Ново тело за само 30 дена (или помалку)

Без разлика на тоа што оваа година нема да одите на годишен одмор, имаме апсолутно совршен план за совршен изглед во летните комбинации за на работа или за излегување во градот!

Јадете повеќе риба (Не се шегуваме!)

Блескавата кожа со младешки волумен е резултат на соодветна нега и на консумирање важни хранливи состојки. На прво место, тука се омега-3 масните киселини, кои во најголемо количество се наоѓаат во одредени видови риба (лосос, скуша, сардина, туна).

Ако ги консумирате во поголеми количества, и тоа на неделно ниво, ќе забележите драстично подобрување на квалитетот на кожата.

Овие корисни масти го поттикнуваат губењето килограми, бидејќи ја зголемуваат реактивноста на клетките на инсулин, го зголемуваат искористувањето на енергијата и го забрзуваат согорувањето масти.

Ако не ви се допаѓаат вкусот и мирисот на рибата, секој ден внесувајте 1 г омега-3 масни киселини.

Затегнете го стомакот

Сега е вистинско време да се концентрирате на средишниот дел на телото. Кога тежината осцилира, кожата на стомакот ја губи еластичноста и се создаваат набори. Затоа треба да користите препарати со состојки што ги преобликуваат контурите на стомакот и ја затегнуваат кожата.

За отстранување масни наслојки од половината, мошне се ефикасни препаратите на база на кофеин, кои имитираат ефект на физички тренинг, така што вашето тело ги топи масните наслојки наместо да ги складира. За отстранување на масните наслојки е најважна доследноста.

Значи, втривајте го средството во кожата на стомакот секој ден за поцврста и позатегната кожа.

Наш предлог: антицелултен гел Thiomucase од Hemofarm.

Намалете го целулитот

Целулитот се формира дури кај 90% од жените, и тоа без разлика на градбата и на килограмите. Оваа комбинација од масни клетки и намалена еластичност на кожата главно е последица на генетиката.

Лошата исхрана, нарушената циркулација, задржувањето течности во ткивата и немањето физичка активност се исто така фактори што придонесуваат за создавање целулит. Иако стручните лица се согласуваат дека е тешко да се отстрани целосно, постојат одредени методи со кои може да стане помалку видлив, но и да се спречи негово формирање.

Тоа се пилинг (со четка), лимфна дренажа (масажа), како и редовна примена на производи што стимулираат циркулација. Ако доследно ги применувате споменатите методи и препарати двапати дневно и ако почнете барем 20 дена пред заминување на летување, трудот ќе ви се исплати.

Засилете ја хидратацијата

Оптималната хидратација е најдобра подготовка на кожата за сончевите зраци. Не плашете се истовремено да користите повеќе препарати (во слоеви). Прво втријте серум за тело или гел-лосион. Се разбира, почекајте кожата да го впие секој слој, заради пооптимален ефект од препаратот.

Сепак не сакате да ја оптоварувате кожата? Тогаш применете го трикот на искусните визажисти. Разблажете го препаратот во крем со капка-две кокосово масло – за да добиете лесен хидратантен лосион.

Омекнете ги сувите делови на кожата

Редовната ексфолијација на телото ќе ја омекне и ќе ја затегне кожата, особено на деловите на кои е природно посува и погруба (лакти, колена, зглобови на нозете), со што се подобрува впивањето на активните состојки на препаратите.

Подобрете ја циркулацијата

Ако имате време само за една промена во својот режим за нега, тоа нека биде оваа: освен што помага во решавање на проблемите со целулитот, сувиот пилинг (триење на кожата со мека четка) ја поттикнува циркулацијата, ја подобрува лимфната дренажа, ги отстранува отровите, ја подобрува затегнатоста на кожата.

Пред туширање, неколку минути тријте ја сувата кожа со мека пилинг-четка – прво нозете, почнувајќи од зглобовите на нозете па нагоре. Повторете ја постапката на рацете, стомакот и на задникот. Веднаш ќе забележите значително подобрување.

Применете самомасажа

Брзата масажа дава моментални, видливи резултати – на овој начин се разбиваат масните клетки. Втријте го препаратот во нозете и почнете масажа кон горните делови на телото. Опфатете ја ногата со дланките и нежно притискајте за да го елиминирате вишокот течности од ткивата.

Кога го масирате стомакот, притисокот со дланките треба да биде посилен, а движењето кружно.

Истуширајте се со студена вода

Ова е трик во последен миг. Млазот студена вода, особено на проблематичните делови на телото, ја затегнува кожата. По туширањето, завиткајте се со загреана крпа или бањарка. За да спречите опуштање на кожата, температурата на водата не би требало да е потопла од 37 степени.

Пробајте: Vichy Mineralizing Thermal Spa Water за освежување и ревитализирање на кожата на лицето и на телото.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images, Pixabay, ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.