Лекции за успех од Силвија Митевска: „Секој од нас има обврска да истапи и да иницира промена!“

Ве инспирираме

Силвија Митевска, писателка и претседателка на првиот Social Rugby Club, ни ги откри нејзините тајни на успехот

Силвија Митевска е успешна во тоа што го прави и не се плаши да зборува гласно за проблемите што нè засегаат сите, но ретко кога ги посочуваме. Една од нејзините последни иницијативи е отворањето на првиот рагби-клуб кај нас Social Rugby Club, каде што особено внимание ќе се посвети на развојот на женското рагби во нашата земја.  И покрај многуте предизвици, таа не отстапува од своите заложби и продолжува секојдневно да нè инспирира. Прочитајте ги нејзините лекции за успехот, како и нејзините размислувања за стереотипите со кои секојдневно се соочуваат жените…

Да се биде жена во машки свет

„Живееме во свет со доминантна машка култура. Се’ уште се присутни родовите стереотипи и предрасуди кои дејствуваат ограничувачки на потенцијалот на жените. На различни начини се промовира патријахалната матрица и потретирањето на жената како пасивна, кршлива. Стереотипизирањето најчесто е со сведување на жената и нејзината улога во приватната сфера, односно во семејството. И ден денес, од жената се бара да биде добра домаќина и товарот на домашните обврски и грижата околу семејството паѓа на нејзини рамена. Ова негативно влијае врз приватниот и професионален живот, бидејќи жената има помалку време за учество во социјални активности, рекреација, спортување и воопшто за личен и професионален напредок. Да, за жал, жената во нашата земја потешко наоѓа работа, помалку заработува и побавно гради кариера од мажот.“

Да се зборува гласно за…

„За многу работи треба да бидеме гласни и да бараме промена. Треба да се говори јавно и гласно за нееднаквото учество на пазарот на трудот, за социјалната исклученост на жените, за дискриминацијата на работното место, недостигот на пристап до раководни функции и вклученост во процеси на донесување одлуки, за родово-базираното насилство кое се зголеми за време на пандемијата, за неплатениот труд на жената во домот, за нерамномерната распределба на обврски во домот, за сексистичките и вознемирувачки коментари насочени кон жените во јавниот дискурс и дефинитивно за стереотипите дека жените припаѓаат во домот.

Сметам дека секоја од нас, стручна во својата област, има обврска да истапи и да иницира промена. Јас тоа го правам во спортскиот сектор. Спортот важи за машки свет и преполн е со родови стереотипи кои го ограничуваат развојот на природните таленти и способности на жените. Од тие причини и го отворив првиот рагби клубот SOCIAL RUGBY (www.rugby.mk) каде особено внимание ќе обратиме да го развиеме женското рагби во нашата земја.“

На помладата Силвија би и’ кажала…

„Би и рекла да продолжи напред како и досега и дека многу работи нема да одат според планираното, но на крај сè ќе биде добро.“

Дефиниција за успех

„Мислам дека во различен период од животот, имаме различни цели и поимање на успехот. Успехот е повеќеслоен, тој е различен за сите и флуктуира секој ден, па дури и на час. Мојата дефиниција за успех се меуваше низ годините. Кога бев помлада тоа беше освојување прво место на параглајдерски натпревар, учество на престижни спортски програми, издавањето на првата па потоа и на втората книга, амбициозни работни ангажмани. Сега, кога сум мајка приоритетите ми се различни. Во овој момент, успех е пронаоѓање рамнотежа помеѓу приватниот и работниот живот.“

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Лекции за успех од диригентката Бисера Чадловска: „Предрасудите се најголема пречка!“
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.