10 совети за уредување на трпезаријата

Најнови трендови и практични решенија

Овие професионални совети дефинитивно ќе ви помогнат во уредувањето на трпезаријата, која треба да претставува пријатно катче за обредување со семејството и пријателите.

1 ДРВЕНА ПОДНА ОБЛОГА

Во минатото, подовите во трпезаријата претежно беа обложени со керамички плочки. Сепак, признајте дека ништо не може да се спореди со убавината и топлината што ги носи природното дрво. Дрвените подови лесно се инсталираат од систем на кликнување и се подготвени за употреба веднаш по поставувањето.

За светол даб, како што е на фотографијата, можете да изберете тепих во која било боја што ја сакате, а добрата страна е што, благодарение на оваа облога, парчињата мебел со впечатливи бои уште повеќе доаѓаат до израз.

Кога зборуваме за поставување теписи, имајте ги предвид димензиите. Имено, најдобро е столчињата да бидат на тепихот и кога се извлечени, затоа што така целата слика на трпезарискиот дел изгледа комплетирано.

2 ПЛЕКСИГЛАС – НАЈДОБАР ИЗБОР

Кога станува збор за одржувањето, најпрактични се столчињата од водоотпорен материјал, односно плексиглас, (акрилно стакло). Тие имаат модерен дизајн, цврсти се и отпорни, а достапни се како проѕирни или во различни бои и убаво се комбинираат со маса од медијапан или од полно дрво. Покрај тоа, тие се доста удобни.

3 ТРПЕЗА ЛИСТ

Декорирајте ја масата со мотиви од природата – лист од палма или филодендрон нека ви послужи како шема по која ќе пресечете некој подебел материјал или зелена пластична подлога и ете една сосема нова и оригинална подлошка. Масата задолжително треба да ја красат зеленикави салфетки, вазни со цвеќиња и свеќници.

4 ИЗБОР НА МАСА

 

Масата за мала трпезарија не смее да биде голема и масивна за да не остави впечаток на пренатрупаност. Тркалезна или овална маса овозможува лесно движење низ мал простор, а онаа со можност за извлекување сигурно ќе биде вистинскиот избор.

Препорачуваме маса направена од стакло или плексиглас, преку која светлината непречено поминува од сите страни, со што просторот визуелно изгледа поголем. И изборот на столовите е исто така значаен. Изберете такви што немаат висок потпирач, за да не се создаде визуелна пречка.

5 ПРЕГРАДЕН ЕЛЕМЕНТ

Доколку сакате визуелно да ги одделите трпезаријата и дневната соба, а да не биде тоа со ѕид, тогаш имате на располагање разни видови полици и панели од различни материјали. Ваквиот начин на преградување прави просторот да изгледа прозрачно и светло.

6 ЕДНОСТАВНО

Tрпезаријата на фотографијата е опремена со маса и столчиња со бела боја, како и со необичен начин за чување книги и декоративни работи: високата полица што се протега по должината на цели два ѕида е поставена веднаш до таванот.

За книгите што се користат почесто, има скали обоени во жолта боја, на кои место нашле и разни декоративни дреболии. Она што е особено интересно, секако, се трите тркалезни полици, од кои едната е обоена во црно, како и основата на трпезариската маса.

7 ЗАШТЕДА НА ПРОСТОР

Со поставувањето клупа во мала трпезарија се заштедува на простор и се добива повеќе место за седење. Покрај тоа, таа може да биде интересен елемент доколку ја декорираме со разнобојни перничиња и седишта. Доколку нема место за комода, ѕидна полица добро ќе ви дојде за чување на чашите и чиниите.

8 НЕСТАНДАРДНО РЕШЕНИЕ

Факт е дека повеќето станови во новоградба се конципирани на таков начин што кујната, трпезаријата и дневната соба се всушност една целина, во која токму трпезариската маса го прави преминот, а помеѓу просторот наменет за приготвување оброци и оној за дружење. Сепак, не мора секогаш да биде класична маса.

Со оглед на тоа што кујните денес најчесто се прават по нарачка, трпезариската маса може да биде во составот на кујната, односно со својата потесна страна директно да се потпира на кујнскиот остров. Доколку станува збор за млади сопственици, слободно може да го опремат со барски наместо со класични столови.

9 ЅИДНА ДЕКОРАЦИЈА

Трпезарискиот дел можете да го нагласите со подна облога што е различна од онаа во кујната или во дневната соба, впечатлива висулка како главен извор на светлина, но и со ѕидна декорација како што е направено во овој случај. Просторот ќе добие сосема поинаков изглед со толку интересен акцент.

10 ОРИГИНАЛНО!

Благодарение на воздушните корења, многу ползавци може да се шират наоколу, но доколку живеете на мал простор, подобро е да ги поставите така што тие ќе се спуштаат од висина.

Бидејќи во малите простори нема многу слободни ѕидови, растенијата што висат ќе ја покажат целата своја убавина на ова место.

Саксии над масата може да бидат многу оригинален начин за разубавување на просторот.

Текст и фото: Home Style

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.