Разговор со пилотката Катерина Кајсторовска: „Предрасудите ме следеа постојано, но среќа имаше и такви што веруваа во мене“

Лидерки што инспирираат

Нашите соговорничка е вистинска лидерка – нејзината приказна нека ни послужи како инспирација

Таа испишува историја како најмладата жена пилот во поранешна Југославија и првата и единствена жена капетан-пилот и инструкторка на „боинг 737“. Катерина Кајсторовска имала само 15 години кога почнала да чекори по тој пат. Вистинска пионерка која крши бариери во секој поглед, кога ќе се земе предвид фактот дека била жртва на разни стереотипи поради тоа што е жена. Денес е спокојна и благодарна за шансата да си докаже себеси, но и на другите, дека детските соништа се остваруваат.

Како изгледаше твојот животен пат?

Инспирирана бев да летам, сакав да станам воен пилот. Шансата ја добив во летната школа за летање на ЈАТ, каде што одев секое лето по завршувањето на школската година и така добив дозвола за инструментално летање. Изминав исклучително тежок пат. Работев на две места за да обезбедам финансии за школувањето, а најголема финансиска и морална поддршка добив од мојот херој – мојот татко. Првата работа и првото школување за патнички авион ја добив по две години во тогашен МАТ, на мојот омилен авион„ боинг 737“. По пропаѓањето на МАТ, добив работа во Виетнам, па потоа во „Катар ервејс“ на мојот авион од соништата „боинг 777“. Со искуството кое го стекнав низ светот и часовите поминати во воздух дојде и моментот за мојата капетанска титула, а потоа и инструкторската за школување нови пилоти.

Кои се најголемите предрасуди со кои се имаш соочено?

Прво, многу си млада, па женско си, па подобро ќе беше да си отидеше на одмор отколку да се печеш тука под падобран на старт на писта. Предрасудите ме следеа постојано, бидејќи овој свет имаше свои идеи за тоа што треба да правам во животот. Најголеми сопки и кочници имам доживеано од луѓе кои не се оствариле на ниедно поле или пак се жртви на програмите наметнати од колективната ментална несвесност. Среќа има и такви кои веруваат во духот на човекот па даваат максимална и несебична поддршка.

Кои се најголемите жртви што ги имаш направено за кариерата?

Откажувања имало многу и уште има. Слободното време го посветував на учење. Работев на две места, дење стјуардеса, а ноќе крупие во казино за да соберам пари за часови по летање. Поминував многу време далеку од дома, далеку од луѓето што ги сакам, живеев по хотелски соби и изнајмени станови…

Кои карактеристики се најважни за да се биде успешен во оваа професија?

Дисциплина, упорност, ментална снага, фокус, тврдоглавост понекогаш, способност за брза адаптација во различни и непредвидливи ситуации.

Каква промена се надеваш дека ќе предизвикаш преку својот пример?

Мислам дека најголем успех е тоа да му покажете некому дека може сè да се оствари. Дури и најлудите соништа се остварливи, доколку веруваме во себе. Живееме во време кога се рушат предрасудите при поделбата на машки и женски професии. Ова не се однесува само на мојата професија. Изборот на професијата влијае врз целокупниот развој и животен пат, па затоа исклучително важно е да ве исполнува и да ве носи надвор од сите потсвесни програмирања кон слобода во постоењето во секој можен аспект.

Што би сакала да оствариш во иднина?

Креативноста во постоењето постојано ги менува желбите, но во основа се сметам за среќна и исполнета. Си посакувам само да бидам здрава и самостојна, за да можам успешно да им одговарам на сите свои желби и предизвици. Верувам дека успехот лежи во пронаоѓањето личен баланс во битисувањето.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Што ви дава ветер во грбот? Инспиративен разговор со дизајнерката Лидија Георгиева
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.