ШРЕДИНГЕРОВАТА МАЧКА: Додека не ја отворите кутијата, нема да знаете што се случило со неа!

У&З колумна

Постојано живееме во страв од нашите избори бидејќи не знаеме дали таа една наша одлука што треба да ја донесеме ќе даде позитивен или негативен резултат

„Нема да знаеш ако не пробаш“ – колку пати сте го слушнале ова во момент кога сте се двоумеле дали да направите нешто? Без разлика дали станувало збор за патување, нова работа, нова љубов, селење, започнување ново хоби, па дури и најбанална работа како што е пробување храна што не сте ја јаделе претходно. А колку ви има помогнато овој совет со кој непромислено се расфрламе секогаш кога некој друг (но не и самите ние) се соочува со дилема? Најверојатно не многу, бидејќи полесно е да се каже отколку да се примени. Никој не сака да направи нешто за кое подоцна би зажалил, и затоа нормално е да се биде претпазлив. Напуштањето на удобната зона е страшно, ризично и може да го наруши нашето мирно секојдневје. Но што ако го земеме предвид фактот дека оваа фамозна реченица не е толку наивна, напротив, нејзината вистинитост ја поддржуваат начелата на квантната механика (чекај, што?!)

Експериментот на Шредингер

Зошто одеднаш зборуваме за квантна механика, ќе се запрашате, и тоа е разбирливо, но животот е парадоксален, а токму тоа го докажува Шредингеровата мачка! Да тргнеме од почеток. Австрискиот физичар Ервин Шредингер создал експеримент со цел да го докаже парадоксот на квантната суперпозиција (постоење на повеќе нешта истовремено). Неговата хипотетичка мачка може да се смета и за жива и за мртва истовремено, бидејќи нејзината судбина е поврзана со случаен настан кој може, но и не мора да се случи. Да илустрираме: имате мачка која ја затворате во кутија со нешто смртоносно внатре. Но не можете да знаете дали мачката е жива или мртва додека не ја отворите кутијата. Сѐ дотогаш, мачката е истовремено и мртва и жива. Од математичка гледна точка, шансите се 50-50.

Според законот на квантната механика, мачката е во парадоксална состојба на живот и смрт истовремено, додека некој види што ѝ се случило. Па така, конечниот резултат зависи од набљудувачот – тој одредува дали состојбата на мачката ќе остане непозната или ќе стане 100 отсто сигурна. Е, како може некој да биде и жив и мртов во исто време, ќе си речете, и тоа е сосема на место! Но ќе се согласите дека судбината на мачката е во рацете на набљудувачот, а тоа сте вие. Единствениот начин да дознаете е да ја отворите кутијата.

 

Страв од донесување одлука

Да го тргнеме на страна овој морничав експеримент и да се фокусираме на реалноста. Да речеме дека сте излегле со друштво и не знаете каде да јадете по диско („Ла Делишес“ или „Силбо“ и не е така лесна одлука). Додека не се договорите или еден од вас не „пресече“ за целата група, секоја можна опција е во игра. Според Шредингер, додека не се случи иднината, сѐ во животот постои во состојба на суперпозиција на сите можни сценарија.

Постојано живееме во страв од нашите избори бидејќи не знаеме дали таа една наша одлука што треба да ја донесеме ќе даде позитивен или негативен резултат. Се плашиме да пробаме нешто ново, бидејќи излегувањето од удобната зона ѝ претставува најголема закана на нашата добро позната рутина. Стравот од промена или неуспех толку многу преовладува што не ги ни земаме предвид шансите за успех.

Напуштање на комфорната зона

Додека не преземеме ризик, додека не собереме храброст и не ја отвориме кутијата, никогаш нема да знаеме што нè чека на крајната дестинација: награда или разочарување. Поентата е во тоа да донесете одлука, затоа што отворањето на кутијата не ве прави непромислени, туку храбри. Иронично, но додека ја пишував колумнава и веќе бев при крај, а рокот се ближеше со брзина на светлината, лаптопот реши да откаже и да ми го „замрзне“ документот. Имав избор да чекам до недоглед за да се „одмрзне“ или да го рестартирам лаптопот, со што ризикував да го изгубам засекогаш. Во тој момент, сè што имав напишано истовремено и постоеше некаде во дигиталната меморија и беше избришано од неа. Одлуката беше моја да преземам нешто и да дознам. Во мојот случај, за среќа, мачката беше жива.

          Пишува: Марија Лукаревска

 

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, GETTY IMAGES

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.