Во прво лице со Полина Тасева: „Исполнета сум со љубов што ми ја дава широкиот опус на музиката!“

Искрено со младата и талентирана пејачка која неодамна го промовираше синглот „Игра“

Полина Тасева е релативно ново име на домашната музичка сцена. Неодамна го промовираше своето деби, „Игра“, а стана дел и од семејството на ПР агенцијата „Промостејџ“. Токму овие новитети беа и повод за да поразговараме со оваа убавица. Еве што се’ ни откри за „Убавина и здравје“…

 

Оперска пејачка која успешно плови во светот на поп – музиката. Музички едуцирана и поткована дури и со магистратура што е реткост на домашната музичка сцена. Дали ова значи дека отсекогаш знаеше дека музиката е твојот повик?

— Бидејќи потекнувам од музичко семејство (татко ми е флејтист), откако знам за себеси моето секојдневие беше исполнето со музика и запознавање на различни инструменти. Најпрвин од најрана возраст започнав да го посетувам балетското училиште при МОБ, потоа во текот на растењето надвладеа љубовта кон музиката и свирењето клавир. Успешно го завршив основното музичко училиште, со уште поголема желба да продолжам во средното музичко на отсек оперско пеење. Операта е посебна професија, тоа е работа со грло и глас, умешност и комплетно внесување во улогата. Бидејќи го сфатив тој процес и ми беше предизвик уште од самиот почеток на изучување на оперското пеење, продолжив на Факултетот за музичка уметност- Скопје. По завршувањето на факултетот продолжив со магистерските студии. Тоа не значи дека тука е крајот на високата музичка наобразба, тој процес продолжува и ќе трае цел живот, а успехот е релативен во зависност колку се трудиме и работиме.

Неодмна го промовираше твоето деби, кажи ми нешто повеќе околу синглот и видеото? 

— Песната „Игра” премиерно го зема своето место на Јутјуб платформата пред две недели. Радосна сум што бројот на гледаност се зголемува сѐ повеќе. Тоа ми дава надеж дека на слушателите им се допаѓа тоа што сме го направиле. Тимот со кој ја работевме „Игра” се вистински професионалци и драги личности кои безусловно дадоа се од себе да дојдеме до посакуваниот производ. Со Иван Петровски ја напишавме музиката и текстот. Тој го направи аражманот. Како продуцент на песната се потпишува Роберт Билбилов. Целата приказна за видеото ја сработевме со Владислав Гавриловски. Тој го снимаше и монтираше видео записот.

Паралелно работиш и во МОБ каде што си хонорарно ангажирана, опера или поп, кој и бил твојот избор?

— Ангажираноста како хорист во Македонската опера и балет е со голема љубов и посветеност од моја страна. Пред сè голема предност за искуството на еден млад пејач. Определбата кон операта не може да згасне бидејќи е започнат чин кој сè уште ја развива својата приказна. Изминативе години имав можност да пеам главни улоги во оперети, концерти, гостувања во други земји и детски претстави. Сето тоа за мене е добар почеток кој ќе се калеми и понатака. Во поглед на поп музиката продолжувам да ги реализирам идеите во нови музички креации заедно со мојот тим.

Контра поп музиката е трап музиката која што е доста популарна периодов. Кое е твоето мислење, дали дел од тие теми можат да прераснат во евергрини или тоа е само музички правец со рок на траење и минлива слава и вредност? Кое е твоето генерално мислење за тој нов бран на музичари кои условно „газат“ на социјалните мрежи… Ти се допаѓа ли она што го работат 2Бона, Таско, Раста, Буба, Јала…?

— Секој правец во музиката е одлика на некој временски период, и секој оној кој твори во било која музичка насока верувам го прави тоа вистински и одговорно во чест на музиката. Според мене домашните артисти би требало повеќе да се промовирани од страна на нашите медиуми, квалитетот е обемен, а публиката може да одбере што и се допаѓа. Лично мене ми е важна пораката и идејата зад секое музичко дело независно од правецот дали е поп, фанк, џез, блуз или трап музика. Ако треба да одберам, би одбрала парче музика што има своја тежина, дали во текстот, дали интерпретацијата, начинот на пренесување порака, хармонска подлога итн… Можеби така се создава евергрин кој нема рок на траење, иако публиката е таа која најдобро може да процени.

Кариера и љубов, дали одат рака под рака? Кога велам љубов, мислам на емотивен статус, дали си заљубена, ако си дали имаш поддршка од партнерот?

— Љубовта е водилка, а емоцијата знае да копка и отвора скриени патеки. Да и дадеме шанса на љубовта да ни помага и да не поттикнува во градењето на кариерата. Да бидеме свои со доблестите и слабостите без срам и страв, така љубовта станува вистинска, а поддршката неизмерна. Јас сум исполнета со љубов што ми ја дава широкиот опус на МУЗИКАТА.

Една порака за сите читатели на „Убавина и здравје“, кој е твојот рецепт за „Убавина и здравје“?

— Убавината на еден човек ја создава внатрешноста, душата и срцето, вербата и љубовта. Според мене тие одлики го прават човека најубав. Чувајте го здравјето и молете се зашто тоа ни е најважно.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.