Разговор со каратистката Пулексенија Јованоска: „Спортот ме промени од буцкасто дете во упорна девојка која знае што сака!“

Успешни и самоуверени

Дознајте како изгледа денот на нашата успешна каратистка

Како се справува со предизвиците што и’ ги наметнува професијата и како изгледа нејзиниот работен ден – ни раскажа нашата каратистка Пулексенија Јованоска.

Кои се најголемите предизвици што ви ги поставува вашата професија?

Спортот покрај тоа што бара посветеност, дисциплина и редовност на тренинзите, бара и нешто што за мене е предизвик, а тоа е со секоја титула и успех да останеш истиот човек за родителите, блиските и пријателите. Откако ќе стигнам до целта, секогаш се враќам во моето катче, моите луѓе, мојата Пулексенија, без разлика дали доаѓам од Олимпијада или од национално првенство. Спортот ме промени многу, сè уште ме менува. Најголемата промена ја чувствувам во истрајноста. Научив дека ниту еден успех не доаѓа прекуноќ, како и дека ниту еден труд на овој свет не останува ненаграден. Спортот ме промени од мрзеливо буцкасто дете во девојка што знае што сака, која е упорна и посветена.

Која е главната цел што сакате да ја постигнете?

Во животот секогаш сум посветена на многу полиња, но секогаш имам поставено само една главна цел. Таа ми е приоритет и не постои следна додека не ја остварам претходната. Животна цел ми беше Олимпијадата. По тој сон, следна цел на која вредно работам, со силна визија и верба, е отворање моја школа за карате.

За што сонувате?

Сонувам да создавам шампиони, да растам и да се развивам покрај талентирани млади луѓе со соништа. Да прераснам во бренд што ќе мотивира млади дечиња. Заедно да создаваме платформа каде што ќе се слуша гласот на спортистите, свет каде што ќе зборуваме за успеси, за остварени цели. Потајно се надевам на мали промени во начинот на кој се вреднуваат и почитуваат спортистите.

Денот на Пулексенија: Од утро до вечер
  • 6.00 Јас сум од оние ранобудните, што не сакаат аларми, туку мирно утро во тишина. Денот ми започнува со турско кафе, а моите блиски знаат дека никако не одговарам на повици пред првото кафе.
  • 8.00 Тренингот го сфаќам како рутина, а не обврска. По навика излегувам да трчам или да вежбам во вежбалница, во зависност од тоа каде сум. Секојдневните обврски сè уште ми дозволуваат да бидам флексибилна во сè што правам.
  • 10.00 Приготвувањето појадок е задолжителна точка, како и телефонскиот разговор со мајка ми. Потоа, го оставам телефонот настрана и им се посветувам на обврските.
  • 11.00 Работам кратко, концизно и реалистично. Четири-пет часа во денот, посветено. Потоа, сакам да уживам во слободното време.
  • 16.00 Динамична сум. Позната сум по тоа дека ме има насекаде, буквално. На кафе со пријатели, на филм во кино. Сакам да пешачам, да пливам, да организирам средби со друштвото, обожавам долги разговори.
  • 20.00 Во последно време денот ми завршува на камера со какао во раката и целочасовни разговори со другарките што ми избегаа по светот. Тоа е мојот ден. Бегам од пасивни луѓе, удобни зони и монотонија.
  • 22.00 Сакам кога заспивам пред полноќ, со благодарно срце за сè што имам и сè што следува.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

УСПЕШНИ И САМОУВЕРЕНИ: Како изгледа денот на ТВ-водителката Ивана Мангаровска од утро до вечер?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.