СЕКСУАЛНА АЗБУКА: Најголемите лекции за сексот што можеме да ги научиме од лексиконот на Татјана Алексиќ

Да зборуваме за сексот

„Сексуалната желба се раѓа во мозокот – најважниот сексуален орган, а кога се има обострана желба, небитно е кога, колку и како“

По едукативната емисија за рушење на табуата поврзани со сексот од 2011 година, професорката по македонски јазик и литература Татјана Алексиќ ги преточи своите сознанија и напишани колумни во книга со наслов „Сексуална азбука“. Станува збор за азбучник на сексуални термини, објаснети на шеговит начин. Па кои се најголемите лекции за сексот што можеме да ги научиме од овој духовит лексикон?

ЛЕКЦИЈА 1: ПРЕДРАСУДИ

Во текстовите на книгата „Сексуална азбука“ може да се препознае „интелектуална борба против предрасуди, која и во 21. век е борба со диносауруси“: „Доцнејќи со сексуалната револуција, која кај нас како да ја прескокна еволуцијата, неподготвени прифативме сѐ што не треба. Зошто нашите деца влегуваат прерано во сексуални експерименти и ‘знаат сѐ’, освен како да се заштитат од сексуални манипулации? Зошто не дозволуваме јавни дебати, а дозволивме јавни соби и секс-скандали со инволвирани малолетници? Зошто сѐ уште го имаме приматот за малолетнички абортуси, процентуално поголем од другите европски земји? Сексологијата станува една современа митологија. Сѐ тече, сѐ се менува, само сексуалноста останува  вечна енигма, никогаш доволно истражувана, разбрана и научно докажана. Сексуалното здравје е исклучително важно за севкупниот психофизички развој на човекот, но стереотипите, стравот и срамот, се пречка за решавање на сексуалните проблеми.“

Таа посочува дека најчестите предрасуди се за хомосексуалноста, а во поново време и за погрешното поимање на родовата еднаквост: „Една од предрасудите се токму муабетите поврзани со сексуалноста, кои во старт прават родов јаз. Мажите се фалат, додаваат и преувеличуваат, а жените молчат и затајуваат, затоа што данокот на предрасудите сè уште се наплаќа само на женска сметка.“

ЛЕКЦИЈА 2: ЗДРАВ СЕКСУАЛЕН ЖИВОТ

Здрав сексуален живот е повеќе од половина здрав живот, но ретко кој се осмелува да се консултира на оваа тема со чуварите на нашето здравје – докторите.

„Сексуалната комуникација терминолошки е осудена на  ‘несреќен имиџ’, исто како и зборот секс,  затоа што се врзуваат со самиот сексуален чин, а не со целата слика, односно сеопфатноста и сериозноста на сексуалноста и потребата од сексуално образование. За здрав сексуален живот треба здрав разум и здрав мозок – единствениот сексуален орган. Сексуалноста е најавтентичното нешто на секој човек, негова индивидуалност и интимност, лична како отпечаток на прст за лична карта“, објаснува нашата соговорничка.

ЛЕКЦИЈА 3: СЕКСУАЛНА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

Повеќето луѓе почесто имаат секс отколку што водат љубов. А Татјана Алексиќ се залага за ставот дека сексот често нема врска со љубовта и обратно: „Но кога ќе се спојат во водење љубов, тоа е тоа вистинското – космички урамнотежена форма и содржина на две тела во едно. Ако сексот се разбере како спортска дисциплина, тогаш ќе се спортува со сексуалноста – луѓето јавно ќе се натпреваруваат, докажувајќи ги најдобрите спортски резултати!“

