Вкусни десерти од кајсии и праски: 3 рецепта што мора да ги запишете

Сезона на кајсии и праски

Сезоната на златните кајсии и сочните праски е во полн ек, па ова е идеален момент за да приготвите лесни летни десерти со ова овошје во главната улога

Не само што кајсиите и праските се одлични намирници полни со витамини и минерали, туку и се толку вкусни што и најобичниот колач ќе го претворат во мало гастроуживање за сите сетила.

Нема да должиме премногу, туку веднаш ќе прејдеме на трите сезонски овошни деликатеси со кои ќе ги воодушевите вашите домашни и драгите гости.

Тарт со праски

Состојки:

  • 4 жолчки
  • 100 г шеќер
  • 2 кесички ванилин шеќер
  • 100 г брашно
  • 1/2 кесичка прашок за печиво
  • 7 белки
  • 70 г путер
  • 250 г праски
  • шеќер во прав

Приготвување:

Пенесто изматете ги жолчките, шеќерот и ванилиниот шеќер, па измешајте ги со брашно помешано со прашок за печиво. На крајот, соединете ја смесата со добро изматени белки и растопен путер. Префрлете ја смесата во подмачкан и набрашнет калап за тарт, потоа распоредете излупени парчиња праски и печете ја околу половина час на 180 степени. Печениот тарт посипете го со шеќер во прав и послужете го.

Штрудла со кајсии

Состојки:

  • 1/2 кг брашно
  • 250 мл млеко
  • 100 мл масло
  • 1 јајце
  • 25 г квасец
  • малку сол
  • 2 лажици шеќер
  • 1/2 кг кајсии
  • 100 г шеќер

Приготвување:

Разматете квасец во млако млеко и додајте шеќер, па оставете го да нарасне околу 15 минути. Во брашното додајте ги нараснатиот квасец, јајцето, маслото, шеќерот и солта, па замесете мазно тесто. Месете го уште малку соединетото тесто на набрашнета површина. Поделете го тестото на две топчиња, покријте го со крпа и оставете го 45 минути да нарасне. Исечкајте ги кајсиите и додајте шеќер. Расучете ги топчињата колку што можете повеќе, па ставете кајсии по целата површина на тестото. Завиткајте ги и наредете ги во подмачкан плех. Премачкајте ги ролатите со масло и печете ги околу 45 минути на температура од 200 степени. Покријте ја готовата штрудла и оставете ја да се олади малку, па исечете ја, посипете ја со шеќер во прав и послужете ја.

Печени праски со сладолед од ванила

Состојки:

  • 8 праски
  • 4 лажици мед
  • 50 г бадеми
  • 2 г естрагон
  • 250 г сладолед од ванила

Приготвување:

Измијте ги праските, исушете ги и преполовете ги, па отстранете ги семките. Наредете ги праските во тепсија, така што средината ќе им биде свртена нагоре, попрскајте ги со мед, посипете ги со иситнети пропржени бадеми и ситно сечкан свеж естрагон. Ставете ги во рерна да се печат 20 минути на 180 степени. Топлите праски наредете ги на чинија, на секоја од нив ставете топка сладолед од ванила и послужете ги.

Добар апетит!

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.