Разговор со Калиа Димитрова: „Не можеме да зборуваме за родова еднаквост во јавниот живот, доколку не постои родова еднаквост во домовите“

Лекции за успех

Интервју со авторката и уредничка на meduza.mk

„Медуза“ (meduza.mk) е платформа што се залага за решавање на проблемите со кои се соочуваат жените, родовите и сексуалните малцинства, а зад него стои Калиа Димитрова – авторка и главна уредничка на порталот. Со Калиа поразговаравме за суштината на феминизмот, за родовите прашања и нееднаквости, како и за поимот успех.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by kalia dimitrova🌙 (@titogradska)

И покрај тоа што е 21 век, може ли да се каже дека сè уште живееме во машки свет? Од твоите досегашни сознанија, кои се најголемите тешкотии со кои секојдневно мора да се справуваат гореспоменатите поединци за да успеат во општеството и да се изборат за своите права?

Системот во кој функционираме секојдневно (а под систем подразбирам ги општествените норми и правила, начинот на кој образованието е поставено, односите во нуклеарните семејства и пошироките фамилии, содржините кои ни се пласираат од медиумите и поп-културата, и односите кои ние ги градиме едни со други) е така поставен да ги перпетуира, дури размножува или засилува веќе постоечките општествени вредности и облици на постоење, кои во голема мера им се наклонети на најсилните, најбогатите, најпривилигираните, итн., итн…

Статус квото во однос на секогашната поставеност на родовите и сексуалностите подразбира систем на хиерархија, не еднаквост. Па така, со оглед на тоа што целиот систем е практично дизајниран да им биде наклонет на оние кои најмногу бенефитираат од него, секое поместување кое го прават оние кои се маргинализирани е исклучително важно. Жените се имаат изборено за многу права кои денес ги земаме здраво за готово, како правото на глас, правото на безбеден и слободен абортус или пак легислатива која треба да ги заштити од насилство. Меѓутоа, односите на моќ постојат во секоја пора на општеството, па така, родово-базираното и семејното насилство се секојдневие на многу жени во нашата земја, нашата застапеност на позиции каде се носат одлуки е на незавидно ниво, самото постоење на оние со инаква сексуална ориентација од хетеросексуалната во јавниот простор е дочекано со осуда и линч.

Двојните стандарди се нашето добро утро, а кога ќе почнеме да ги забележуваме, сфаќаме дека тие се насекаде околу нас. Борбата со и за вредности е секојдневна и долготрајна, и тешко е брзо да се видат промени или резултати, но тоа не смее да нè обесхрабрува.

„Животот не е натпревар помеѓу мажите и жените, туку соработка“ – колку се согласуваш со оваа изрека? Сметаш ли дека мажите и жените имаат различна дефиниција за успех?

Идејата дека постојат некои суштински (родени да речеме) разлики помеѓу мажите и жените мене ми е страна. Од самото раѓање учиме што значи тоа да се биде маж или жена и како да се вклопиме (во доста тесната дадена рамка) во нашиот род преку низа дисциплински и трауматични искуства, копирања, експериментирања и слично, сè со цел да бидеме прифатени, прво од најблиските кои имаат одредени очекувања од нас, а потоа во пошироките заедници во кои функционираме. Ова се нормално категории кои со текот на годините можеме да ги преиспитуваме, исфрламе, менуваме и слично, но мнозинството, особено во конзервативни средини како нашата, дефинитивно останува да живее во веќе предодредените форми на машкост и женскост.

Од таа перспектива можеме да разговараме за тотално различни светогледи, животни очекувања, желби, стремежи и однесувања од страна на двата рода. Нема ништо инхерентно женско или машко во потрагата по успех, но можеби има различни пристапи кон успехот како концепт – кои се секако општествени поттикнати, па така, во една типична македонска фамилија успех за женски член на семејството би било да се оствари фамилијарно (како сопруга и мајка), иако таа можеби нема интерес за истото, а од мажот повеќе се очекува да се оствари во „светот надвор“, како работник и обезбедувач на средства на својата фамилија.

