Како да јадете поздраво, а да заштедите? Применете ги овие едноставни стратегии!

Фото: Getty Images

Не е тајна дека поздравата храна, на пример овошјето и зеленчукот (особено ако се органски), е поскапа од преработените намирници. Сепак, здравата исхрана не мора да биде прескапа доколку ги применувате овие едноставни стратегии.

СВЕСТА ЗА ВАЖНОСТА ОД КОНСУМИРАЊЕ здрава храна е во пораст и кај нас. За тоа дополнително придонесоа епидемијата на коронавирусот и сознанието дека за подобар имунитет треба да внимаваме како се храниме. Сепак, многумина сè уште веруваат дека поздравата храна не им е достапна, бидејќи е премногу скапа. Но тоа не мора да е точно ако ѝ пристапите на вистинскиот начин.

ДАЈТЕ ИМ ПРЕДНОСТ НА ДОМАШНИТЕ ОБРОЦИ

Факт е дека има денови кога сме премногу зафатени или едноставно не сме расположени за готвење. Но готовите јадења можат астрономски да го зголемат нашиот месечен буџет за храна. Готвејќи дома, со примена на разновидна свежа храна (овошје, зеленчук, месо, млечни производи…), со житарки и мешунки, можете да приготвите вкусни здрави оброци за многу помалку пари.

Истото тоа важи и за оброците што ги јадете на работа: спакувајте го и однесете го на работа она што сте го приготвиле дома. Така ќе заштедите пари и ќе се храните поздраво.

ПЛАНИРАЈТЕ ОДНАПРЕД

Осмислувањето оброци за цела недела може да ви помогне да заштедите, но и да фрлите помалку храна. Прво, проверете што имате во фрижидерот и шпајзот, па размислете како можете да ги искомбинирате овие намирници во јадења за следните неколку дена.

Потоа, испланирајте што ќе зготвите за секој оброк во текот на неделата, составувајќи список со потребните состојки што мора да ги купите. А кога ќе се најдете во маркет, стриктно придржувајте се до списокот!

ГОТВЕЊЕ „НА ГОЛЕМО“

Дури и ако сте се придржувале до списокот и рецептите, може да ви остане вишок храна. Но тоа е во ред – ако ги искористите остатоците. Размислете на кои начини можете повторно да ги користите – можеби во супа или во сендвич? Исто така, исплатливо е и да ги замрзнете вишокот оброци во чинии со големина на една порција. Ова е поволно решение кога не сакате да готвите, а секој член на домаќинството ќе може да избере јадење по свој вкус.

КУПУВАЈТЕ СЕЗОНСКИ

Вреди да размислите кога и каде да купувате храна за да заштедите. Дополнително, купувањето сезонска, локално одгледувана храна не само што е подобро за вашиот паричник туку и за околината (транспортот е многу пократок, што значи дека помалку се емитуваат издувни гасови!). Сезонските производи се поевтини, затоа размислете да купите поголемо количество, да го замрзнете и консумирате во текот на целата година. Исто така, не плашете се да купувате замрзнато овошје и зеленчук. Хранливата вредност е многу слична со онаа на свежите производи. Само погрижете се да нема додаток на шеќери или соли, особено ако се мешавини.

ИЗБЕРЕТЕ РЕФУС-ПРОИЗВОДИ

Купувајте во продавници што овозможуваат масовно купување. Постои голема веројатност таму да добиете состојки, како ориз, леќа или јаткасти плодови, по поповолна цена. Ако купувате на пазар, одете пред крајот на работното време – можно е да наидете на продавачи што ќе ја намалат цената само за да не ја вратат стоката. Покрај тоа, со купувањето на пазар им давате поддршка на локалните производители и трговци.

КОГА НЕ ЗНАЕШ ШТО ДРУГО – ПОМЕШАЈ И ИСПРЖИ!

Познатата техника на помешување на состојките во тава и пржење на силен оган (stir-fry) е совршен начин да го потрошите остатокот од зеленчукот што ќе го најдете во фрижидерот. Остатоци од блитва, стапчиња целер, половина пиперка – сето тоа може да се стави во тава, да се испржи, измеша и послужи со ориз и пржено јајце.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.