10 факти за слабеењето на видот што ќе ве изненадат

Научниците стравуваат дека до 2050 година половина од луѓето во светот би можеле да бидат кратковиди или да страдаат од проблеми со губење на видот.

Според статистичките податоци на СЗО, речиси 300 милиони луѓе имаат проблеми со видот. Со текот на годините станува полошо, па, според прогнозите, во 2050 година кратковидоста ќе биде проблем за речиси пет милијарди (!) луѓе, а сето тоа поради „богатствата“ на цивилизацијата – електронските уреди, седењето на компјутер на сметка на шетањето и одморот, работохоличарството и друго. И не само тоа.

Кратковидоста (кога слабо гледате на далечина) е најраспространета патологија на видот и најчесто се развива во детството. При вистинска кратковидост (миопија), очното јаболко се зголемува, но од правилниот кружен облик се протега во должина. Како резултат на тоа, светлосните зраци не се фокусирани на мрежницата, туку пред неа, а лицето почнува да гледа послабо.

Миопијата е најраспространета кај децата на училишна возраст и студентите, бидејќи тие постојано го оптоваруваат органот за вид. Ако зборуваме за наследниот фактор, веројатноста проблемот да се пренесе од родителите на децата е помеѓу 50 и 100%, особено ако станува збор за миопија од низок и среден степен.

Истражувањата на научниците покажаа дека кратковидоста не ја предизвикуваат толку компјутерите и мобилните телефони, колку лошото осветлување. Имено, кај децата што поминуваат помалку време на дневна светлина, визуелниот систем се развива побрзо, но исто така побрзо напредува и кратковидоста.

Заклучок: Децата треба да поминуваат повеќе од еден час дневно на дневна светлина (идеално е најмалку два часа). Тоа помага да се спречи развој на миопија или да се запре нејзината прогресија.

Научниците откриле дека луѓето со астма и опструктивна апнеја (запирање на дишењето за време на спиењето) имаат значително зголемен ризик од кератоконус. Тоа е болест во која многу брзо на млада возраст се развива кратковидост.

Во случај на кератоконус, рожницата (надворешниот слој на окото) слабее и постепено се деформира во форма на конус.

Постои и т.н. психолошка миопија. Нејзината причина е „не гледам затоа што не сакам да гледам“. По специјалната терапија, кај пациентите навистина се забележува подобрување на видот.

Денес се широкораспространети следните основни методи за корекција на кратковидоста:

Очила. Најбезопасен, но во исто време и најнепријатен начин. На пример, на луѓето што носат очила им е тешко да спортуваат. Тие, исто така, често се замаглуваат и не обезбедуваат квалитетен поглед од страна.

Контактните леќи се удобни, но и овде постојат одредени нијанси. Главната опасност во нивната неправилна употреба е бактерискиот кератитис (воспаление на рожницата). Сепак, клучниот збор е „неправилно“. Ако правите сѐ како што треба и одржувате хигиена, леќите се безопасен начин за корекција на видот.

Ласерската корекција е најбезопасниот начин по очилата, особено кога станува збор за современите методи. Со помош на ласер можете да го вратите идеалниот вид. Најважно е да нема индивидуални контраиндикации за операцијата.

Практично сите луѓе на возраст над 40-50 години што во младоста имале одличен вид развиваат старечка далековидост (презбиопија), кога им станува тешко да ги разликуваат предметите во близина, да читаат итн. Притоа прогресијата на болеста е различна за секој поединец. Методите на корекција се исти: очила, леќи и хируршки третман.

Погрешно е мислењето дека кратковидоста може сама да исчезне со годините, односно може да премине во старечка далековидост, од минус во плус. Едноставно, со текот на годините се појавува потребата од носење неколку вида очила: посилни за далечина (возење автомобил, кино), средна диоптрија за работа на компјутер и најслаба за читање.

Дали е можно да се подобри видот со јадење моркови? Кога би било барем сè толку едноставно!

Каротинот што се наоѓа во овој зеленчук е навистина корисен за здравјето. Сепак, митот за чудотворното дејство на морковот е отфрлен. Него го создале американски научници за време на Втората светска војна, за да се прикрие изумот на радарот што им овозможувал на пилотите да „гледаат“ непријателски авиони ноќе. Тогаш намерно била рашири информацијата дека острината на видот на пилотите се должи на морковите што ги јаделе редовно.

ПОДГОТВИЛА: БОЈАНА СТОЈМЕНОВИЌ

ФОТО: PEXELS / MIKHAIL NILOV

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.