ФУЗИЈА НА ВКУСОВИ: Пробајте ги овие светски специјалитети приготвени на македонски начин!

Сте пробале македонско суши?

Нашите блогери за храна малку експериментираа во кујната и ни ги приготвија познатите светски специјалитети со македонски состојки

Кога ќе измешате повеќе елементи од различни кулинарски традиции што потекнуваат од различни земји, региони и култури, ќе добиете фузија на кујни! Нашите гастро-блогери ја применија оваа техника во македонската кујна – проверете како излегоа нивните вкусни експерименти…

МАКЕДОНСКО СУШИ

Сигурни сме дека сте ја пробале оригиналната верзија на овој специјалитет, но дали сте пробале суши приготвено на балкански начин? „Дома често приготвувам суши, па така се инспирирав да направам фузија на јапонската и македонската кујна. Верувам дека балканското суши ќе му се допадне секому!“, вели Марија Кочовска (@kocovska.marija), авторката на овој уникатен рецепт.

Состојки:

  • 1 чаша ориз
  • 2 чаши вода
  • 1 краставица
  • 4 ќебапи
  • 2 лажици ајвар
  • 2 лажици кајмак

За ќебапите:

  • 400 г мелено месо
  • 1 лажица брашно
  • ½ лажиче сода бикарбона
  • ½ лажиче мелен црн пипер
  • 1 лажиче кромид во прав
  • ¼ чаша газирана вода
  • сол по вкус

Приготвување:

1. Во тенџере на оган ставете ја водата да се вари. Штом зоврие, додајте го оризот. Варете на тивок оган околу 5-7 минути, додека оризот омекне и ја впие водата. Тргнете го тенџерето од огнот и оставете го да се излади. Ако оризот не се лепи, додајте неколку капки оцет и измешајте.

2. Во длабок сад ставете ги меленото месо, брашното, содата, водата и зачинете. Измешајте и оставете ја смесата да отстои 30-тина минути. Потоа формирајте ќебапи и испечете ги во грил-тава или на скара.

3. Краставицата исечете ја на тенки ленти со помош на лупалка. Врз бамбусовата подлога ставете ги лентите краставица една врз друга, а потоа пребришете ги со кујнска хартија. Со влажни раце распоредете го оризот врз краставицата. Кон горниот дел ставете ги ќебапите, додајте ајвар и кајмак. Свиткајте суши – ролат.

4. Потоа исечете го сушито на 8 дела. По желба, послужете го со таратур. На здравје!

ФРАНЦУСКА МУСАКА

Мусаката е едно од јадењата што најчесто се наоѓаат на македонската трпеза, а главните состојки ги знаеме сите: компири и мелено месо. Но ако во основниот рецепт додадеме елементи од францускиот специјалитет рататуј, како што тоа го направи Елизабета Пешовска (@my_little_kitchen_stories), ќе добиеме сосема ново јадење. Пробајте!

Состојки:

  • 200 г мелено месо
  • 1 главица кромид
  • 3 компирчиња
  • 1 тиквица
  • 1 модар патлиџан
  • 1 домат
  • 2 чешниња лук
  • 150 мл доматно пире
  • маслиново масло
  • сол и црн пипер, црвен пипер, зачинска мешавина

Приготвување:

1. Меленото месо се пропржува во тава, заедно со кромидот. Се додава сол, црн пипер, зачинска мешавина, црвен пипер.

2. Во тава за печење се става маслиново масло, доматно пире и сечкан лук. Компирот, модриот патлиџан, тиквицата и доматот се сечат на крукчиња. Зеленчукот се реди во тавата, а помеѓу се става од меленото месо.

3. Тавчето се покрива со фолија и се пече 20 минути на температура од 220-250˚Ц. Потоа, фолијата се вади и се пече уште 20 минути.

4. На крајот, кога ќе се испече, може да се додаде свеж, сечкан магдонос.

ПИЦА СО МОРТАДЕЛА И Ф’СТАЦИ

Италијанската кујна е една од омилените на многумина, но таа може да биде уште повкусна ако ѝ се додаде македонски шмек. „Во последно време омилена ми е пицата со мортадела и ф’стаци, па решив да си направам своја верзија со додаток македонско малиџано“, објаснува Теодора Георгиевска (@gotvime.so.tea), која ни приготви пица за вистински гурмани!

Состојки за 2 пици:

  • 500 г брашно
  • 1/2 свеж квасец
  • 250 мл млака вода
  • 1 јајце
  • 1 лажиче сол
  • 2 лажички шеќер
  • 50 мл масло

За филот:

  • 8 лажици малиџано
  • 8 парчиња мортадела
  • 2 топчиња моцарела (250 г)
  • 200 г урда или крем-сирење
  • 1 бурата моцарела
  • 30 г ф’стаци

Приготвување:

1. Квасецот растворете го во млака вода заедно со шеќерот и оставете го да стасува 5 минути.

2. Во длабок сад ставете ги брашното и солта и измешајте ги. Во средината направете дупка и во неа истурете ги квасецот, маслото и изматеното јајце. Оформете тесто и оставете го да стасува 20-30 минути покриено со крпа.

3. Откако ќе стаса тестото, замесете го и поделете го на два дела. На набрашнета површина расучете го тестото со раце и оформете круг.

4. Префрлете го тестото на тавче. Премачкајте го тестото со малиџано, на краевите ставете урда или крем-сирење и завиткајте ја кората. Во средината ставете моцарела искината на парчиња и печете 10 минути на 250˚Ц.

5. Откако ќе биде готова пицата, наредете врз неа парчиња мортадела, половина бурата моцарела и наросете кршени ф’стаци. На здравје и уживајте!

МРЗЛИВА ПИТА СО ЈАБОЛКА

Ви предлагаме да ја пробате познатата американска пита на македонски начин, по рецепт на Ана Крстаноска (@ana_kitchen_corner): „Превкусна е, сочна и неодолива. Предноста е во тоа секој може да ја приготви со основните намирници што сите ги имаме дома!“

За тестото:

  • 500 г брашно
  • 200 г шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • 1 печиво
  • 140 мл млеко
  • 140 мл масло
  • 1 јајце
  • 1 жолчка
  • 250 г омекнат маргарин или путер
  • кора од еден лимон
  • сок од еден лимон

За филот:

  • 1,5 кг јаболка
  • 1 белка
  • 100 г шеќер (може и 50 г)
  • 1 ванилин шеќер
  • 1 лажиче цимет

Приготвување:

1. Излупете ги и изрендајте ги јаболката. Ставете ги во тенџере заедно со шеќерот, ванилиниот шеќер и циметот. Промешајте, и кога течноста ќе испари, тргнете го на страна да се олади, па ставете белка од јајце.

2. Пригответе го тестото така што ќе ги изматите јајцето, шеќерот, жолчката, ванилата и кората од лимон. Потоа, додајте масло, млеко и печиво. Изматете и постепено додавајте брашно. Треба да добиете многу густа смеса. Тогаш, додајте го и омекнатиот маргарин и повторно изматете.

3. Премачкајте тепсија со масло и брашно. Додајте половина од смесата, па распоредете го филот од јаболка и повторна ставете од смесата, израмнувајќи ја со нож. Печете 45 минути на 180˚Ц.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Качамак за појадок, пржени лепчиња за вечера и палачинки во недела наутро: Рецепти што ќе ве вратат назад во детството!
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.