„ЛЕСНО Е ДА СЕ СЛИКАШ ГОЛА“: Бојана Нушкова отворено за хејтерските коментари на социјалните мрежи

Кои се хејтерите на Интернет?

Ја прашавме нашата позната манекенка како таа се справува со хејтерите

Ретки се текстовите на порталите под кои нема барем еден хејтерски коментар. Слична е ситуацијата и со објавите на профилите на познатите личности и инфлуенсери. Кога зборуваме за хејтање, не мислиме на конструктивните критики, туку на оние коментари што имаат за цел да го навредат или повредат некого.

Со оглед на бројот на следбеници и многуте ангажмани што ги има, не постои сомнеж дека таа е една од најкоментираните инфлуенсерки/моделки кај нас. Бојана Нушкова многу рано зачекори во јавниот свет, започнувајќи ја својата манекенска кариера уште на 12-годишна возраст. Тогаш воопшто не очекувала дека ќе стане главна тема на многу разговори, ниту пак, дека ќе ја препознаваат толкав број на луѓе. Сепак, коментарите никогаш не ѝ влијаеле, бидејќи најважно ѝ е најблиските луѓе и брендовите за коишто работи да се задоволни од неа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Boyana Nushkova (@boyananushkova)

Како ти влијаат негативните коментари денес за разлика од порано?

Туѓото мислење никогаш не ми влијаело, бидејќи искрено, отсекогаш сум имала повеќе добри отколку лоши коментари. Често знам и да се пошегувам на своја сметка, така што ги објавувам хејтерските коментари, ако се доволно креативни. Не постои конкретен коментар што ми останал во сеќавање ама, генерално, најсмешни и најразочарувачки ми биле коментарите од типот: „Лесно е да се сликаш гола“, „Лесно ѝ е на таа само да се слика, не знае како е да се работи“. А не знаат дека не доаѓам од богата фамилија и од 12 години сум работела и по 16-17 часа на фотосесија. Освен тоа, не се занимавам само со моделство.

Како се справуваш со хејтерите?

Сметам дека во принцип не треба да се реагира на нив, бидејќи секогаш ќе ги има. Но морам да признам дека сум реагирала во такви ситуации кога ми било здодевно, чисто колку да се случува нешто. Ако постои друга јавна личност која шири дезинформации за мене, најверојатно би изреагирала за да ја кажам мојата страна. Сепак, тоа ретко се случува.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Boyana Nushkova (@boyananushkova)

„Хејтерите те прават познат“. Што мислиш за оваа изрека?

Хејтерите секако те прават попознат. Тоа варира во зависност од тоа што го промовираш и од тоа дали си добар човек. Ако некој објавува или промовира нешто неморално, можеби хејтањето е оправдано. Сепак, мислам дека ако доволен број на луѓе започнат да хејтаат нешто, порано или подоцна, сите ќе им се придружат, без оглед на нивното лично мислење. Што се однесува до мене, јас не промовирам работи во кои не верувам. Промовирам фитнес, здрав живот, цртање, уметност, смешни „мемиња“ и се промовирам самата себе. Во мојот случај, хејтот што го добивам ми помага да станам уште попозната, а луѓето кои ме сакаат и ме поддржуваат се потврда за тоа дека не правам ништо погрешно.

Што мислиш, зошто некои луѓе хејтаат?

Јас си ја гледам својата работа и не му наштетувам никому, па мислам дека 90 отсто од луѓето си дозволуваат да ме хејтаат токму поради тоа. Но понекогаш се случува некоја моја објава да биде погрешно разбрана, па поради тоа да бидам ставена на тапет. А и мислењето на луѓето варира. Постојат луѓе кои не ме сакале порано, но откако ме запознале, го смениле мислењето на подобро.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ani Dimi (@anidimi.photography)

Најискрено, дали си се нашла во ситуација да исхејташ некого?

Никогаш не ми се случило да хејтам јавно без причина. Ако некогаш сум објавила нешто, тоа било критика или моја реакција на нечии дезинформации за мене. Нормално, постојат луѓе чија содржина не ми се допаѓа, но нив или ги ставам на „мјут“ или не ги следам воопшто.

Како се справуваш со хејтерите во реалниот живот?

Никогаш не се случило некој во живо да ми каже што мисли за мене. Никогаш. Знам дека тоа е така, бидејќи ниту имаат самодоверба ниту веруваат во тоа што го мислат и само хејтаат без причина или, пак, од љубомора.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ИНСТАГРАМ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.