Овие матрици се толку вкоренети во нашата култура и комуникацијата, што неретко и самите ние ги прифаќаме и перпетуираме овие однапред предодредени матрици на среќа. Од друга страна, пазарот на трудот е сè уште наклонет кон мажите, па така, една жена може многу често да биде помалку платена за истата работа, да работи во средина каде што е сексуално вознемирувана на дневно ниво, може да има проблем со наоѓање стабилна работа бидејќи статистички жените почесто работат со краткотрајни договори на неопределено време, да биде отпуштена бидејќи забременила, а можноста да напредува или да стигне до водечки позиции во било кој сектор, статистички, се исто така многу ниски.

Но дури и покрај сè ова, доколку една жена се оствари професионално како директорка, менаџерка, пратеничка, професорка итн., само за да ги перпетуира веќе постоечките релации на моќ, тоа и не е некоја феминистичка победа, баш напротив. За мене успех, е баш пронаоѓање, посочување и борба против тие постоечки релации кои де факто нè опресираат, дали во нашите семејства, образованието, работните места или едноставно просторите во кои се движиме и постоиме.

Која е твојата дефиниција за успех?

Отсекогаш знаев дека ќе правам нешто такво, само не бев сигурна на кој начин. Иако навистина верувам во „Медуза“ и нашата секојдневна работа, нормално, постојно се сомневам во моите постапки и избори, се прашувам дали правам/правиме доволно, дали ги користиме вистински методи, дали нашата работа е одржлива и ред други несигурности со кои некогаш си легнувам навечер и се будам наутро. Меѓутоа, фактот што ги користам моите моментални капацитети правејќи нешто во што уживам (што е ретко и тешко во денешнава економија и нашата средина), навистина прави да се чувствувам среќно и исполнето, нормално, некои денови повеќе од други.

Меѓутоа, за да кажам дека сум успешна, не ми е доволно да имам супер работен ден, да објавам одлична содржина на „Медуза“ или да напишам текст од кој сум многу задоволна. Се чувствувам исто така кога имам време за квалитетен одмор, време за себе, и кога правам активности кои не се поврзани со мојата работа. Некои денови, за успех го сметам само станувањето од кревет, а други правам илјадници активности и не ми е доста. Во принцип, мислам дека не треба да се оптоваруваме премногу со дефиници и фиксации за успешен живот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by kalia dimitrova🌙 (@titogradska)


Какви промени се стремиш да предизвикаш преку твоите заложби? За кои занемарени работи и проблеми сметаш дека треба да се говори јавно и гласно?

„Медуза“ постои веќе 2 години во дигиталниот (а понекогаш и физичкиот простор), како феминистичка платформа создадена за девојки, жени, родови и сексуални малцинства – и во суштина сите личности со желба да слушаат, учат и живеат феминистички, кои сакаат да градат меѓусебни мрежи на поврзување, да читаат едни за други и пишуваат: за себеси, за личните/системските (и сите измеѓу) проблеми со кои се соочуваат секојдевно; за своите избори, своите права, своите задоволства, своите тела, своите приказни…

Иако живееме во страшно конзервативно општество и состојбата со женските права и слободи не е на завидно ниво, феминизмот сè уште е пејоративен збор. Сметам дека медиумите кои имаат широка публика се плашат од губење на читатели доколку покажат конкретен став по ова прашање. „Медуза“ се појави во дигиталниот простор  нудејќи една свежа призма, каде еднаквоста, солидарноста, прифаќањето и правото на избор се клучни вредности преку кои ги градиме нашите приказни и се трудиме нашите содржини да ги отсликуваат тие уреднички вредности. Објавуваме авторски текстови кои се занимаваат со плејада од теми: од автономија на тело, безбедност на јавни простори, женски работнички права, женски политики, сексуално вознемирување, феминистичка и квир култура и уметност, до репродуктивни права и сексуално задоволство и сите други теми кои една авторка смета дека треба да бидат преставени во медиумскиот простор.

