Зоран Заев: „Само интегриран и поврзан регион може сигурно да чекори кон ЕУ“

Интервју на премиерот на Северна Македонија за „Економист: Светот во 2021-та“

Поради последиците од ковид-кризата во дизајнирањето на буџетот за 2021 година, за првпат имаме проекции за петгодишно планирање, бидејќи кога зборуваме за политики, за структурни измени и кога зборуваме за тоа што е есенцијално за зголемување на стандардот на граѓаните, несомнено е потребно предвидување од неколку години.

Годишното издание на реномираниот британски неделник „Економист“, „Светот во…“, третпат излезе на македонски јазик под ексклузивна лиценца на компанијата „Колор медиа плус“.

Во „Светот во 2021-та“ година, меѓу светските лидери, државници, новинари, аналитичари, политичари, своите предвидувања за идната година ги даде и премиерот на Република Северна Македонија, господинот Зоран Заев.

Ковид-19 ја разниша глобалната економија, владите ширум светот, со низа мерки, ги ублажуваа последиците од здравствено-економската криза. Кои мерки дадоа најголем резултат, кога се во прашање последиците по економијата?

Владата на Северна Македонија, од март, од почетокот на ковид-кризата, креираше четири пакет-мерки за поддршка на компаниите и на граѓаните, кои се надоврзуваа еден на друг и ги рефлектираа реалните потреби на сите категории граѓани и на стопанството.

Со нивната имплементација се обезбеди сигурност и ликвидност на компаниите и се задржаа максимално можно работните места, се обезбеди одржлива домашна потрошувачка, која зафаќа најголем процент од бруто домашниот производ.

Четвртиот пакет ковид-мерки е вреден 470 милиони евра и со претходните три пакет-мерки вкупно достигна 1,2 милијарди евра.

Последниот пакет содржи 31 мерка и е креиран преку целосно инклузивен процес, со учество на сите релевантни чинители во економскиот живот, како што се стопанските комори, синдикалните организации, академската заедница и граѓанскиот сектор.

Најголем ефект е постигнат со мерката за субвенции на плати до крајот на годината и ќе се спроведува скалесто, согласно падот на приходите кај компаниите, со што ќе бидат спасени преку 80.000 работни места, односно повеќе од 200.000 работни места вкупно за време на кризата вклучувајќи ги и мерките од претходните три пакети.

Дополнителни 100 милиони евра поволни кредити со исклучително ниска камата се обезбедени и наменети за поддршка на домашните компании преку Развојната банка на Северна Македонија.

Останатите мерки се во насока на намалување на парафискалните давачки за компаниите, грантови за најпогодените дејности, одложување на плаќања на даноци, намалување на данокот на додадена вредност за одредени производи и други мерки, кои значително ќе го олеснат работењето на компаниите во ковид-кризата.

Закрепнувањето од економските падови предизвикани од пандемијата ќе бара тесна соработка меѓу јавниот и приватниот сектор. Светската економија се преструктуира, а задача на владите е да направат добар деловен амбиент за развој на приватниот сектор. Каде ќе ги насочувате компаниите за долгорочен развој?

Приватниот сектор има важна улога во создавањето работни места и приходи за граѓаните, дополнително и преку постојаните иновации што носат нови производи и услуги на пазарот, а со тоа и додадена вредност.

Во време кога се соочуваме со економска неизвесност, предизвикот за реалниот сектор е голем. Во справувањето со предизвиците, важна е придружната улога на јавниот сектор да создаде амбиент за развој на претприемништво и иновации. Нашите насоки се кон креирање соодветен деловен амбиент, каде што неизвесноста ќе биде намалена,  а предвидливоста зголемена.

Секој инвеститор сака стабилно деловно опкружување и токму како влада се стремиме тоа и да го овозможиме. Самиот влез во НАТО носи забрзан раст на инвестициите, раст на економијата и намалување на невработеноста. Веруваме дека со стабилизирањето на состојбата од пандемијата, ефектите ќе бидат видливи.

