Зошто ни се потребни адаптогени и како да ги користиме?

Експертите ветуваат дека адаптогените го подобруваат нашиот имунолошки систем, помагаат во борбата со стресот, ги подобруваат концентрацијата и издржливоста, ни даваат дополнителна енергија и смируваат пред спиење.

Адаптогените спаѓаат во единствена група билни препарати, која вклучува билки, корени и печурки способни да се „адаптираат“, односно да го приспособат своето дејство според специфичните потреби на нашиот организам. Иако поимот адаптогени е релативно нов (се појави во 1947 година), овие билки со векови се користат во дневното практикување на индиската ајуверда, кинеската медицина и другите традиционални култури.

Во медицината го вовел професорот Николај Лазарев, истакнат руски научник, кој открил дека некои билки ја зголемуваат отпорноста на човековиот организам на неповолните фактори од хемиска, физичка и биолошка природа.

Кои билки се сметаат за адаптогени?

За да се смета за адаптоген, лековитата билка треба да одговара на следниве критериуми:

* да биде безбедна за здравјето, односно да нема отровно дејство врз организмот и да може да се зема во помали дози подолг временски период;

* да ја зголемува отпорноста на организмот на стрес;

* да воспоставува рамнотежа на хормонскиот систем, односно да ја нормализира функцијата на целиот организам.

Што, всушност, прават адаптогените во нашиот организам?

Денес феноменот адаптогени е добро испитан. Во текот на последниве години се појавија повеќе истражувања што ги потврдуваат нивните бенефиции: способноста да го намалат нивото на кортизол во крвта, да ги обновуваат мозочните клетки, да ги намалат анксиозноста и уморот, да спречат развој на тумори, да штитат од зрачење…

Адаптогените функционираат како термостат. Кога термостатот ќе почувствува дека е премногу топло во просторијата, ја намалува температурата, и обратно. Адаптогените имаат способност да ве смират и истовремено да ви ја подигнат енергијата. Тие им овозможуваат на клетките поефикасно да го искористат кислородот. Поддржувајќи ја функцијата на надбубрежната жлезда, адаптогените ги ублажуваат последиците од стресот врз организмот и ја нормализираат нарушената рамнотежа во него, објаснува д-р Франк Липман, еден од водечките стручњаци на функционалната медицина.

Медитација, јога и зелено смуди се одлични во борбата против стресот. Сепак, според моето мислење, адаптогените се најефикасен и најбрз начин за тоа, смета Кимберли Сајдер, диетолог.

Како се употребуваат адаптогените?

Земајќи предвид дека не предизвикуваат зависност и не се отровни, можете да ги консумирате секој ден, но важно е да бидат во пропишани дози и облик. Не земајте повеќе од 2-3 грама на ден, што е еднакво на половина лажиче прав.

Адаптогените се додаваат во чај или во смуди, не се препорачуваат за бремени жени и за доилки, а на почетокот од нивната примена, треба да се посвети внимание на сопствениот впечаток, т.е. дали ви годи примената на адаптогени.

Само на тој начин ќе дознаете што ви одговара, а што не. На пример, ако по доза женшен имате иста реакција како и по филџан еспресо (покачен притисок, забрзан пулс и срцебиење), значи дека овој адаптоген не ви одговара. За поголема ефикасност, експертите советуваат одвреме-навреме да ги замените и да правите пократки паузи меѓу терапиите.

Препаратите врз база на адаптогените се исклучително корисна група природни лекови, особено доколку сме изложени на стрес и на големи психофизички напори. Но важно е да запаметите дека овие билки можат да донесат полза само ако се дел од севкупен здрав начин на живот, како додаток во урамнотежена исхрана, физичка активност и ментална рамнотежа.

ДЕСЕТ НАЈПОПУЛАРНИ АДАПТОГЕНИ

Иако адаптогените го приспособуваат своето дејство според потребите на организмот, секоја билка има свои специфични карактеристики и оригинален ефект.

Ашваганда: ајувердско злато

Индиската билка ашваганда илјадници години се користи во ајувердата и има широк спектар на дејство. Ги намалува стресот, анксиозноста и депресијата, го зајакнува имунитетот, ја зголемува издржливоста на организмот и помага во случај на хроничен умор. Има смирувачко дејство врз кардиоваскуларниот и централниот нервен систем. Исто така, ја регулира хормоналната рамнотежа и е моќен антиоксидант.

