Се трошат и до 1.000 калории: Колку е ефикасен кардиотренингот Kangoo Jumps?

Вити и здрави

Разговаравме со Јадранка Обочки Бачовска, фитнес-тренерка и лиценцирана инструкторка по Kangoo Jumps (@miamia005)

Сите барем еднаш сме се заинтересирале за Kangoo Jumps (Кангу џампс) – интензивен кардиотренинг со помош на специјално дизајнирани чизми. Но најчесто, стравот од тоа дали ќе можат да одржат баланс на „скокачките“ чизми и ризикот од потенцијални повреди, спречуваат многумина да ја испробаат оваа физичка активност. Токму тоа била грижата и на нашата соговорничка Јадранка пред да стане инструкторка:

„Се сеќавам кога првпат ги облеков кангу-чевлите и ми беше страв да станам, мислејќи дека ќе паднам. Штом се исправив, тоа беше љубов на прв чекор. Кангу-чевлите, и покрај нивниот заоблен долен дел, се многу стабилни и апсолутно нема шанси да паднете. Веќе седум години тренирам ‘кангу’ и досега не се случило некој да падне. Потребни се само истрајност и редовно вежбање.“

Јадранка Обочки Бачовска, фитнес-тренерка и лиценцирана инструкторка по Kangoo Jumps (@miamia005)

Доколку ве охрабривме да пробате, прочитајте што уште треба да знаете за Kangoo Jumps.

СЕ ТРОШАТ И ДО 1.000 КАЛОРИИ

Тренингот Kangoo Jumps дефинитивно е најдобриот кардиотренинг што можете да си го замислите, тврди Јадранка, особено ако не обожавате трчање.

„Ова е тренинг што, ако се вежба со полн интензитет, може да се потрошат до 1.000 калории за еден час (во зависност од телесната конституција). Притоа, ги активира и тонира сите мускули на телото“, открива таа и додава дека со соодветен план за исхрана може да се постигнат врвни резултати.

Ретко со кој кардиотренинг може да потрошите толку калории и притоа лудо да се забавувате, а токму тоа го нуди оваа физичка активност.

НАЈЧЕСТИТЕ ПРАШАЊА

Секој што ќе одлучи да дојде на тренинг, може да очекува дека ќе се наполни со позитивна енергија и дека ќе истопи многу калории:

1. Како изгледа еден час? Еден тренинг трае 60 минути, од кои 10 се загревање, 40 минути е интензивен кардиотренинг преку забавна кореографија и 10 минути стомачни вежби, клекнувања и истегнување.

2. Кои се главните придобивки? Намалување на стресот, зајакнување на имунитетот, намалување килограми и намалување целулит, превенција од повреди, јакнење на коскениот систем и многу битно – лачење серотонин, хормонот за среќа.

3. Постојат ли некакви ризици или ограничувања? Не постојат ризици, по тренингот нема никакво воспаление бидејќи чевлите овозможуваат 80 отсто апсорпција при скок и нема оптоварување на зглобовите и колената. Може да вежбаат сите, без оглед на возраста и физичката подготвеност, освен бремените жени. Во однос на килограмите, стандардните кангу-чевли се со издржливост до 75 кг, но има и про-верзија со издржливост до 90 кг.

4. За колку време може да се забележат првите резултати? Со редовен тренинг, два-три пати неделно, резултатите може да бидат видливи уште првиот месец. Многу е важно правилно да се користат отскокнувачките чевли и телото да биде стегнато за време на тренингот.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: master1305/iStock via GETTY IMAGES, ПРИВАТНА АРХИВА

Кардио-танцот е одличен за вашата линија и расположение!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.