Има некоја тајна врска: Гестациски дијабетес и оралниот микробиом во бременоста

Гестацискиот дијабетес е во тесна двонасочна врска и со оралниот и со дигестивниот микробиом.

Иако се потребни дополнителни истражувања, јасна е врската на пребиотиците и микробиомите во нашето тело. Вклучувањето храна што во себе содржи пребиотици ќе има позитивни ефекти и врз оралното и врз дигестивното, како и врз целокупното здравје, особено во бременоста.

Пребиотиците се растителни влакна што дејствуваат како храна за микрофлората во телото. Тие го стимулираат растот на постојните „добри” бактерии.

Но сите растителни влакна не се пребиотици. Нерастворливите влакна слабо се ферментираат од цревните бактерии. Најзначајни пребиотици се растворливите влакна, како: инулинот, галактоолигосахаридите и фруктоолигосахаридите.

ПРЕБИОТИЦИ ПРОТИВ ПАРАДЕНТОЗА Иако концептот на орални пребиотици бара поголемо истражување, сепак патогените поврзани со пародонталната болест може да бидат способни да го променат цревниот микробиом.

Поточно, откриено е дека P. ginigvalis, патоген поврзан со пародонталната болест, предизвикува дисбиоза на цревниот микробиом.

Присуството на пребиотици ги спречува промените во цревниот микробиом, што е во корелација со целокупното здравје.

Пребиотиците може да ги хранат „добрите“ бактерии во цревата, но можат и да го модифицираат оралниот микробиом доколку се способни селективно да го стимулираат растот на бактериите што се поврзани со оралното здравје.

Многу инвитро-студии покажуваат дека добри кандидати за орални пребиотици се сукцинска киселина и N-ацетил-Д-манозамин, кои имаат особено влијание врз оралниот микробиом.

КСИЛИТОЛОТ и арабинозата може да го стимулираат растот на одредени лактобацили, а овие бактерии имаат инхибиторен ефект против S. mutans, P. gingivalis и C. Albicans – патогени поврзани со забниот кариес, пародонталната болест и кандидијазата.

ОРАЛНИОТ И ДИГЕСТИВНИОТ МИКРОБИОМ ВЛИЈААТ И ВРЗ ГЕСТАЦИСКИОТ ДИЈАБЕТЕС

Станува збор за дијабетес што може да се развие за време на бременоста кај жени што немаат дијабетес.

Покаченото ниво на шеќер во крвта е ризик-фактор за пародонтална болест. Врската е двонасочна, бидејќи пародонталната болест, исто така, може негативно да влијае на нивото на гликоза во крвта. Постојат студии што потврдуваат дека модифицирањето на цревниот микробиом со помош на пребиотици и пробиотици може да помогне во контролата на инсулинот и нивото на шеќер во крвта.

Мајчиниот микробиом е вклучен во многу метаболички болести. Сепак, улогата и патофизиологијата во гестацискиот дијабетес мелитус (ГДМ) остануваат нецелосно јасни за науката.

Со повеќе студии е потврдено дека жените со ГДМ имаат нарушен состав на микробиомот во цревата сличен по профил на оној кај лица што не се бремени а имаат дијабетес тип 2.

Промените во цревниот микробиом се тесно поврзани со метаболичките нарушувања, како што се дебелината, инсулинската резистенција и дијабетесот.

Цревните и оралните микроорганизми кај бремените жени се тесно поврзани со ГДМ во третото тримесечје од бременоста. Оттука, промените на цревните и оралните микробни карактеристики може да бидат неинвазивни биомаркери за следење и за менаџирање на ГДМ во бременоста.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.