Лекциите што ги учиме: Наши познати дами ни открија како го замислуваат светот по добата на коронавирус

Што нѐ очекува?

Нашите соговорнички ни открија како ги променила новонастанатата ситуација…

Полека почнуваме да се враќаме во нормала, со надеж дека деновите на самоизолација и ограничено движење се далеку зад нас. Сепак, битката не е завршена и ќе треба да помине уште некое време за да можеме да кажеме дека сме го победиле невидливиот непријател, познат како ковид-19. Но не можеме да кажеме дека седењето дома има само негативни страни. Напротив!

Времето поминато дома, во самоизолација, нѐ поттикна на размислување и согледување на вистинското значење на нештата. Некои од работите што претходно ни биле приоритети ги заменивме со нови, посуштински вредности. Како го замислуваат светот по добата на коронавирусот, но и како ги променила новонастанатата ситуација, ни открија нашите соговорнички…

Време е за менување на вредностите од корен

ДАНИ ДИМИТРОВСКА, пејачка

ПРЕДИЗВИЦИ ВО ДОБА НА КОРОНА: Периодов е како црно-бел трилер. Обоен во сиво, во време на црвени булки, зрели глуварчиња и мајски бумбари. Период во кој ако си нонстоп на Фејсбук, при здраво тело и дух, можеш да оболиш и во двата сегмента. Телото од паника, а духот од бескрајниот океан на лоши вибрации. Ете ти предизвик… Да се информираш без да забегаш по теории на Интернет и да се инспирираш без да те повлечат во бездна за време на наивното „скролање“…

НАЈГОЛЕМИОТ СТРАВ: Што ме плаши? Живот без соживот. Здив без музика. Човек без емоција. Моќта на лобирањето во корист на душата, која ја сметаме за највредна, чинам ја имаме изгубено многу пред овој нокаут што го доживуваме во моментов. Можеби колапсов бил неопходен, дај боже да се покаже како поучен, во секој случај со црвено подвлекува дека е неизбежен. А дури и во неизбежноста постои избор.

СВЕТЛА ТОЧКА НА ИЗОЛАЦИЈАТА: Можеби ова е оној принуден период на запрашување до кај сме. Можеби е период на посветување на себеси и негување, или е период на обвинување и плукање… Избор. И одлука. Пробај прифати се, вдиши-издиши со љубов за себе и соседот од трети… Пробај ислушај ја мајка ти, отвори семеен албум, прашај ја за нејзините искуства кога била на твои години, идентификувај се, зближи се… Испиј едно пиво со татко ти, прости им на сите што си ги стегнал околу врат како ортома… Ослободи се, погледни во сонцето. Мене ме радуваат сите македонски филмови емитувани периодов. Уживам во комфорот на пижамите со кои се вклучувам на ТВ и пишувам во моментов.

КОГА ЌЕ ПОМИНЕ СЕТО ОВА… Во добата по пандемијава посакувам магично менување на вредностите од корен, подигнување на оние суштинските што го негуваат сочувството, а пижамите да станат постулат на модно движење како израз на слобода, без можност за осуда.

Научив да го застанам моето време

ФРОСИНА ПАРМАКОВСКА, писателка

ПРЕДИЗВИЦИ ВО ДОБА НА КОРОНА: Моите предизвици не се разликуваат драстично од оние на целиот колектив, а пред сѐ се однесуваат на наглата промена во начинот на движење и дејствување, начинот на комуницирање и дружење…

НАЈГОЛЕМИОТ СТРАВ: Стравот, во нормална мера, треба да е присутен кај сите. Мојот личен страв се поврзува со здравјето на моите блиски. Ми се јавува огромна загриженост секогаш кога ќе видам огромен број луѓе што претерано се опуштиле заедно со попуштањето на мерките, а најмногу ме плашат оние што живеат во паралелен свет, во кој вирусот не постои.

СВЕТЛА ТОЧКА НА ИЗОЛАЦИЈАТА: Мојот карантин се совпадна со работата на мојот последен роман, а пишувањето изискува изолација и самотија. Научив и многу работи. Научив дека мајка ми го меси најубавиот леб; дека внук ми не можел да заспие навечер затоа што татко му се лекува од корона во болница; дека не било воопшто тешко да се зготви спанаќ со ориз… Периодов, покрај пишувањето, мене ми го одбележаа и ваквите навидум мали нешта, за кои обично немаме време. Верувам дека научив да ги затворам очите, да го застанам моето време, и тогаш кога целиот свет некаде ита, со целиот спокој во мислите да ги пуштам овие приказни да влезат во мене.

КОГА ЌЕ ПОМИНЕ СЕТО ОВА… Доколку трагата од коронавирусот остане во смисла на разбудена свест кон светот и неговата кревкост, грижа за другиот, подобрувања на сознанијата за вредностите, за сите оние нешта што ни стануваа видливи дури откако ќе ги загубиме – тогаш, моите лични очекувања и надежи ќе бидат исполнети.

Среќата на семејството е најважна

САЊА ДИМИТРОВСКА, новинарка

ПРЕДИЗВИЦИ ВО ДОБА НА КОРОНА: Дружбите, постојаното одење на терен, пиењето кафе собрани сите на купчe, одеднаш станаа далечно минато и потенцијална опасност. Се смени начинот на работа, а апликацијата Зум стана секојдневие. Најголем предизвик надвор од работното место ми е чекањето ред за да влезам во маркет, кое знае да трае и половина час.

НАЈГОЛЕМИОТ СТРАВ: Ќе излажам ако кажам дека на почетокот не ми беше страв. Многуте информации за починати од вирусот ме натераа веднаш да им се јавам на моите и на родителите на сопругот. Не сакав да ги исплашам, туку им кажав да внимаваат на своето здравје. Секако, на прво место ми беа децата, кои одеднаш прекинаа со настава. Секој ден на менито мора да имаат здрава храна за добар имунитет.

СВЕТЛА ТОЧКА НА ИЗОЛАЦИЈАТА: Целото време посветено на семејството е најпозитивното нешто. Пред кризата, животот ни беше трка со времето. Брзај да ги однесеш на училиште, потоа на физички активности, курсеви и, дури трепнеш, денот поминал. Сега уживав. Гледање филмови, учење математика и ликовни вештини со синовите, па дури имав време и за експериментирање со готвење.

КОГА ЌЕ ПОМИНЕ СЕТО ОВА… Ништо повеќе нема да биде исто. Прегратките со пријатели и колеги, кафанските собирања, шетањето низ полни трговски центри, барем засега ќе останат во минатото. Се надевам ќе сфатиме дека здравјето е најважно. Со пари може да се купи сѐ, но не и здравје… И за крај – домот е местото од каде што излегуваме и каде што на крајот на денот повторно се враќаме. Среќата на семејството е најважна и таа во вакви моменти може да ги победи и најопасните вируси.

Продолжете на следната страница за да прочитате како размислуваат преостанатите наши соговорнички…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.