МОЕ ТЕЛО, МОЈ ИЗБОР: Каков е нашиот закон за абортус и можат ли женските права повторно да бидат загрозени?

Што значи забраната за абортус?

Побаравме мислење од наши стручни соработнички: проф. д-р Александра Деаноска Трендафилова, редовна професорка на Правниот факултет; Кристина Леловац, една од основачките и програмските уреднички на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ и Ана Попризова, училиштен психолог и гешталт-терапевтка

Одлуката за прекин на бременоста е една од најтешките и најтрауматичните во животот. Но без разлика колку емоционални, етички, морални и религиозни дилеми вклучува, таквата одлука се однесува на сопственото тело и мора да остане лична. Секоја жена мора да има слобода да ја донесе од свои, интимни причини, кои не треба ниту да му ги објаснува ниту да му ги оправдува некому – освен на самата себе. За среќа, во нашата држава законот го поддржува правото на жената сама да одлучува за своето тело. Меѓутоа, неодамнешните случувања во светот, како што е забраната за абортус во голем број американски држави, нè наведоа да се загрижиме и да побараме одговори на прашањата: Што значи тоа за жените кај нас? Може ли нашите права повторно да бидат загрозени?

На 24 јуни 2022 година, Врховниот суд во САД ја поништи пресудата во случајот „Роу против Вејд“ и со тоа дојде до укинување на правото на абортус во 16 американски држави. Се очекува дека бројот на државите во кои прекинот на бременоста ќе стане нелегален и понатаму ќе расте и дека околу 40 милиони жени ќе ги изгубат своите репродуктивни права, без разлика што можеби животните околности ги принудуваат на тој чин. Тоа најмногу ќе ги погоди жените од социјално загрозените групи, кои нема да можат да си дозволат да отпатуваат во друга држава за да извршат абортус.

Да се потсетиме, со пресудата во случајот „Роу против Вејд“ во 1973 година, Американките добија гарантирано право на абортус. Па, како дојде до ова уназадување на женските права во третата деценија од 21 век? Каква е ситуацијата кај нас и дали имаме причина да се загрижиме? Истраживме што вели нашиот закон за абортусот и побаравме мислење од нашите стручни соработници.

Што вели нашиот закон?

Проф. д-р Александра Деаноска Трендафилова, редовна професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ни објасни како гласи нашиот закон за абортус:

„Во македонската легислатива, прашањата во врска со абортусот се регулирани со Законот за прекинување на бременоста. Важечкиот закон е донесен во мај 2019 година и, во согласност одредбите од овој закон, жената има право да ја прекине бременоста до истекот на дванаесеттата гестациска недела. Во овој период, всушност, жената има полна репродуктивна слобода, во смисла на тоа дека не треба да се бара од неа да ги образложува своите мотиви или причини за таквата одлука, но треба да даде писмена согласност за тоа. По истекот на дванаесеттата гестациска недела, условно, започнува т.н. ‘казнива зона’, односно абортусот би можел да претставува кривично дело од чл. 129 од Кривичниот законик ако не се исполнети одредени услови. Имено, по дванаесеттата гестациска недела, абортусот е дозволен само во определени ситуации, како што се, на пример, следните: бременоста да претставува опасност по животот на жената; бременоста да е резултат на кривично дело (силување и др.); да постојат научно засновани очекувања во конкретниот случај детето да се роди со тешки телесни и душевни недостатоци или да постојат определени околности од лична, материјална и друга природа. Сето ова е прецизно утврдено со гореспоменатиот закон.“

„Абортусот не е нешто што некој го посакува. Жената што има силна причина да донесе таква одлука, нема да ја спречи никаква забрана, напротив, во такви околности во пораст се нелегалните и незбезбедни абортуси“ – Проф. д-р Александра Деаноска Трендафилова, редовна професорка на Правниот факултет
Треба ли да се загрижиме?