Токму затоа, потребно е да се развие сексуалната интелигенција, но за да се случи тоа, мора да претходи развиена емоционална интелигенција, чиј врв е добрината: „Добар и благороден човек може да биде ‘добар во кревет’, без да има постигнато квантитативни резултати, кои водат кон промискуитетност. Добриот никогаш не повредува. Тој или Таа,  може и Тоа, сеедно, ако се навикнат на секс без обврски, секс како спорт, секс како потреба, секс заради бројка и слично, стануваат промискуитетни луѓе. И тоа е во ред, ништо не им недостасува на промискуитетните,  може да се интелигентни, успешни, фамилијарни,  здрави и среќни, но никогаш нема да можат да се задржат крај еден партнер. Тие нема да страдаат, но нивните партнери да, без оглед дали се во брачна или вонбрачна заедница. Освен ако не станува збор за заемен промискуитетен однос, со клише заклучок дека и тоа е љубов и разбирање“, предупредува проф. Алексиќ и додава дека прекубројните партнери може да се резултат на недостиг од самодоверба и потреба за постојано докажување, што не е елемент на сексуално интелигентни луѓе.

ЛЕКЦИЈА 4: КУЛТ КОН ИНТИМНОСТА

Со развојот на социјалните мрежи и достапноста на секакви информации со еден клик, се доби можност за ѕиркање во туѓата интимност. Воајеризмот доби нова глобална димензија – секој секого може да го „ѕирка“ преку електронските профили. Гледаноста на реалните шоу-програми го потврдува фактот дека примитивизмот кулминира и заличува на гладијаторска арена каде се расчеречува човечкото достоинство, во име на дегутантна забава, пари и квази-популарност, вели професорката Алексиќ и дополнува:

„Медиумската проституција стана хабитус, јавните сервиси налик јавни куќи, кои комерцијално отстапуваат простор за бестијална програмска политика. Со неподнослива леснотија толерираме нетолерантни говорници, се навикнуваме на вулгарности, ги имитираме и репродуцираме. Најмногу читаме и отвораме портали чии наслови најавуваат нечија интимност. Интимноста не е за продавање, освен ако не работиш и заработуваш од тоа. Популистичката ‘естетика’ ја деградира интимата во име на лични, комерцијални убедувања за вредностите. Наталожените предрасуди, политичката некултура и ѕиркачката опсесија со туѓата интимност го туркаат општеството во ментален и морален амбис.“

ЛЕКЦИЈА 5: СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ

Погрешните сфаќања за сексуалноста можат да доведат до негативни последици врз севкупното здравје и токму затоа, сексуалната едукација е неопходна.

„Секое поминато непријатно сексуално искуство, веќе е дел од сексуалниот карактер. Дури и во најраната возраст, кога обично се мисли дека децата се мали за да паметат, сите непријатности во врска со сексуалноста се меморираат како трауми и фрустрации. Децата не треба да се казнуваат ако се фатени ‘на дело’ како мастурбираат, но и другите крајности исто така не се добри. Треба да им се укаже дека една секунда задржан поглед во порнографски материјал може да се престори во долготрајна потсвесна траума. Треба да им се објасни дека хомосексуалноста нема никаква врска со педофилија и дека проституција не е баш работа како и секоја друга. Сексуалната теорија е многу поважна од сексуалната пракса во раната возраст за идниот сексуално здрав човек“, посочува Татјана Алексиќ.

ЛЕКЦИЈА 6: СЕКСУАЛНА ЖЕЛБА

Лицата во подолги врски и бракови често се соочуваат со губење на сексуалната желба, монотонија во спалната соба и подолга сексуална апстиненција. Па колку секс е доволно секс? „Онолку колку што им е доволно на партнерите! Доволноста треба да е во реципроцитет, но и кога не е, кога едниот партнер му угодува на другиот, а тоа не му пречи, исто е во ред. Сексуалната желба се раѓа во мозокот – најважниот сексуален орган, а кога се има обострана желба, небитно е кога, колку и како“, објаснува Алексиќ.

Желбата сама по себе значи креативност, а креативноста гради квалитет. Нашата соговорничка му дава предност на квалитетот пред квантитетот: „Редок, но квалитетен секс е драгоцен. Често рутинско празнење како резултат на потреба е исто во ред, ако некого тоа го прави среќен. Како и да свртиме, формулата за долг живот е двојно С – Смеење и Секс, што би рекол проф. д-р Јован Мариќ. Сепак, сѐ во врска со сексот е индивидуално и не мора да прифаќаме нешто што не ни се допаѓа.“

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, GETTY IMAGES

Што е сексуална интелигенција?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.