Филмски лексикон на Даријан Пејовски: Погледнете филмови по препорака на нашиот режисер

Што да гледате викендов?

Филмови што го заслужуваат вашето внимание

Режисерот Даријан Пејовски моментално е актуелен со неговиот најнов филм „Мими“, кој оствари забележителен успех, а можете да го погледнете на репертоарот во Кинотека. Прочитајте го нашиот разговор и погледнете ги неговите филмски препораки – викендот е идеален за тоа!

Кој филм го сметаш за култен?

„Волшебник” – нихилистички трилер од 1977-та, во режија на Вилијам Фридкин. Тензијата на моменти е неподносливо добра, а музиката на „Танџерин дрим“ долго останува со вас.

Со кои актери/актерки би сакал да работиш?

Работата со актер/актерка е интимен процес и не би можел паметно да одговорам на прашањево, затоа би се потсетил на хероите од моето детство: Шварценегер, Сталоне, Николас Кејџ, Шерон Стоун… Што се однесува до домашните, со повеќето актери/ки со кои сум сакал – сум работел и би работел повторно.

Серија или филм?

Филм засекогаш. Од гледање серии бегам како од ѓавол, бидејќи лесно се навлекувам – последно тоа ми се случи со „Одвојување“ (Severance) и „Бавни коњи“ (Slow Horses).

Како ја гледаш иднината на македонскиот филм?

Предвидувам дека ќе има уште неколку успеси од колеги и колешки што допрва треба да го снимат својот прв филм. Посакувам да имаме сè повеќе публика на домашни филмови во киносалите.

Топ 5 филмски препораки?

1. „Вртоглавица” (1958) на Алфред Хичкок – Има зошто по 60 години сè уште се пишува и се анализира за овој филм.

2. „Кучиња од слама” (1971) на Сем Пекинпо – Вознемирувачки, да не речам грозен, приказ на човечката природа. Дастин Хофман е фантастичен.

3. „Самурај” (1967) на Жан Пјер Мелвил – Бескрајно цитиран и копиран, никој не може да му парира на Ален Делон.

4. „Кинески кварт” (1974) на Роман Полански – Веројатно едно од најдобрите сценарија, совршено изведено.

5. „Жеравите летаат” (1957) на Михаил Калатозов – Ако некому му се плаче, нема подобра препорака.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Мал филмски лексикон на Лидија Мојсовска: Погледнете филмови по препорака на нашата режисерка
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.