Од друга страна, секоја криза е предизвик, но и можност за стратегиско планирање и позиционирање. Така, економските ефекти во минатото на глобално ниво влијаеја да се поттикне иновативниот раст. Да се потсетиме дека резултат на епидемијата на САРС во 2003 година е развојот на азиско-пацифичките економии преку посилна дигитална инфраструктура, што, пак, масовно ја зголеми електронската трговија.

Кога во 2008 година настапи финансиската криза, социјалното претприемништво почна да расте.  Ние, како земја не сме изолирани од овие трендови, па токму  затоа внимателно ги следиме и правиме амбиент за на среден и на долг рок, компаниите, како домашни, така и странски, да инвестираат и да иновираат. Технолошки напредно производство со висока додадена вредност, подготвено за извоз е голем стимул за националната економија.

Вложувања во инфраструктура,  енергетика, гасификација се трендови, кои на долг рок го поттикнуваат економскиот развој. Успевате ли да ги реализирате предвидените проекти и во моменталните услови на пандемија?

За три години направивме огромна разлика на планот на енергетиката. Од земја што беше ставена во ситуација да биде зависна од само еден коридор, Северна Македонија денеска е земја интегрирана во енергетски проекти.

Тукушто заврши првата фаза од повикот за воспоставување на јавно-приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас, кој ќе го донесе овој евтин и еколошки енергенс до домовите на граѓаните.

Од голема важност е и интерконекторот меѓу Северна Македонија и Грција, како клучен енергетски инфраструктурен објект, со кој се обезбедува стабилна и повисока конкурентност во снабдувањето со природен гас.

Интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, како и надградбата на постојниот нафтовод може да ја направи Северна Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан.

Фаќаме чекор и со меѓународните и со регионалните трендови и почнавме преговори за учество на нашата земја како партнер во терминалот на течен природен гас во Александропулос во Грција.

 

Ова е само дел од нашите проекти врзан за енергетските и транспортните коридори што минуваат низ Северна Македонија. Целиот Коридор 8 се реконструира, патните правци се обновуваат и за година, две, граѓаните ќе добијат целосно обновена модерна патна мрежа, која ја поврзува нашата земја со соседна Република Бугарија и со Албанија и обезбедуваме излез на две пристаништа: Бургас на Црно Море и Драч на Јадранско Море.

Тоа ќе има позитивен ефект врз поврзувањето на граѓаните од трите земји и врз унапредувањето на трговските и на економските релации меѓу компаниите.

Често се вели дека економскиот раст е можен доколку има политичка стабилност. Добитник сте на награди за човекови права, награди за мир, со заложби за дијалог и желба за напреден и економски силен Западен Балкан на патот кон ЕУ. Ваш коментар за состојбата во Западен Балкан?

Сите земји од Западен Балкан, од пред три години, пишуваат нова историја за регионот. Влеговме во нова фаза од нашата соработка, во која регионот ја презема сопственоста на многу иницијативи и процеси и носи резултати.

Тоа се потврди на годинашниот Лидерски самит на Берлинскиот процес со кој заедно претседаваа Република Северна Македонија и Република Бугарија, на кој потпишавме декларации за спроведување на две стратегиски иницијативи за нашиот регион: Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан, која е пандан на Зелениот договор на ЕУ за регионот.

Овие две иницијативи ќе го поттикнат економскиот раст и развојот во регионот и ќе понудат одговори на некои од актуелните еколошки и здравствени предизвици.

Дополнително, ЕУ, исто така, храбро ја потврди поддршката за Западен Балкан, со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра. Овој пакет ќе обезбеди голема финансиска поддршка за нашите реформски процеси и за економска трансформација на регионот. Претставувањето на Зелената агенда за Западен Балкан дополнително ќе донесе нов наратив во однос на економскиот развој и ќе помогне да се интегрира регионот во клучните политики на ЕУ.

