Што е сексуална интелигенција?

Прочитајте!

На оваа тема разговаравме со професорката Татјана Алексиќ: „Раѓањето на желбата за секс е последица на љубов, а љубовта се раѓа во мозокот – најважниот сексуален орган“

Во 2011 година на МРТ се емитуваше емисијата „Сексуална азбука“, која имаше едукативен карактер и цел да ги сруши табуата поврзани со сексот и партнерствата, да ги побие митовите што се присутни на Интернет и да ги едуцира младите. Емисијата траеше точно 31 епизода, секоја насловена со по една буква од азбуката, а гостуваа стручни лица, психијатри и познати личности. Авторка и водителка беше професорката Татјана Алексиќ, која годинава одржа и предавање на тема сексуална интелигенција.

Сите сме чуле за разните видови интелигенција, како што се просторна, логичко-математичка и емоционална, но многу малку се зборува за сексуалната интелигенција. Што подразбира таа, како може да се развива и како влијае врз квалитетот на сексуалниот живот? За да дознаеме нешто повеќе, на оваа тема разговаравме токму со професорката Татјана Алексиќ…

Што е сексуална интелигенција?

Сексуалната интелигенција се опишува како „клуч за здраво и автентично водење љубов со саканиот партнер и синтеза на рационална, емоционална и духовна интелигенција“. Па, дали постојат техники за развивање на сексуалната интелигенција?

„Секој човек се раѓа со својата сексуалност, но сексуалната интелигенција е нешто што се развива и стекнува низ животот во зависност од интелектуалниот потенцијал и нивоата на видовите интелигенција. Во книгата на која се повикувам ‘Сексуална интелигенција ‘ од д-р Шери Конрад и Мајкл Милберн, по нивното децениско испитување на темата сексуалност и интелигенција, укажано е дека главниот потенцијал е во умот и љубовта како највозвишена човечка емоција. Сексот често нема врска со љубовта, љубовта исто така може да живее без сексот, но кога двете ќе се спојат во едно со срце и душа, тоа е веќе водење љубов на една здрава емоционална, рационална, привлечна, кокетна, инспиративна и трајна врска. Тие се клучните елементи на сексуалната интелигенција, која секој човек може да ја развива и не подразбира развивање на секс-атрибути и промискуитетност. Промискуитетноста не е сексуална интелигенција, напротив!“, открива професорката Татјана Алексиќ.

Љубов па секс или секс па љубов?

Постои една дилема, слична на онаа „што доаѓа прво, јајцето или кокошката“, само во сексуална конотација: што доаѓа прво, љубовта или сексот. Со други зборови, дали треба да се вљубиме пред да се впуштиме во сексуални односи со одредена личност, или потребно е прво да имаме секс за да се вљубиме во некого? Според проф. Алексиќ, тука не постои никаква дилема.

 „Во книгата што ја споменав има либерален однос кон приматот што е прво и поважно за да се укаже дека секој има право на сопствени убедувања во врска со сопствената сексуалност. Сè што е зад заклучена врата на заемно задоволство не се смета за перверзија. Штом интимноста ќе се продаде, обелодени, злоупотреби, тогаш тоа е чист заменски секс заради секс. Развратот во едно морално деградирано и декадентно општество е неизбежност, економската криза создава услови и за духовна криза, која, за жал, ги погаѓа младите и незаштитените. Така што нема дилема, барем не кај мене.

Лично сметам и убедена сум дека предигра на водењето љубов е љубовта, раѓањето на желбата за секс е последица на љубов, а љубовта се раѓа во мозокот – најважниот сексуален орган. Сметам дека на љубовта ѝ треба време да се роди, созрее и изгради трајна врска, затоа се ретки таквите трајни партнерски врски на безусловна љубов и претставуваат видови во изумирање… Сексуалната привлечност е друга тема, таа е блесок, момент, страст од која може да се изроди љубов и да прејде во љубовна врска, но кој би ризикувал толку многу и толку често дури се погоди вистинскиот партнер? Некој ќе каже – мажите, тие сакаат да имаат партнерки за една ноќ или за инстант-врски! Сепак, на еден ‘таков’ маж му треба ‘таква ‘ жена. Мажите зборуваат додека жените молчат, затоа се такви статистичките податоци дека мажите се поневерни и промискуитетни.“

Може ли да се разгори згаснатата страст?

Кога првичната страст ќе згасне и ќе поминеме повеќе години со една личност, сексот прво станува поредок, па дури и здодевен, а на крајот е можно и да го снема. Глупаво е да се лажеме дека сексот не е важен за опстанокот на една врска, па кој е лекот во оваа ситуација?

„Сексолозите постојано пишуваат на тема што може да биде освежување на една врска, па се оди и во крајности дека вонпартнерските врски и љубомората можат повторно да ги зближат партнерите. Но кој би го ризикувал истото тоа? Се шаблонизира со ‘соломонски’ решенија како зближување на партнерите кога се на одмор, на провокативна вечера, секси-долна облека и слични бла-бла ситуации… Ако има љубов, макар и во мали траги, тие можат да направат чуда и по многу години. Љубовта добива нови облици, исто како и водењето љубов, во сите можни декади од животот… И кога сексот може да биде само евокација, љубовта останува“, објаснува Алексиќ.

