Постојано комуницираат со мозокот: Овие микроорганизми ни го чуваат животот

Микробиомот може да нè заштити од сериозни проблеми со здравјето.

Досега сигурно сте слушнале за микробиомот – околу 100 трилиони микроорганизми што живеат во нашите црева. И веројатно знаете дека овие мали организми имаат големо значење.

Сепак, можеби ќе се изненадите колку можат да бидат моќни ефектите од нив: студиите сугерираат дека микробиомот може да помогне да се спречи широк спектар на болести, од депресија до дијабетес.

Благодарение на тоа што микробите во цревата комуницираат со телото и со мозокот и произведуваат невротрансмитери и хормони, тие играат улога речиси во секое нормално, здраво функционирање и имаат значајно влијание врз физичката и емоционалната благосостојба.

БОРЦИ ПРОТИВ ВОСПАЛЕНИЈА

Микробите што се хранат со различни влакна исто така помагаат за одржување на интегритетот на слузницата во цревата. Здравите црева имаат бариера од цврсто поврзани клетки, како и заштитен слој од слуз. Но доколку вашата исхрана содржи премалку влакна за одржување напредна популација на различни корисни микроби, штетните бактерии почнуваат да ги јадат молекулите во слојот од слуз.

Кога слузницата на цревата е ослабена, микробите и другите материи доаѓаат во контакт со имунолошките клетки, предизвикувајќи воспаление, реакција што полека ги оштетува ткивата и нервите со текот на времето. Хроничното воспаление е главната причина за поврзаноста на нездравиот микробиом со толку широк спектар на болести.

БАКТЕРИИТЕ ПОСТОЈАНО КОМУНИЦИРААТ СО МОЗОКОТ

Микробите комуницираат со мозокот преку неврохемикалиите што ги произведуваат, вклучувајќи ги и клучните што влијаат на расположението – допамин и серотонин, кои играат улога во депресијата, аутизмот, спиењето, болката и апетитот. Таа комуникација е двонасочна и длабоко влијае врз здравјето на цревата и на мозокот.

Истражувањата покажуваат дека колку повеќе се консумираат растителни влакна и храна богата со триптофан, толку повеќе е нивниот серотонин во цревата. (Пилешкото месо, овесот, туната и сирењето се богати со триптофан.)

Промените во протокот на информации помеѓу цревата и централниот нервен систем, како и хроничните воспаленија, веројатно придонесуваат за развој на Алцхајмерова и Паркинсонова болест, велат стручњаците.

МИКРОБИТЕ ГО ЗАЈАКНУВААТ ИМУНИТЕТОТ

Околу 70 проценти од имунитетот е во цревата, па не е чудно што бактериите имаат силно влијание врз имунитетот. Микробите во цревата може да го зајакнат имунитетот или да го ослабат.

Во една студија, истражувачите го истражувале микробиомот кај пациентите со ковид-19 и откриле дека ним им недостигале клучни микроби – особено бифидобактериите, кои играат улога во имунолошкиот одговор.

Можно е некои луѓе да се во состојба сами да се бранат против ковид-19 и другите вируси, благодарение на разновидната популација на бактерии во нивниот микробиом, велат стручњаците. Исхраната е фактор на создавање или на уништување.

Јадењето храна богата со растителни влакна, како и ферментирани намирници, доведува до поголема разновидност на микробиомот, што би требало да значи и подобра одбрана на организмот. Најдобрата заштита доаѓа од здравиот урамнотежен микробиом, велат стручњаците.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.