Сите ние се согласивме дека треба да ги унапредиме нашите напори за дополнителен реален напредок во реформските процеси, како и да се унапреди регионалната економска соработка и да се постават темелите за одржлив раст. Само интегриран и поврзан регион може сигурно да чекори кон ЕУ. Визијата на акцискиот план за заеднички регионален пазар и зелената агенда го покажуваат вистинскиот правец.

Како ќе го поттикнете економскиот  раст и вработувањата на среден и на долг рок?

Нашата намера е да го удвоиме растот и од просечната стапка од 2-2,5 отсто во изминатите 10 години да стигнеме до 4-5 отсто раст во следниот период, и тоа може да се постигне преку спроведување на четирите столба на политики – заздравување од ковид-кризата, политики за забрзување на растот, политики за зголемување на конкурентноста на економијата и политики за инвестирање во човечки капитал.

Поради последиците од ковид-кризата во дизајнирањето на буџетот за 2021 година, за првпат имаме проекции за петгодишно планирање, бидејќи кога зборуваме за политики, за структурни измени и кога зборуваме за тоа што е есенцијално за зголемување на стандардот на граѓаните, несомнено е потребно предвидување од неколку години.

Буџетот за 2021 година, на првите страници ги има приоритетите, но содржи и петгодишна рамка. Тоа се: фискална консолидација во текот на пет години, потоа стратегијата за економска обнова, но и забрзување на економскиот раст, како и планот за јавни инвестиции од 2021-2025 г. Сиве овие фактори треба да ја дадат приказната, аргументите и траекторијата како ќе се реализира забрзувањето на економскиот развој, кој од 2,5 отсто просечен годишен раст во последните 10 години ќе достигне до 4-5 отсто просечно зголемување во периодот што следи.

За да се остварат овие проекции, првенствено е неопходно успешно да се менаџираат ковид-последиците, пред сѐ, од здравствен аспект, потоа од аспект на заштита на економијата и за зачувување на работните места. Забрзувањето на економскиот развој ќе го поттикнеме со поддршка на инвестициите во инфраструктурата, потоа со дигитализацијата, со справувањето со сивата економија и со поддршката на конкурентноста на економијата.

Ова последното подразбира политики што поддржуваат инвестиции, разни иновации, зголемување на конкурентноста и извозната ориентираност на компаниите, но и зголемувањето на инвестициите, освојување нови пазари и носење нови технологии. Четвртиот столб е инвестирање во човечки капитал со вложување во стабилен здравствен сектор и во образованието.

Сите реформи што ги започнувате се навистина амбициозни. Дали  имате кадровски, економски потенцијал за имплементирање европски стандарди во многу области – од општествениот живот, стопанството, па сѐ до заштитата на животната средина?

Човечкиот капитал, квалитетот на секој поединец во својата област, дополнително сакаме да го издигнеме како највисока општествена вредност. Добриот кадар во сите области, здравството, образованието, социјалата, кадарот во сите економски дејности, како и во културата и во спортот треба да биде мотивиран и високо ценет. Успехот на секој поединец е и национален успех.

Пандемијата ни даде јасен сигнал дека неколку столба се клучни за функционирањето на државата и во нив мора да се инвестира инфраструктурно, но и кадарно, како здравството, економијата, образованието и правосудството.

Во таа насока, сите капацитети се екипираат и се зацврстува отвореноста за соработка на владата со најеминентните економски експерти од сите области, претставници од академската заедница, од институциите, коморите, работодавачите, синдикатите, како и граѓанскиот сектор.

Владата силно се залага за севкупен општествен развој и за подобрување на животниот стандард на граѓаните. За сето тоа да се спроведува на здрави темели, би сакал да напоменам дека следната година, по две децении одлагање, ќе го спроведеме пописот за општо добро и за планирањето на развојот на државата.

Државниот завод за статистика непречено ги извршува сите подготовки за организирање на пописот во април 2021 година, според меѓународните прописи и стандардите на Евростат, како статистичка операција која е важна за државата и за граѓаните.

Текст: „Светот во 2021-та“

Фото: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.