Елевтерокок (Eleutherococcus senticosus): пониско ниво на маснотии и шеќер во крвта

Елевтерококот или сибирски женшен е најпознат руски адаптоген и се применува на подрачјето на поранешен СССР. Најмногу го користат за зајакнување на имунитетот наесен и во зима, за закрепнување на организмот по стресен период, а истражувањата покажаа дека оваа билка има успешно дејство против инфекции и го намалува нивото на маснотии и на шеќер во крвта. Не се препорачува во случај на висок крвен притисок и во комбинација со други стимуланси.

Женшен: лек против сите болести

Женшенот долго време се сметаше за највредна и најскапа лековита билка на светот. Најпознатиот ботаничар Карл фон Лајн ја нарече „лек против сите болести“. Овој корен е најистражуваниот адаптоген досега, а неговата способност да му се спротивстави на стресот и да обезбеди енергија е докажана во многубројни истражувања. Женшенот ја зголемува отпорноста на организмот против разни неповолни фактори, меѓу кои и против тумори и инфекции.

Родиола (Rhodiola rosea): златен корен за подобра мозочна функција

Родиолата успешно го нормализира нивото на кортизолот во крвта и има уникатна способност да ги полни мозочните клетки со кислород. Оваа лековита билка потекнува од Тибет и го заштитува организмот од штетното дејство на слободните радикали, придонесува за „поостар“ ум, ги подобрува концентрацијата и помнењето и успешно се користи во лекување депресија. Овој адаптоген помага и во случај на несоница, раздразливост, главоболка и умор.

Лековити печурки

Придонесуваат за нормализирање на хормоналната рамнотежа во организмот и помагаат во борбата против стрес, но секоја од нив има и уникатни својства:

РЕИШИ го зајакнува имунитетот, ја поддржува функцијата на црниот дроб и штити од зрачење. Му помага на телото да се приспособи кон разни видови стрес: повреди, инфекции, вируси, напорен режим со малку спиење и друго.

ЧАГА е богата со витамини од Б-групата, флавоноиди и со минерали. Таа е еден од најсилните антиоксиданти. Во Кина ја нарекуваат „царица на билките“, а во Јапонија „шумски дијамант“.

КОРДИЦЕПС го исполнува организмот со кислород, ја подобрува функцијата на мозокот и ја зголемува издржливоста, а едно од најважните дејства на оваа печурка е намалување на канцерогените клетки. Докажано е дека кордицепс ги намалува последиците од стресот врз организмот, ја зголемува неговата способност за обновување и му ја враќа виталноста.

Перуанска мача: хормонална рамнотежа и издржливост

Овој адаптоген потекнува од Перу и првенствено дејствува врз жлездениот систем, па активно се применува во нормализирање на хормоналната рамнотежа. Мача е богата со витамини од Б-групата, калциум, цинк и со железо. Ги поттикнува физичкото и менталното здравје, ја зголемува енергијата, а првите резултати се видливи само по неколку дена од нејзината примена. Многу атлетичари ја додаваат во исхраната за време на натпреварите, бидејќи ја подобрува издржливоста.

Мукуна (Mucuna pruriens): еликсир на среќата

Мукуна е хранлива билка што со векови се користи во Азија за лекување депресија и за подобрување на расположението. Ја содржи аминокиселината Л-допа, која во нашиот организам се претвора во допамин – хормон на среќа и на задоволство. Оваа лековита билка го смирува нервниот систем и ја подобрува мозочната функција. Помага и при слабеење, бидејќи го намалува нивото на маснотии во телото и го отстранува целулитот.

Свет босилек (тулси): релаксирање пред спиење

Индискиот свет босилек или тулси е познат како билка што смирува и опушта. Во ајуверда се смета за столб на холистичката билна медицина. Ја нарекуваат и „еликсир на животот“. Чајот од тулси е одличен за лицата што страдаат од несоница, а инаку е и силен антиоксидант, има антибактериски, антивирусни и антигабични својства. Помага при респираторни болести.

Текст: Катја Јаковлјева

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.