Секс за една вечер: ДА или НЕ?

Со желба за љубовни и возбудливи авантури, многумина се впуштаат во секс без обврски и секс за една вечер. Но можат ли ваквите инстантни сексуални искуства да донесат долготрајно и вистинско задоволство? Татјана Алексиќ ни го откри нејзиниот став.

„Младите нè имитираат нас возрасните, значи ние сме им го наметнале таквото поимање за сексот, дозволувајќи, во име на демократијата, сè и сешто по сите видови медиуми, хипереротизација во облекувањето, однесувањето, материјалното пред духовното, запоставување на етиката, непочитување на религијата, да не ја спомнувам достапната порнографија, која создава искривена перцепција за сексуалноста кај младите.

Недостигот од емоционална интелигенција, која се стекнува во најраната возраст во семејството и која подразбира гледање и разбирање на другите со срце и душа, создава услови за бесчувствителност и неодговорност. Сметам дека младите треба да имаат стабилни и подолги врски во периодот кога ја осознаваат својата сексуалност. Што може да ‘научат’ за една ноќ или колку и да се, ако се работи за секс без обврски? И која е поентата на таквиот нагонски секс, без релациски однос базиран на љубов? Мислам и дека тоа се митови. Не е можно сите млади да имаат секс за една вечер. Повеќе ми личи дека тие се апстиненти за разлика од оние што се ’влечкаат’ во долги врски. Сексуално интелигентните знаат да градат трајни врски!“

Што е со комплицираните врски?

Комплицираните врски станаа голем тренд, но какво е нивното влијанието врз развојот на сексуалната интелигенција?

„Она што сум го читала низ литературните дела, особено од љубовните писма на славни личности, луѓето отсекогаш имале љубовници, паралелен љубовен живот, и во врска со тоа не треба многу да се морализира и критизира, секој со своите лични убедувања. Но она што не треба и не смее е некој да настрада во таквите врски, особено не децата! За жал, сè поприсутни се медиумските сензации и скандалите, sиркањето во спалните на познатите, случајните или намерните клипчиња, папараци-егзибициите… Ништо мудро и интелигентно нема во тоа, затоа што станува збор за проблематични теми. Интелигентниот решава проблеми, мудриот нема проблеми, а сексуалната интелигенција не дозволува продавање на интимноста“, изјави Татјана Алексиќ.

УПС! Сексот не е добар, што сега?

Хипотетичка ситуација: запознаваме личност со која одлично се поврзуваме на духовно и интелектуално ниво, постои сексуална привлечност и сето тоа резултира со вљубување. Но сексот е ужасен! Можно ли е двајца луѓе што одлично се согласуваат на секое поле, да не се сексуално компатибилни?

„Може, а, што е уште потажно, може и да не воспостават можност за репродукција, да се некомпатибилни за оплодување, а сè функционира органски… освен мозокот! Една од најнеиспитаните области е сексуалноста, затоа треба да ѝ се обрне внимание во секое општество. Тоа е неисцрпна тема од исклучителна важност за севкупното човечко здравје. Незнаењето и неукоста може да го ограничат човекот за поимањето на сексот само како чин за кој сè што треба да се знае е како да не се пренесе болест или забремени, а во некои земји ни толку! Затоа е важно да се развива сексуалната интелигенција, чии три релевантни фактори се: знаењето, пронаоѓањето на сексуалното ‘јас’ и поврзувањето со партнерот. Многу луѓе дури во зрелата фаза од животот доживуваат сексуално задоволство“, ни одговори Татјана.

Клучот за здрава сексуалност

Иако работите полека се менуваат, многу жени сè уште ја потиснуваат својата сексуалност, а тоа неретко доведува до неспособност да се доживее сексуално задоволство и до глумење оргазам.

„Сите одговори на овие прашањата поврзани со женската сексуалност ги има во меѓународниот бестселер ‘Жежок секс’ на уредничката на ‘Космополитен’, Трејси Кокс, која на исклучително духовит и забавен стил објаснува сè од А до Ш за сексуалноста, без да му е непријатно на читателот да прочита (а притоа е експлицитна). Жените може да добијат оскар за глумење оргазам, нешто за кое мажите може и да не знаат. Но зошто таков напор и самозалажување кога е можно надминување на аноргазмијата, многу поприсутна кај жените поради долговековното наметнување на предрасудите дека сексот за правење деца е свет, а сексот од задоволство е грев. Импотентноста кај мажите е видлива и многу пофрустрирачка состојба, па затоа мажите почесто бараат помош од стручни лица. Но и од нестручни и вијагра ‘под рака’, што е опасно и по здравјето и по животот. Затоа, знаење пред сè, нема поголем непријател за човекот од незнаењето!“, заклучува Алексиќ.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Getty Images, Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.