега го стегаат и стискаат. Но мене мајка ми ме научи дека гаќите се перат на висока температура и тоа ти е…

Барем нека е чисто сè

„Дали имаш некакви проблеми?“, ме прашува мама. „Молам?“ „Проблеми, мислам, дали нешто те мачи: Владо, детето, работата? Гледам не ја испушташ крпата од раце. И јас сакам да ми е чисто сè, но ти претеруваш.“ Уфффф… „Ти најде да ми кажеш? Се сеќаваш ли дека ме учеше облеката да ја диплам според боите? Па ме тераше да се собувам пред лифотот, за да не внесувам нечистотија дома… Осумдесет отсто од бактериите се внесуваат преку ѓонот, тоа се твои зборови, се сеќаваш? Па наредбите – правец од врата да се измијат рацете во тоалетот… И сега најде да ми префрлаш? Ти, мис Фрустрирана, ти ќе ми држиш предавања? Ти, која заработи тениски лакот од тресење ќилими… Да не си ми мајка, сешто ќе ти кажев сега.

Всушност, моја куќа, мој проблем. Некои жени одат во шопинг со часови, некои на фризер, а јас, ете, сакам сè да ми е чисто. Тоа нема никаква врска со живците.“ „Аха, нема“, ме дочека мама. „Тоа кажи ѝ го на баба ти, со години го покриваше троседот со чаршаф за да не се извалка, ќилимот го чуваше како да го родила, секогаш блескаше сè, можеше да се јаде од подот и накрај што доживеа? Алцхајмер! Ене ја сега, заборава што испрала, а што не, па само пере едно те исто. Послушај ја ти својата мајка, повеќе не се во мода куќите-аптеки. Престани да се оптоваруваш со глупости. Во твојот тоалет нема да снимаат реклама за средство против бигор.“

„Во право си, нема, но јас подобро се чувствувам кога е чисто. Мамо, постојат толку нешта во животот што не можам да ги сменам, не можам да го сменам шефот, не можам да ослабам, не можам да одам на крстосување, но барем можам да направам лавабото да ми блеска.“ „Е, дете мое, ако лавабото е единственото блескаво нешто во твојот живот, тогаш навистина не ти е лесно. Ти можеби доби машина за алишта, но не замина далеку од коритото.“

Каква мајка, таква ќерка

Фино ме среди родената мајка. А заборавила дека кога бевме мали ни ги бришеше рацете секој час. Скокаше наоколу со крпата в раце, така што мислев дека се родила со неа. Постојано нешто местеше, преместуваше, чиниите од ручекот ни десет минути не можеа да се задржат во мијалникот, веднаш ги миеше, прво со врела вода, па со ладна, па штом ќе се исцедат, веднаш се бришеа со сува крпа, па се редеа, а сега ме прашува од каде ми е тоа? Се сеќавам дека алиштата ги сортираше како да се нуклеарен отпад.

Строго сè, бело со бело, шарено со шарено, топли бои на една страна, ладни на друга. Ми беа потребни сто години да сфатам што со што се пере. И никој не можеше да ѝ  помогне, бидејќи никој не беше подобар од неа, и постојано нешто дрндаше, како: „остави, јас ќе завршам“ или „да сакаше, досега сто пати ќе го завршеше ова, а не сè да ме чека мене“. На нос ми излегуваше сè што ќе направев. Еднаш зедов да пружам алишта… Ауууу, за малку ќе ме избркаше од дома. „Како ова вака…? Види како си ги закачила кутрите мои алишта, сè ќе се истутка… и не може тоа така, малку гаќи, малку чорапи, мора да постои некаков ред…“

Беспрекорна домаќинка или глупава гуска?

„За што конкретно ни служат мајките?“, ја прашав Гога. „Да нè родат“, ми одговори. „Да, да не родат, а потоа да ни го упропастат животот. И потоа сфаќаш дека сè е лотарија. Ако те роди некоја нормална, ќе бидеш ОК. Но ако ти се падне лудача, како мојава, има да ги пеглаш и чорапите и далечинскиот да го држиш во најлон до крајот на животот.“

И јас би сакала да сум поинаква, но не сум. Ако ништо друго, барем би ми било полесно. „Пред некоја вечер лежам во креветот, и таман да заспијам, ми текна дека ми останале алиштата во машината за перење. И наместо да се свртам на другата страна, бидејќи алиштата нема да ми избегаат утрото, јас станав, ги извадив, ги здиплив во лавор, така помалку ќе се стуткаат, и додека ги пружав – дојде два и пол по полноќ. Каква гуска сум, зар не?“

„Е баш си гуска“, се согласи Гога. „Мене кога ќе ми преноќат алиштата во машина, изутрина само додавам омекнувач и уште еднаш ги пуштам на испирање. Незгодно е да ги заборавам цел ден, а вака нема никаков проблем“. „Блазе си ти, искрено ти завидувам што можеш така. Јас ако не го завршам она што сум го замислила, сè си мислам дека ќе ме стрефи некој малер. Ако размислам подобро, ќе ме стрефи што и да направам“.

Сè под конец

Девет часот навечер. Куќата блеска. Детето е чисто и заспано, постелнината сменета. Далечинскиот завиткан во гланц нов најлон. Алиштата се сушат. Работната површина во кујната – без ниедна ронка. „Владо“, му велам, „донеси ми чаша вода. Немој во таа чаша, валкана е… И остави ја водата да истече малку… Не ја пуштај водата толку силно, сè ќе ми испрскаш… Владо!“ „Молам?“ „Ќилимот се свиткал, те молам, исправи го…“ „Вака?“ „Да, добро е. Чекај, земи ја чашата да ја вратиш за да не ја оставам на масата, ќе остави дамка… И, Владо?“ „Што е?“ „Ништо, само внимавај на ресите, важи?“

Текст: Убавина и здравје

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.