МАЈА ПЛАТНАР за битката со автоимуна болест: „Ме охрабруваше љубовта – кога си вљубен во животот, не може да не си добар!“

Битка за нормален живот

Со Маја Платнар, сопственичка на „БистРо Здраво Живо“, зборувавме за нејзиниот најголем животен предизвик

Пред повеќе од една деценија, Маја Платнар ја добила дијагнозата мијастенија гравис – автоимуно заболување што ја нарушува врската помеѓу невроните и мускулите, и создава проблеми при јадење, движење, дишење… Таа ги препознала симптомите на својата болест долго пред да ѝ биде дијагностицирана, додека работела како преведувачка на стручна медицинска литература од англиски јазик. Секој ден ѝ велела на колешката дека ги има симптомите на болеста за која преведувала, но не била сфатена сериозно. По повеќе години, кога ја дијагностицирале со мијастенија, името ѝ било познато. Отворила да провери што преведувала и сфатила дека цела година работела на дијагнозата.

 

Ме охрабруваше љубовта

„Кога ми ја соопштија дијагнозата, се шокирав, бев тажна, два дена плачев и толку. Нема време за очајување, веднаш ме хоспитализираа и започна процесот на лекување. Секој ден бев сè подобра и брзо ми се врати надежта. Кога дојдов дома и го видов преводот од пред неколку години, дополнително се смирив, оти таму пишува дека со правилна терапија, може да се живее сосема нормално со оваа дијагноза. Единствено ме нервираше тоа што се отекува од лековите и се качуваат килограми, но и тоа не ми беше страшно имајќи предвид дека тежев само 43 килограми.

Ме охрабруваше тоа што знаев со што се борам и што секој ден се чувствував подобро. За само 3 месеци ги фрлив лековите и се качив на потпетици. Ме охрабруваше љубовта. Колку и да звучи како клише, кога си вљубен во животот и кога му се радуваш на секој нов ден, не може да не си добар. Сè е во умот. Тој мотивира, тој охрабрува. Неверојатно, но целата оваа ситуација влијаеше позитивно врз моето ментално здравје. Ме натера да внимавам на сè. Да внимавам што јадам, како да се однесувам, што правам, да внимавам на емоциите, да се хранам со убавини и да се опкружам со спокојни луѓе.“

Моќта на живата храна

„По добивањето на дијагнозата, на телевизија начекав разговор со докторка која зборуваше дека може да се излекува автоимуна болест со помош на жива храна (за мене нешто дотогаш сосема непознато). И веднаш се фрлив на работа. Зедов да читам, да откривам рецепти, комбинации… Сè понатаму е историја. Мојот живот комплетно се промени и живата храна стана моја професија. Секако дека ѝ верувам на медицината, само сметам дека таа оди до одреден степен и не го преминува прагот. Токму затоа, совршен е спојот на медицината која овозможува поставување дијагноза и одредување терапија, и живата храна која раѓа живот и не дозволува развој на болеста.“

Не е срамота да си болен

„Единствено нешто што би сакала да го знаев на почетокот од мојата битка е дека во чисти црева, алкална средина и среќен ум, нема болест. Исчисти ги цревата, алкализирај го телото, најди среќа! Денес се чувствувам прекрасно, со години сум во ремисија. Чудно, но на почетокот имав мала криза и не сакав никој да знае дека не ми е добро. Многу брзо сфатив дека не е срамота да си болен. Па така, овој животен предизвик ми ја зголеми самодовербата и научив четири лекции:

1. Ништо не е поважно од спокојот.

2. Не сме свесни што имаме, додека не го изгубиме.

3. Зборувај гласно за сè што ти се случува. Никогаш не знаеш кој може да ти помогне.

4. Сè се случува со причина.“

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.