Готвиме со љубов: Изненадете ги вашите сакани со вкусно јадење за Денот на вљубените!

5 одлични рецепти

Љубов и храна – незаменлива комбинација за врвно уживање

Велат дека љубовта доаѓа преку стомакот, а има ли подобар момент да го тестирате тоа од Денот на вљубените? Ќе го освоите сечие срце ако приредите вкусно изненадување, само не заборавајте да го зачините со многу љубов!

Салата „Валентајн“

Започнете ја вашата романтична вечера со вкусна салата, пред да продолжите со слатките задоволства. „Ова јадење е многу убаво на изглед за оваа пригода и е многу лесно за приготвување, а содржи само неколку состојки. Уживајте!“, порачува Бобан Лазарески, кого на Инстаграм можете да го најдете како @amjust.b.

Француски десерт

Ќе се вљубите во овој француски десерт! Се нарекува Mille feulle, што во превод значи „илјадници листови (слоеви)“, бидејќи е составено од три слоја лиснато тесто и два слоја крем. „Во француските пекарници најчесто може да се најде во правоаголна форма, но по повод Денот на вљубените направете го во форма на срце и додајте црвено овошје. Сè нека биде во знакот на љубовта!“, порачува Елена Андоновска, авторка на инстаграм-профилот @pomojvkus.

Љубовен тарт

Јагоди и чоколадо – најпопуларната асоцијација за врвно задоволство! Токму затоа оваа комбинација е често присутна кога се слави и ужива љубовта. „Овој симпатичен тарт обединува јагоди и чоколади во малку поинаков контекст, ставајќи ги во заедница со путереста кора и крцкави лешници. Декорацијата уште повеќе ја нагласува декадентноста на десертот, но и ја рефлектира креативната енергија на оној што ќе се одлучи да го приготви тартот за некој свој“, објаснува Добрица Насевиќ, на Инстаграм позната како @kokarche.

Чизкејк во чаша

„Кога се љуби, ништо не е тешко! Со мерак издвојте неколку часа за да приготвите нешто извонредно за сите сетила и да пренесете топла порака што гласи ‘важен/а си ми’“, ве охрабрува Катерина Шамбевска Спасеновска. Пробајте го нејзиниот кремаст чоколаден чизкејк, зашто чоколадото е зачин што ја негува љубовта и ја поттикнува да трае. За веќе испробани рецепти, заследете го нејзиниот инстаграм-профил @katerina.shambevska.

Љубовен вегански колач

Ако сте расположени за поздрав десерт, нема да погрешите со овој колач. Ќе уживате во секој залак од љубовната посна торта со малини без шеќер! „Уживајте во убавините на февруари и во убавините на љубовта! Споделете топли прегратки, насмевки и прегрнете ги вашите најмили. Нека царува љубовта цела година“, порачува Бранко Попоски, кој стои зад добропознатиот инстаграм-профил @cookingwithbranko.

Рецептите за овие прекрасни специјалитети можете да ги најдете во најновиот број на магазинот „Убавина и здравје“!

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.