3 најубави празнични торти: Засладете го Велигден на вистински начин!

Идеја за десерт

Ни претстои прекрасен празник, кој симболизира повторно раѓање, нов почеток, среќа – разубавете го со вкусен десерт

Ви предлагаме рецепти за три најубави празнични торти:

Барон торта

Се печат 4 кори, а состојките за една се:
  • 4 белки
  • 5 лажици шеќер
  • 1 полна лажица какао
  • 1 полна лажица брашно

За чоколадниот фил:

  • 16 жолчки
  • 2 цели јајца
  • 350 г шеќер
  • 300 г црно чоколадо
  • 375 г маргарин или путер

За желето од малини:

  • 600 г малини
  • 6 дл вода
  • 15 лажици шеќер
  • 1 кесичка желатин (од 10 г)
  • 50 мл вода за желатинот
  • 2 кесички пудинг од малини

Приготвување:

Прво, пригответе го желето. Исцедете ги малините од вишокот вода, доколку биле замрзнати. Додајте 400 мл вода и шеќер, па ставете ги на оган. Прелејте го желатинот со 50 мл вода.

Пудингот разматете го во остатокот од водата (200 мл). Кога смесата ќе зоврие, варете го пудингот и мешајте додека се згусне, па тргнете го од оган и додајте го набабрениот желатин.

Добро измешајте, па оставете го да се лади.

За корите, изматете пенесто белки со шеќер, матете додека добиете цврста пена, па додајте брашно и какао и сето тоа измешајте го. Истурете ја смесата на обложен плех со димензии 35х25 цм и ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, па намалете на 180 и печете 15-20 минути, зависно од рерната. Кога ќе ги испечете корите, го правите филот од жолчки.

Изматете жолчки со шеќер, па ставете ги на да се варат на пареа. Варете 15 минути, додајте чоколадо и мешајте додека се стопи, па оставете го филот да се олади.

Изматете пенесто маргарин или путер, па додајте го оладениот фил и изматете го сето тоа заедно.

Филувајте по желба. Може да оди кора, чоколаден фил, па фил од малини, па повторно кора, а може и кора, чоколаден фил, кора, фил од малина, кора, чоколаден фил, кора, фил од малина и одозгора малку чоколаден фил – како сакате.

Декорирајте по желба, најдобро е со глазура од чоколадо. Стопете 150 г чоколадо со 3 лажици масло, почекајте 1-2 минути да се олади, па прелејте ја врз тортата. Оладете, па послужете.

Грандисимо торта

Се печат 4 кори, а ова се потребните состојки за една кора:
  • 4 белки
  • 5 лажици шеќер
  • 50 мл ладна вода
  • 1 лажица брашно
  • 1 лажица какао
  • 4 лажици мелени печени лешници
  • 5 г прашок за печиво

За филовите:

  • 12 жолчки
  • 1,5 л млеко
  • 12 лажици шеќер
  • 10 лажици брашно
  • 5 лажици густин
  • 375 г маргарин или 350 г путер
  • 150 + 50 г чоколадо
  • 100 г сечкани лешници
  • 1 или 2 лажичиња инстант-кафе
  • 50 мл слатка павлака

Приготвување:

Вклучете ја рерната на 200 степени. Изматете белки со шеќер, па сипете ладна вода и повторно изматете. Додајте брашно, какао, прашок за печиво и мелени лешници и сето тоа измешајте го.

Истурете ја смесата на обложен плех со димензии 30х39 цм и ставете ја кората да се пече околу 15 минути, по 12 минути, погледнете и допрете ја, ако не е премека, извадете ја.

Повторете го истото уште 3 пати.

За филот, изматете жолчки, брашно, густин и малку ладно млеко. Остатокот од млекото оставете го на среден оган да зоврие, за да не ви загори. Кога млекото ќе проврие, додајте ги жолчките, па мешајте додека се згусне.

Добиениот пудинг од жолчки од тенџерето префрлете го во друг сад, покријте го со фолија и оставете го да се лади. Во оладениот фил додајте омекнат, исечкан путер и изматете.

Доколку додавате маргарин, прво изматете го него, па во него додавајте го оладениот пудинг од жолчки и сето тоа изматете го.

Поделете ја смесата на три дела.

На пареа или во микробранова, стопете 150 г чоколадо, па додајте го во едниот дел од филот и сето тоа изматете го.

Во другиот дел од филот додајте ги ситно исечкани преостанатите 50 г чоколадо и сечканите лешници и сето тоа изматете го.

Во третиот дел, додајте стопено лажиче инстант-кафе и малку врела вода и сето тоа повторно измешајте го.

Изматете слатка павлака како шлаг, не претврдо. Но ако ви се случи тоа, само додајте млеко и изматете.

Додајте им по две лажици слатка павлака на филовите и повторно изматете ги со миксер. Филувајте кора, фил, слатка павлака, по кој редослед сакате, но внимавајте најтврдиот фил да биде долу, за да ја држи тортата. Декорирајте по желба, па оставете ја да се олади.

Интерконтинентална торта

За корите:
  • 12 белки
  • 12 лажици шеќер
  • 18 лажици мелени ореви
  • 2 лажици брашно
  • 1 прашок за печиво од 10 г

За кремовите:

  • 12 жолчки
  • 12 лажици шеќер
  • 9 лажици брашно
  • 1 л млеко
  • 200 г путер
  • 100 г црно чоколадо
  • 100 г кокос
  • 6 лажици мелени ореви

Приготвување:

Од целата мерка за корите се печат две кори во голем плех од рерна, со минимум димензии 30х40 цм, уште подобро би било ако плехот ви е 33х43 цм, бидејќи тогаш двете кори се сечат на пола и се добиваат 4 помали.

Корите може да се печат и во помал плех од 33х23 цм, но тогаш мерката се дели на 4 еднакви дела.

Вклучете ја рерната на 180 степени. Изматете пенесто 6 белки, па додајте 6 лажици шеќер и матете додека добиете цврста пена.

Потоа, додајте лажица брашно, 9 лажици мелени ореви и половина прашок за печиво или 5 г. Сето тоа измешајте го и истурете го на обложен плех од рерна, израмнете и печете помеѓу 15 и 17 минути, зависно од рерната.

Повторете ја постапката на матење и печење на корите уште еднаш, па оладените кори пресечете ги во должина на пола, за на крајот да имате 4 кори. За филот, изматете жолчки, шеќер, брашно и малку ладно млеко што ќе го одземете од тој еден литар.

Остатокот од млекото ставете го да зоврие, па загрејте ги жолчките во млекото и мешајте додека се згусне.

Тргнете ја смесата од оган и покријте ја со фолија или со чиста кеса, па оставете го филот целосно да се олади на собна температура. На оладениот фил додајте му путер од собна температура, исечкан на коцки, и сето тоа изматете го.

Доколку одлучите да ставите маргарин, прво изматете го него, па потоа додајте го во филот и сето тоа измешајте го. Поделете го филот на три дела.

Во едниот дел додајте стопено чоколадо (топете го на тивок оган или во микробранова на средна температура, загревајќи го по 20-30 секунди), во вториот додајте кокос, а во третиот ореви.

Филувајте кора па фил, редоследот не е важен. Декорацијата исто така одберете ја по желба.

Титов колач: Вака се сладеле во Југославија!

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.