Прирачник: Негувајте се како да сте во салон за убавина

Ве инспирираме

Не успевате да закажете термин во фризерскиот и козметичкиот салон? Не очајувајте поради тоа, нашиот прирачник ќе ви помогне сами да спроведете одредени третмани во вашиот дом.

Можам сама да… СИ НАПРАВАМ МАНИКИР-ТРЕТМАН?

Прво, отстранете го стариот лак од ноктите и темелно измијте ги рацете. Скратете ги ноктите со ножички или грицкалка и обликувајте ги по желба. Со посебно стапче, нежно истуркајте ги заноктиците од ноктот, измијте ги рацете и исушете ги добро со крпа. Потоа нанесете лак за заштита на ноктите, а кога ќе се исуши, врз него нанесете лак во боја. Почнете со еден слој, почекајте да се исуши, па нанесете втор слој. Така ќе добиете поинтезивен резултат. На крај, нанесете надлак, кој ќе осигури постојаност на маникирот.

Можам сама да… НАПРАВАМ  ПЕДИКИРТРЕТМАН?

Потопете ги стапалата во купка (во топла вода, додајте морска или миризлива сол). Држете ги стапалата во водата 15-тина минути. Оваа постапка ги релаксира и омекнува стапалата, така што полесно ќе ги отстраните грубите делови со помош на камен за петици или стругалка.

Откако добро ќе ги исушите стапалата со крпа, исечете ги ноктите рамно, така ќе спречите нивно враснување, па истругајте им ги рабовите малку со стругалка. Со посебно стапче, истуркајте ги заноктиците од ноктите и исечете ги со ножички. Откако ќе завршите со оваа постапка, преминете на лакирање.

Прво нанесете базен лак, врз него лак во саканата боја (во два слоја), и намачкајте ги стапалата со хидратантен крем. Во текот на ноќта можете да ги почестите со хидрирачки третман што ќе ги омекне и хидрира. Нанесете го во кожата и облечете памучни чорапи.

Можам сама да… ГИ ОТСТРАНАМ НЕСАКАНИТЕ ВЛАКНА?

ПОД ПАЗУВИТЕ

Втријте во кожата гел/крем/пена за бричење и со остар брич (ако се бричите секој ден, бричот треба да го менувате еднаш неделно) повлекувајте потези во облик на крст, а потоа и на буквата „X“. На тој начин ќе ги отстраните сите влакненца во конкретната област.

Ако се одлучите за депилација со восок, изберете го тврдиот без ленти. Тој е најдобра опција за подебелите и погустите влакненца што растат во оваа област. Но ќе мора да се стрпите три недели за да можат влакненцата доволно да пораснат за депилацијата.

ОД БИКИНИ-ЗОНАТА

Ноќта пред бричењето, втријте масло во оваа област. Тоа ќе ја омекне кожата и ќе го олесни процесот на отстранувањето на влакненцата. Намачкајте ја бикини-зоната со гел за бричење, па повлекувајте со бричот во насока на растот на влакната, а на крај и во спротивна насока.

Ако претпочитате депилација со восок, набавете поцврст восок, без ленти – бидејќи предизвикува најмалку болка и иритација. Дејствува како цврста обвивка која го завиткува влакното и не ја придвижува кожата. Два дена по депилацијата, направете нежен пилинг со луфа-ракавица за да спречите враснување на влакната.

ОД НОЗЕТЕ

Се применуваат истите правила како и при бричење под пазувите. Сепак, мора да истакнеме дека овој метод носи доста краткотрајни резултати, кои објективно можат да се толерираат само кај жени со мошне светли влакненца на нозете.

Кога станува збор за депилацијата со восок, набавете мек восок, кој ќе може да покрие големи површини за да ја забрзате постапката. Сепак, и во овој случај ќе мора да поминат 3-6 недели до следната депилација за да можат влакненцата доволно да пораснат за успешно отстранување со восок.

Можам сама да… ГИ ПОТСТРИЖАМ ВРВОВИТЕ/СКРАТАМ ШИШКИТЕ?

Ќе мора да ве предупредиме дека не станува збор за лесна задача. Но ако сте подготвени да ризикувате, набавете остри ножици и седнете пред огледалото. Доколку сакате да се ослободите од испуканите краеви, немојте да ја мокрите косата. Земајте прамен по прамен, навиткајте го и поминете со прстите преку него (одоздола нагоре) и со ножички полека отстранете ги сите влакненца што се расцветале.

И во случај да сакате да ги скратите шишките косата треба да ви е сува. Пред да почнете со потстрижување, заврзете ја преостанатата коса за да ја тргнете од лицето, исфенирајте ги шишките право и зафатете ги меѓу показалецот и средниот прст.

Оддалечете ги од лицето и полека сечете. Внимавајте да не ги скратите многу – во еден потег сечете максимум половина сантиметар. Генерално, линијата на веѓите треба да ви биде показател за новата должина.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.