Професорката Трендафилова смета дека репродуктивните права кај нас не би биле загрозени или дека нашето позитивно законодавство, кое во моментов спаѓа во групата на „либерални“ законодавства, би се уназадило:

„Сепак, многу случувања во светот сведочат дека правата на жената одново може да станат предмет на ограничувања и дека еднаш добиените битки, за жал, често не се засекогаш извојувани победи. Всушност, пред одреден број години и кај нас беа предвидени определени законски услови што во практика можеа да значат ограничување или отежнување на пристапот до абортус за многу жени. Тоа беше коригирано и во моментов го имаме најлибералното законодавство споредено со решенијата од претходните закони, иако има простор за ревидирање и дополнување и на некои од важечките одредби. Но заштитата на човековите права од секаков вид (вклучувајќи ги и правата на жената, па и репродуктивните права) не е еднократен или завршен процес; на неа постојано и будно треба да се работи.“

Два запоставени аспекти

Според нашата соговорничка, во практиката кај нас се запоставени два аспекта што може да претставуваат сериозно ограничување на правото на абортус:

„Првото е пристапот до абортус. На една жена може де факто да ѝ биде ограничен пристапот до абортус иако де јуре го има тоа право, ако не е во можност да си го дозволи абортусот од финансиски причини или ако физички нема пристап до гинеколошки и други услуги (непостоење на ординација или здравствена установа релативно блиску и сл.). Значи, прашањето во кои околности треба здравственото осигурување да го покрие прекинувањето на бременоста, треба да се преиспита. Второ прашање, за кое многу малку се зборува, е правото на приватност и заштита на личните податоци од здравствено-медицинска природа. Приватноста при добивање здравствени услуги и вршење медицински интервенции е заштитена не само со националното законодавство туку и со меѓународни инструменти. Податоците, пак, што се однесуваат на здравјето, добиените услуги на здравствена заштита и сл. се посебна категорија на лични податоци и тие се предмет на посебна, засилена заштита. Но често сме сведоци дека во практика не е така и тоа може да доведе до зголемена стигматизација на пациентите и други потенцијално потешки последици.“

Елементарно човеково право

Мислење на оваа тема побаравме и од Кристина Леловац, актерка, изведувачка, вонредна професорка на ФДУ – Скопје и една од основачките и програмските уреднички на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“. Ја прашавме зошто е важно жената сама да одлучи дали сака да роди или не:

„Во патријархалните општества, какви што се овие во кои живееме денес, животот на оние што остануваат бремени и раѓаат е најдиректно и целосно условен од бременоста, раѓањето и грижата. Поддршката од партнерот/ката, со кој/а сте во безбедна и здрава емотивна врска, имате решено станбено прашање, редовни примања што ви овозможуваат не само елементарно преживување туку и доволно средства за исполнет живот, се важни елементи при одлучувањето. Но колкумина од нас денес навистина живеат во вакви услови? Ниту единствената, ниту клучната улога на оние што можат да раѓаат не е да бидат мајки. Не е нивна обврската, ами на државата, со добри социјални политики да обезбеди услови за одржување на наталитетот, но и секому да му го гарантира правото да ја избере својата животна улога од мноштвото идентитети што ги има, а тука не спаѓаат само општествено прифатливите конструкти.“

За жал, според Кристина, женските тела и животи, отсекогаш, па и денес, ги регулираат оние што не се жени:

„Тие не само што се најгласни туку се и најнасилни, зашто ги имаат окупирано позициите на моќ, кои ги злоупотребуваат. Сите жени, без исклучок, се жртви на укинувањето на правото на абортус, дури и оние што се привилегирани да не бидат директно засегнати. Комплексни се причините поради кои некои жени избираат да застанат на страната на оние што ги угнетуваат, а една е илузијата дека станувајќи дел од машкиот свет, ќе се заштитат од насилството, кое порано или подоцна секако ќе ги стигне. Наше е да ги наоѓаме допирните точки со оние со кои не се согласуваме, за да градиме сојузништва во борбата за поправичен свет, кој на сите ни е неопходен.“

