Дали знаете како „правилно“ да слушате музика? Еве како да ги почувствувате сите нејзини придобивки!

Пуштете музика!

Дали знаете како „правилно“ да слушате музика за да го извлечете максимумот од нејзините придобивки?

Никогаш не излегувате од дома без слушалки? Или инсистирате да ви свири музика во заднина додека работите нешто? Тоа воопшто не е лоша навика, напротив! Но дали знаете како „правилно“ да слушате музика за да го извлечете максимумот од нејзините придобивки?

Мелодиите со бавно темпо предизвикуваат физиолошки промени поврзани со намалувањето на анксиозноста, тврди истражување на Универзитетот Торонто метрополитен. Музиката е моќно средство за регулација на расположението, притоа најголем ефект се постигнува со постепено преминување од музика што е во согласност со вашето моментално расположение и емоционална состојба во побавна музика за релаксација. За да ви ја илустрираме оваа замисла, составивме водич, чекор по чекор, за спуштање од емоционална возбуда кон состојба на аудитивен мир. Кога ќе почувствува дека ви треба „ресетирање“, можеби ќе бидете во искушение веднаш да преминете на порелаксирачки мелодии, но немојте – ние имаме поинаков план за вас. Само следете го овој пример!

ЗА ПОЧЕТОК… Како се чувствувате? Луто? Анксиозно? Преплавено со различни емоции? Одберете песна што е во согласност со вашите моментални чувства. Можеби нешто како Drivers License од Оливија Родриго.

СЛЕДНО… Спуштете се малку пониско. Слушајте нумера со средно темпо, како што е Goodbye Yellow Brick Road од Елтон Џон. Дали чувствувате ослободување од напнатоста?

СЕГА… Пуштете џез-балада, на пример You Go To My Head од Били Холидеј, додека преминувате во посмирена состојба. Би требало да почувствувате како срцевите отчукувања ви забавуваат.

КОНЕЧНО… Завршете со релаксирачко адаџо, како што е клавирската соната бр. 8 на Бетовен и почнете да дишете полека и длабоко. Дали сега се чувствувате многу подобро?

ЗВУЦИ НА УСПЕХ

Еве уште неколку правила врз основа на кои можете да креирате сопствени лековити плејлисти.

Усогласете ги вибрациите. „Одберете музика што ви се обраќа вам“, вели композиторката Шон Хајм. Целта на плејлистата е да ги храни емоциите. Таа препорачува да направите плејлиста на песни слични на една основна песна што го доловува посакуваното чувство. Прво, одлучете што сакате да почувствувате или да правите и фокусирајте се на емоционалниот однос кон кој тежнеете.

Останете доследни. Музиката со специфична тема, жанр или од одредена епоха, создава обединето искуство што им овозможува на мелодиите непречено да течат. Доследноста помага да се опфати голем избор од она што е достапно. Комбинирањето слични мелодии овозможува групирање одредени песни во компактна форма, што води кон првичната намера (усогласување на вибрациите) за секоја песна што ќе ја додадете.

Изградете градација. „Креирајте променливо енергетско ниво“, советува Хајм. Обидете се постепено да го зголемувате интензитетот, темпото или познатоста на мелодиите како што ќе навлегувате подлабоко во вашата листа на песни. Највозбудливата точка, односно најпрепознатливата песна, би требало да биде на средина. Завршните песни треба да бидат смирувачки и да имаат ефект на зближување, слично на она што ѝ претходи на разделбата, пред да кажете збогум. На крајот, би требало да имате чувство на задоволство. Совладајте ја уметноста на изработување плејлисти за секоја ваша лична потреба или социјална пригода.

Што кога би можеле да ја видите музиката?

„Да, некои луѓе можат. Тоа се вика хроместезија, невролошка појава во мозокот кога одредени звуци, како оние на музиката, покренуваат искуство на бои. Тоа е вид на синестезија (кога стимулација на едно сетило предизвикува стимулација и реакција на друго) или „мешање на сетилата“, вели Дејвид Иглмен, невронаучник од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија.

Според истражувањето, 2 до 4 отсто од луѓето се синестети, а хроместезијата е една од формите на синестезија. Па како изгледа тоа?

„Гледам црвена боја кога ја слушам или свирам нотата До и зелена кога ја слушам нотата Сол. Ако нотата е во долниот регистар, бојата се манифестира лево од мене, а ако е повисока, се појавува надесно“ (Кејтлин Хова, софтверска инженерка и музичарка).

„Ја сликам музиката што ја слушам. Музиката создава бои и текстури во мојот ум, кои се движат во ритам, како интерен музички спот. За мене, Life On Mars од Дејвид Боуви е експлозија на сина, жолта и розова“ (Мелиса Мекракен, уметница).

„Кога ќе поминам покрај куќа со ѕвончиња на дрвјата, ако ги слушнам додека ги ниша ветерот, гледам прелевање на сини и розови ѕвездички. Исто така, цели песни поврзувам со бои. Truth Hurts на Лизо е полна со сенф-жолти и златни топки“ (Керолин Харт, авторка што се залага за синестетите).

Звучен оргазам

Додека слушате музика или гледате филм што буди нешто длабоко во вас, вашата кожа реагира. Постои научен термин за оваа појава – frison или „кожен оргазам“.

„Зборот е изведен од францускиот збор за треперење, чувство на полазување морници“, вели Дејвид Хурон, професор по музика.

„Технички, станува збор за одговор што ја контролира температурата, како реакција на застрашувачка дразба. Нашиот одговор потекнува од мозокот. Кога ќе доживеете нешто алармантно, субкортикалните области реагираат од страв, при што вашиот фронтален лобус испраќа инхибиторни сигнали до амигдалата, дел од мозокот што го процесира стравот, за да ве извести дека сте безбедни“, вели професорот Хурон.

„Еден начин да се предизвика frison е да се зголеми ‘ризичноста на музиката’“, тврди тој.

Под ризичност се подразбираат звуци со многу високи тонови, изобличен звук на електрична гитара и други неочекувани елементи, со ненадејни ноти. Тоа би можело да биде хевиметал или некоја друга музика што не ја слушате вообичаено. Одредени фактори влијаат врз создавањето таков впечаток: неочекувани гласови, звуци слични на врисок, гласни звуци, екстензивни тонови (кои се дистрибуираат низ просторот), ниски тонови (поврзани со агресија), инфразвучни (ниски тонови што речиси и не се слушаат) и акустичка близина (звуци од блиската околина).

Подготвиле: Марија Лукаревска и Лидија Ќулибрк

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.