Ведрана Рудан: „Детето ве јаде до смртта, но се лажете ако мислите дека нема да бидете јадени и по смртта!“

Брутална, како и секогаш

„И по смртта ќе бидам јадена, ќе ме јадат рибите…“

Клучното прашање, според зборовите на Ведрана Рудан, е тоа дали децата можат да бидат среќни додека мајките се живи или стануваат среќни дури откако „давежите“ што ги финансираат ќе си заминат на оној свет?

Писателката Ведрана Рудан на својот блог, во една колумна пишувала за љубовта на мајките кон децата.

„Многу рано посакав да имам деца“, пишува Ведрана и додава дека не посветувала премногу внимание на барањето идеален маж, бидејќи тогаш мислела дека сите се исти.

„Во мода беа високи мажи со широки раменици и крупни дланки. Повеќето жени не ја доживуваат својата љубов кон партнерот како нешто што ќе им ја одреди судбината. Повеќе внимание посветуваат на изборот на венчаница одошто на тестирањето на идниот татко на своите деца. Па кога ќе се зезнат, тоа не нè чуди премногу“, додала таа.

Објаснува дека многу пати гледала како страсни љубови се претвораат во страсна омраза.

„Љубовта има свој рок на траење. Долгиот, бел фустан секогаш може да се претвори во краток во кој ќе отидете на венчавката на некоја несреќничка. Ти, конечно слободна, таа правомоќно осудена. Но… Некој ни кажал дека постои безусловна љубов, дека постои вечна љубов, љубов отпорна на бури, поплави, пожари, земјотреси. Toa е љубовта на мајките кон своите деца. Годините на детето тука не играат никаква улога. Додека постоиш, она што си го родила за тебе е бебето. Беспомошно суштество на кое сè му е однапред простено“, пишува Рудан.

„Мојата пријателка на ќерка ми ѝ даде куќа, па за себе, во 70-тата година, си изнајми станче. Деновиве сопственикот ја брка на улица, зашто ќе ја продава гарсониерата. Самата си е виновна. Дали е ‘виновна’? Што ако љубовта помеѓу мајката и нејзините младенчиња е нешто поголемо од животот? Друга пријателка, на синот му плати стан во кеш, му купи автомобил, ги плаќа неговите режиски трошоци, едвај преживува. Тоа го прави за својот душевен мир. Мајката ја мери својата среќа со големината на среќата на своите деца“, продолжува писателката.

Клучното прашање, според зборовите на Ведрана Рудан, е дали децата можат да бидат среќни додека мајките се живи или стануваат среќни дури откако ќе си заминат „давежите“ што ги финансираат?

„Тука се и погребалните трошоци. Децата се најсреќни додека стојат на работ на мајчиниот гроб и плачат во неверување. Си го организирав својот погреб. Платив човек да ја однесе мојата урна на брод на отворено море и да го истресе правот во длабочините. До смртта ме јадеше детето, по смртта ќе ме голтаат рибите. Тоа ќе ми биде најдобрата инвестиција во животот, извинете, по животот. Уште нешто! Моето дете обожава ципури! И по смртта ќе може да ме јаде?“, пишува Рудан.

Еве што се случува во главата на детето кога ќе добие ќотек од мајката: Објаснување на психолог!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.