„Искуствата потврдуваат дека ваквите ужасно анахрони, конзервативни, дискриминирачки и, во основа, насилнички одземања на елементарните човекови права никогаш не го намалиле бројот на абортуси. Напротив! Една целосно безбедна процедура на здравствената грижа ја претвораат во ризик по животот!“ – Кристина Леловац, актерка, изведувачка, вонредна професорка на ФДУ – Скопје и една од основачките и програмските уреднички на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“
Рушење на стигмата

Дестигматизација на абортусот може да се случи само со конечно воведување задолжително сеопфатно сексуално образование во основните и средните училишта, вели Кристина:

„Така ќе се формираат генерации со развиено социоемоционални вештини, личности што не дискриминираат ами сочувствуваат, кои не се насилни ами ги разбираат и почитуваат различностите, кои не одземаат ами споделуваат. Тоа е единствената надеж за иднината на човештвото соочено со кризи, кои само се трупаат.“

Репродуктивна слобода

Дали жената е обврзана да побара совет од психолог доколку размислува за абортус? Одговор на ова прашања побаравме од Ана Попризова, училиштен психолог и гешталт-терапевтка:

„Бремената жена, со или без партнер, најдобро знае со какви предизвици се соочува и што е во најдобар интерес за неа и за нејзиното семејство – особено доколку во текот на бременоста се појават медицински или социјални проблеми. Притоа, поддршката од лекар или психолог е секогаш добредојдена и корисна, доколку таа смета дека има потреба од ваков тип поддршка.“

Сепак, порано работите биле малку поинакви:

„Во минатото, беше донесено законско решение со кое жената беше обврзана на задолжително советување за придобивките од продолжување на бременоста на еден пристрасен начин, кој можеше да дејствува како дополнителен притисок врз нејзината одлука, наместо да добие информации и совети што се објективни и медицински релевантни. Со тоа беа потценети нејзината автономија и способност да одлучува во најдобар интерес за своето репродуктивно здравје. Исто така, ова законско решение опфаќаше комисиски одлуки, високи казни за докторите и медицинските установи што не го спроведувале советувањето и сл. Ова законско решение беше укинато, а денес се воведуваат и новини. Жените што биле жртви на сексуално насилство повеќе нема да минуваат низ сложени административни процедури во полицијата и јавното обвинителство за да докажат дека биле силувани, жените ќе можат веднаш да се обратат во болница и да ја добијат услугата навреме, наместо да прибегнуваат кон нелегални абортуси поради стравот од стигматизација и осуда од институциите. Новите законски одредби се во согласност и со меѓународните конвенции за човекови права и со принципите на Истанбулската конвенција за заштита на жените од родово базираното насилство. Жената што се одлучила на абортус поради социјално-економски причини нема да биде присилена да собира документи за да ја докаже својата материјална и социјална состојба пред да ѝ биде дадена услугата. Доволна ќе биде нејзина лично потпишана изјава за социјалната состојба. На овој начин се уважува способноста на жената, која е единствената што може најдобро да го оцени својот социјален статус.“

Попризова ни откри и дека жената може да го избере методот на кој ќе ѝ биде направен абортусот, со што уште повеќе се уважуваат нејзината репродуктивна слобода и правото на избор. Голем број жени го избираат медикаментозниот абортус, бидејќи сметаат дека е побезбеден и го чувствуваат како поприроден: не се користат хируршки инструменти и анестезија и еден од двата лека се зема во домашни услови. Новото законско решение значително ги намалува временскиот период за добивање на услугата и можностите од компликации од абортусот, со што се зголемува безбедноста по здравјето. Конечно, волјата на жената се става на прво место, затоа што таа најдобро знае што е добро за нејзиниот приватен живот, семејството и здравјето.

