БЛОГ: Со велосипед низ целиот свет… или барем низ градот!

Не се вели бадијала дека е најдобро автомобилот да се замени со велосипед, а нашиот соработник Никола Грбин ни открива низ кои патишта – и на две тркала – е најлесно да се стаса до саканата дестинација во Скопје.

Нема да верувате, но и покрај сето настојување од страна на моите родители да научам да возам велосипед уште од мал, јас задоцнив и го совладав во тинејџерскиот период. Првото крукче го свртев со другарка ми од клупа, Соња.

Мајка ми ми купи велосипед, кој долги години собираше прав во подрумот, па Соња одлучи нештата да ги земе во свои раце и ме присили да го извадам на улица. Никогаш нема да заборавам со колкава гордост вртевме крукчиња околу училиштето…

Можеби не сум некој репер за добар возач на автомобил, всушност, автомобилите за мене се апстрактен поим, но затоа велосипедот и јас станавме неразделни. Ги имам неколку на број и сите носат исто име – Данте.

Иако цел живот се занимавам со спорт поради татко ми, во тинејџерските години и не бев некој спортски тип и секогаш водев војна со моите околу запишувањето на некој спорт. Му се восхитувам на наставникот по физичко, Мики, но и на мајка ми.

Навистина, тој мој пат беше трнлив и лизгав. Мајка ми ме запишуваше на сите можни спортови, а јас сите ги саботирав. Искрено, ме мачеше тоа што бев буцко, а маката траеше до пред две години, кога одлучив да го сменам животот за 180 степени.

По 25-та година, некако сè се заврте наопаку и почнав да ги решавам нездравите навики. Секој што ме познава, добро знае дека зеленилото и јас не сме најдобра комбинација, но почнав да го јадам секој ден, вклучувајќи ги и супите. Настојувам што помалку да седам (иако поради природата на новинарската професија, тоа е речиси невозможно), а многу повеќе да се движам.

Долго време избегнував да одам во вежбалница, на крај, со помош на Ивана, сепак ја засакав. Ја почувствував радоста кога телото е во движење, а велосипедот се надоврза на неа сосема природно.

КАКО ИЗГЛЕДА ДЕНОТ НА ДВЕ ТРКАЛА

Со сигурност можам да кажам – посреќно, поведро и попозитивно. Станувам во исто време како и кога одев на работа со автобус, со таа разлика што мојата утринска рутина сега е поразлична. Порано станував побрзо, потешко и понервозно за да го фатам автобусот, а денес станувам, се мијам, се облекувам, читам вести, купувам јогурт и ѓеврек и им тргнувам во пресрет на новите лица, добро познатите фасади кои секојдневно ги гледам и на непредвидливите ситуации кои ми го разубавуваат денот.

Чувството е неверојатно кога наутро се возите низ скопските улици, кои толку многу ги сакам, во градот во кој сум заљубен до уши.

КАДЕ ДА СЕ ВОЗИ

Скопје е рамно ко тепсија, со исклучок на Водно и на приградските населби, кои се надвор од градот, па таму ретко и одам. Велосипедските патеки покриваат добар дел од градот, така што возењето е многу олеснето. И до најоддалечените места стасувам за еден час, во зависност од сообраќајниот метеж.

Најголем проблем ми претставуваат пешаците кои се движат по велосипедските патеки, како и непрописно паркираните автомобили, а неретко и некултурните возачи, кои немаат намера да застанат пред пешачките премини, напротив, додаваат гас.

Но ако се вооружите со трпение, и ако сте оптимист, можете навистина да уживате во возењето, и тоа во поголема мера отколку кога возите автомобил. Покрај Вардат, преку плоштад, низ парк…

така изгледа мојата дневна рута, со исклучок на бул. Климент Охридски, кој е воедно и единствената сообраќајница која ја преминувам. Сепак, најлошо е кога се возите низ центарот на градот, па затоа најчесто слегувам од велосипедот и го туркам.

Брзината и темпото на возење ги одредувам сам, не губам време чекајќи градски превоз, не се туткам во преполните автобуси, не заглавувам со такси, едноставно, се качувам на Данте и уживам до работа. И назад!

ВЕЛОСИПЕДОТ И МОДАТА

Појавата велосипедистите да се облекуваат модерно и убаво е позната како „cycle chic“, што значи дека велосипедизмот не се поврзува исклучиво со спортскиот стил. Можете да бидете многу „стајлиш“, но потребно е да следите неколку правила. Мене ми беше потребно малку време да искомбинирам тренди-парчиња во кои се чувствувам удобно додека возам велосипед.

Кога студи, потребен ви е топол и малку подолг џемпер, а за време на топлите денови – изборот ви е многу поширок. Избегнувајте премногу тесни парчиња, премногу широки панталони или лелеава облека, затоа што постои опасност вишокот од материјалот да се заплетка во синџирот на велосипедот. Добро е секогаш да имате при рака кабаница во случај да заврне (може да се најде во големина на хартиени шамичиња).

Кога станува збор за обувките, во предвид доаѓаат сите видови чевли, избегнувајте само обувки од превртена кожа во светла боја.

Ако возите умерено, ќе стасате на работа, состанок или на пијачка во истата состојба во која и сте тргнале. Нема да се испотите!

ТЕРАПИЈА ЗА ДУШАТА

Познато е дека зелената боја смирува и усреќува, а кога возите велосипед, имате привилегија навистина да уживате во зеленилото. Фактот што сум постојано во движење има позитивно дејство врз мојата душа. Патем, ги осознав и сите благодати од смеењето и разменувањето зборови со тотални странци.

За време на возењето среќавам луѓе, им свирнувам и ги замолувам да се поместат, а потоа им се заблагодарувам, разменуваме по неколку зборови и со насмевка се отпоздравуваме.  Урбаниот велосипедизам навистина заживеа во светот, а полека се пренесува и во нашата престолнина.

Она што порано беше забава за децата, полека им станува превозно средство на оние што сакаат да бидат фит и што се свесни колку е важно времето поминато надвор, но немаат време за релаксација.

Внимавајте на велосипедот

Неопходно е да бидеме свесни дека велосипедот можат да ни го украдат. Лично ми имаат украдено два, иако беа цврсто врзани со синџир. Најдобро е да го врзете во влезот на зградата, никако пред неа, или гледајте да ви биде во видно поле додека го пиете кафето со пријателите во кафулето.

Секогаш користете сигурна и цврста заштита, која се купува во специјализирани продавници, а не е лошо и да си го осигурите. Сликајте го велосипедот и чувајте ги сликите во случај на кражба за да можете да ги покажете во полиција или да ги објавите на социјалните мрежи.

Текст: Никола Грубин

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.