Вика има 84 години и е најстарата диџејка во светот – а што сакате да бидете вие кога ќе пораснете?

У&З колумна

Запознајте ја диџеј Вика – најстарата диџејка во светот!

„Што работиш“ е едно од најчестите прашања што ги добиваат возрасните кога првпат се запознаваат со некого. Потсетник дека идентитетот и кариерата се тесно поврзани. Децата, пак, го добиваат прашањето „што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“ Нивните одговори може да се менуваат од месец во месец, дури и од ден на ден. Децата ја имаат слободата да испробуваат нови идентитети, да се замислуваат себеси како астронаути, наставнички, пејачки, актерки, полицајци…

 

До кога имаме фора да бираме што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме?

Во градинка се сеќавам дека сакав да бидам балерина и тој порив ме „држеше“ до моментот кога почнав да одам на часови по балет и дознав колку е тешко. А и ми беше здодевно. Потоа, се фокусирав на мојата кариера како пејачка. Учев песни и се снимав како пеам на касета додека решив да се соочам со реалноста дека, иако желбата е голема, талентот изостанува. Долго време бев уверена дека ќе станам актерка и сериозно работев на случајот. Се занимавав со аматерски театар, правев претстави, освојував и по некое признание, сѐ на сѐ, постоеше реален потенцијал. Но стравот од неуспех и одбивање ме поттикнаа да се насочам кон малку посигурна професија: професорка по англиски јазик.

Денес не се занимавам ни со тоа, бидејќи едноставно не се пронајдов во тој животен повик. Свесна дека кариерата во голема мера ќе ме обликува како личност, не сакав да се дефинирам како професорка, не беше тоа за мене. Не се поклопуваше со визијата што ја имав за себе во 20-тите години.

Се прашувам, до кога имаме фора да бираме што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме? Дали тоа е до моментот кога ќе се запишеме на факултет? Очигледно, не, барем во мојот случај. Или можеби до денот кога ќе ја добиеме првата „вистинска“ работа од која солидно ќе заработуваме за живот? А можеби одговорот на тоа „детско“ прашање ќе се заокружи со последното нешто со кое ќе се занимаваме пред да се пензионираме?

Запознајте ја диџеј Вика!

Како што почнувам да ги прифаќам 30-тите, ми одѕвонува мислата: кога треба да пораснеме? Можно ли е одговорот да е – никогаш? Пред да добијам етикета „незрела“, ќе ви ја раскажам приказната за Вика. Е па, Вика (DJ Wika) е 84-годишна диџејка од Полска. Не е грешка, пребарајте на Гугл, таа навистина постои и е вистинска ѕвезда на варшавските клубови! Оваа модерна баба преку ден создава музика, дава интервјуа, се слика за насловни страници на магазини и се дружи со пријателките и со својата мачка. А по полноќ, па сѐ до 4 часот наутро, пушта електронска музика во најголемите дискотеки во Варшава. Постојано патува, бидејќи ја бараат да настапува и во други држави. Харизматична и шарена, таа одбива да остари.

Кој рекол дека тоа „што сакаш да бидеш“ се однесува на некаква професија?

Пред да стане диџејка, Вика долги години била учителка. Дури откако се пензионирала, ја открила својата љубов кон музиката и диџејството. Доказ дека пензионирањето не го дава одговорот на прашањето „што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш“. А мора ли воопшто да постои конечен одговор? Не можеме ли како децата да испробуваме нови идентитети и професии? Да ги истражуваме нашите интереси и да ги развиваме нашите разновидни таленти. Да растеме, но не и да старееме. Кој рекол дека тоа „што сакаш да бидеш“ се однесува на некаква професија? Не може ли одговорот да гласи: сакам да бидам добра, здрава, исполнета, праведна, успешна, спокојна, забавна, образована, среќна?

Кога ќе пораснам сакам да бидам Вика. Притоа, не мислам на тоа да бидам 84-годишна диџејка (иако добро звучи, морам да признам). Сакам да бидам бестрашна и разиграна, полна со живот. Сакам да бидам одлучна и своја, да го развивам своето автентично „јас“, без инхибиции. Сакам да бидам креативна и оригинална и да не се плашам да му го покажам тоа на светот. Ете, тоа сакам да бидам кога ќе пораснам.

 

    Пишува: Марија Лукаревска

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.