„Жената треба слободно да ги донесува сите одлуки во својот живот, вклучувајќи ја и одлуката дали и кога ќе основа семејство и колку деца ќе има“ – Ана Попризова, училиштен психолог и гешталт-терапевтка
Психолошки последици

Трендот на укинување на правото на абортус е присутен во многу земји и региони. Во однос на ова, Ана Попризова се согласува со ставот на претседателот на Американското психолошко здружение, кое е длабоко загрижено во врска со можноста во некои држави да се воведе забрана за абортус, а кој гласи:

„Деталните, долгорочни психолошки истражувања јасно покажуваат дека кај жените на кои им е оневозможен абортус постои поголема веројатност да искусат повисоки нивоа на анксиозност, пониско задоволство од животот и пониска самодоверба во споредба со оние што можат да абортираат.“

Попризова додава и дека постои силна врска помеѓу несаканата бременост и семејното насилство:

„Искуствата на ова поле сугерираат дека неможноста да се изврши абортус го зголемува ризикот од семејна злоупотреба кај оние што се принудени да останат во контакт со насилните партнери, изложувајќи ги на ризик нив и нивните деца.“

Освен тоа, стигмата и општествената осуда предизвикуваат срам кај жените што одбираат абортус:

„Срамот и осудата на абортусот може да предизвикаат изолација или чувство на вина, па се случува жените – без оглед на правниот статус на абортусот – да се срамат што бараат или што направиле абортус. Тие се прогласени за себични, неодговорни, бесчувствителни и сл. На лично ниво, ја охрабрувам секоја личност што минува низ ваква ситуација да побара психолошка помош.“

 

Клучна цел – едуцирани млади

Репродуктивните права и слободи може да се одржат со спроведување законска регулатива што ќе го заштити правото на избор на жената, како и со овозможување поддршка и едукација на жените преку низа промотивни, информативни и превентивни активности.

„На пример, такви услуги нуди ХЕРА – асоцијација за здравствена едукација и истражување, во насока на обезбедување бесплатни и доверливи услуги: дијагностика на сексуално преносливи инфекции преку ПАП-тест и други микробиолошки тестови, администрирање терапија и контрацепција (кондоми, спирала, орална и итна контрацепција), советување за планирање родителство и превенција на непланирана бременост, бимануелен преглед и ЕХО-преглед, тестови за бременост, дистрибуција на бесплатни кондоми, лубриканти и едукативни материјали и сл.“, открива Попризова и додава дека образованието на децата и младите е клучно за прогресот и дестигматизацијата на теми поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје:

„Како практичар, кој секојдневно е во контакт со младите и нивните родители, сметам дека добро ги познавам предизвиците со кои тие се соочуваат секојдневно. Бидејќи на оваа возраст се случува интензивна социјализација, се формираат нови релации, се започнуваат првите партнерски релации и се спознаваат сексуалноста и интимноста, сметам дека сеопфатното сексуално образование е вистинската подготовка за овој период. Само така може да се постигнат препознавање и справување со социјалната стигма, со која абортусот е проследен во потрадиционалните општества, како нашето.“

За крај, да нагласиме уште еднаш: исклучително е важно тоа што имаме право сами да донесеме одлука за прекин на бременоста, како и тоа што постојат адекватни здравствени установи во кои безбедно можеме да ја извршиме таа процедура. Но исто толку е важно и да преземеме соодветни чекори за спречување несакана бременост, односно одговорно да донесуваме одлуки за сопственото тело и здравје.

ДАЛИ ЗАБРАНАТА ЗА АБОРТУС МОЖЕ ДА ЈА НАМАЛИ СТАПКАТА НА ОВАА ИНТЕРВЕНЦИЈА?

Нашите соговорнички се едногласни: забраната за абортус во никој случај не ја намалува стапката на абортус. Напротив, само ја префрла оваа постапка во „сива зона“, ја криминализира и илегализира, со што се намалуваат медицинските стандарди под кои се изведува, а тоа може да ги загрози здравјето, животот и благосостојбата на жените. Намалувањето на стапката на абортуси не треба да се постигне преку забрана за абортус, туку преку спречување несакана бременост, пристап до контрацепциски средства, информирање, соодветна едукација и сл.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, ДРАГИЦА НИКОЛОВСКА, GETTY IMAGES

Во 1973 година, оваа жена се изборила за правото на абортус: Денес целиот свет зборува за нејзината приказна!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.