Плејлиста на ДАНИ ДИМИТРОВСКА: „Не може да постои свет без музика“

Пуштете музика!

Со Дани за музиката и љубовта

Со песната „Има љубов во нас“ го најави својот нов албум и испрати универзална порака за среќа и мир: љубовта е лекот. Дани Димитровска вели дека секој сам може да им стави крај на војните во себе, а нејзината музика служи само како потсетник дека има љубов во сите нас.

Албумот сè уште е во изработка, нема датум на издавање и додека не му дојде вистинското време, ќе продолжи да ги издава песните што треба да се најдат на него.

„Содржината е конкретна, стремеж кон промена… Звукот очекуван, концептуално издржан со директни пораки и реални емоции“, открива Дани, додека ние со нетрпение чекаме да слушнеме повеќе.

Вели дека при секое трепнување има некаков предизвик кога станува збор за создавање авторска музика, но ја издвојува неповолната клима за македонска музика како генерален предизвик. Не знае што ја издвојува од другите музичари и пејачи, но добро знае што ја спојува:

„Тоа е љубовта кон професијата и истите предизвици со кои се соочуваме. На крајот од денот, сите сме луѓе и имаме различни карактери, навики, па и вредности. Затоа, пристапот кон музиката е индивидуален.“

Дани цврсто стои на ставот дека не може да постои свет без музика и за неа музиката е прв избор на изразување. И многу истражувања покажуваат дека способноста да се пренесат идеи, емоции и искуства преку музика е уникатна и честопати помоќна од самите зборови. Текстот, ритамот, жанрот и стилот на една песна можат да отсликаат низа лични доживувања и да разбудат голем спектар на емоции.

Плејлистата на Дани

Додека чита: Која била амбиентална инструментална музика, на пример Ambient 1 на Брајан Ено

Додека готви: Unknown Legend, Нил Јанг; Heroes, Дејвид Боуви; Kiwi , Хери Стајлс

За прошетка низ град: Дани и Пијан Славеј – „Бегаме“

За добро расположение: Фолтин – „Кој може да расипе еден ваков ден“

За тешките животни мигови: Smile, Чарли Чаплин; You Learn, Аланис Морисет

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Дали знаете како „правилно“ да слушате музика? Еве како да ги почувствувате сите нејзини придобивки!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.