Особено сум задоволна што во моментов имаме база на над 20 авторки кои несебично ни праќаат авторски текстови или преводи, кои во голем дел заедно ги развиваме, дебатираме, коригираме, објавуваме… Мене ми е многу важно директно да соработувам со сите оние кои се заинтересирани да се вложат во оваа платформа, а особено со помлади девојки кои немаат огромно искуство во пишување. Она што го гледам како вредност на „Медуза“ е тоа што дава простор да се развијат нови гласови кои ќе се осмелат да ги раскажат своите приказни и ќе ги пласираат во јавниот простор. Историски, не сме навикнати да читаме „женско писмо“, а особено не феминистичка содржина, што прави многу девојки и жени да се срамат од својот став и да не веруваат дека нивните мислења и искуства се легитимни. „Медуза“ постои баш како стимул за слободно да ги пласираме темите за кои нè учеле дека не смееме да зборуваме. Се надевам, односно верувам, дека со креација на тој простор за слободно изразување кој порано баш и не постоеше, веќе направивме некоја промена на подобро.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by kalia dimitrova🌙 (@titogradska)


Феминистките честопати се осудувани и погрешно сфатени, а за тебе феминизмот е начин на живот. Кои се најголемите пречки/стереотипи со кои се имаш соочено во текот на твојата работа и како ги имаш надминато?

Во овој момент е интересно да се следи развојот на феминизмот, бидејќи се случуваат два паралелни трендови. Од една страна, отпорот кон феминизмот кој доаѓа од разни конзервативни политички и религиозни групи е огромен, но отпорот доаѓа и од многу жени кои велат дека се чувствуваат еднакво со мажите, па затоа не гледаат потреба од феминизам денес. Тоа е резултат на немање чувство за сопственото опкружување и привилегија, каде успехот во било кое поле на една жена е исклучок кој само го потврдува правилото.

Историјата на женската борба е пишувана од храбри жени кои штрајкувале, гладувале и гинеле, за ние да ја имаме можноста да се школуваме, да патуваме, да заработуваме, да создаваме уметност, да отвораме бизнис, да поседуваме имот, да гласаме, и затоа е важно да се почитува таа борба и да се биде свесен за фрагилноста на моменталната состојба. Во моментов, во многу земји (меѓукои и земји членки на ЕУ) се случува регресија на женските права, во други состојбата е статус кво и постои став дека ги имаме сите права па затоа треба да молчиме, а во трети жените се граѓани од втор ред и не постои ни соодветна легислатива која би ги заштитила. Многу често, новите генерации, иако можеби се залагаат за родова еднаквост, истовремено се оградуваат од феминизам, плашејќи се од тоа да бидат ставени во куп со „лутите“ феминистики од 1960тите и 1970тите, па се дефинираат наспроти тие историски текови, а тоа најчесто се случува од страв од осуда од општеството и групите во кои се движиме.

Според мене, доколку сме во можност, тој страв мора да го надминеме, бидејќи не добивме ништо од опкружување кое пробува да не’ стави на „нашето место“ и самото тоа не ограничува. Имаме зошто да бидеме лути, имаме зошто да не прифаќаме одредени наративи и притисоци и не треба да дозволиме околината да ни ги ублажува тие чувства. Од друга страна пак, постои еден паралелен тренд каде многу личности декларативно преземаат феминистичка фасада, без да преземат било каква политичка активност, која феминизмот на некој начин ја „налага“. Па така, самото вклучување во пазарот на трудот, бидување директорка, парламентарка, заработување еднакво со маж, само за перпетуирање на патријархалниот модел на среќа не претставува никаква феминистичка победа. Напротив.

Мислам дека за да се премости овој јаз и за се соочиме со отпорот кон феминизмот, мора гордо да ја прифатиме и разбереме историската феминистичка борба, бидејќи единствено преку изучување и славење на нашата историја (читај женската), можеме да се позиционираме кон предизвиците со кои се соочуваме денес. Веројатно, некаде по овие линии успевам да го дефинирам и мојот феминизам, кој започнува дома, а потоа се манифестира локално, глобално и дигитално. Верувам дека секоја промена почнува со информирање и затоа сметам дека е од круцијална важност да се комуницира, од најблиските и најинтимни кругови, а потоа до јавноста, како за женската историја, така и за реалната слика со родовата (не)еднаквост денес, за да почне проблемот да се решава сеопфатно. Не можеме да зборуваме за родова еднаквост во јавниот живот, доколку не постои родова еднаквост во домовите.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Жарко Чулиќ

Лекции за успех од Силвија Митевска: „Секој од нас има обврска да истапи и да иницира промена!“
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.