ЈУЛСКА ДЕСТИНАЦИЈА: Волшебниот Маракеш

Ако сакате да запознаете култура различна од нашата, да доживеете авантура и егзотика, да го пробате највкусниот чај од нане – Мароко е вашиот избор.

Иако многумина мислат дека станува збор за недостижна дестинација, ова кралство на северот од Африка е само 13 км оддалечено од Европа. Идеално време да го посетите Мароко е јуни, кога температурата се движи од 20 до 25 степени, но и јули е поволен месец за уживање во Црвениот град. Целото патување можете да го организирате самостојно, па нема да ве чини многу пари.

ПАТУВАЈТЕ ПАМЕТНО И ПОВОЛНО

Ви предлагам да не ги гледате летовите исклучиво од Скопје. Земете ги предвид аеродромите што имаат нискобуџетни летови (Белград, Солун, Софија) и задолжително посетете ги интернет-страниците www.wizzair.com и www.ryanair.com. Покрај овие две страници, користете ја и www.skyscanner.net, и сигурна сум дека ќе најдете евтини летови. Со планирање на патувањето на ваков начин, четири авионски билети и превоз со комбе ме чинеа 175 евра! Ќе се изненадите кога ќе почнете да истражувате колку комбе-превозници има или приватници кои возат до разни места и аеродроми за многу малку пари.

НОЌЕВАЈТЕ ВО РИЈАДИТЕ ВО ВНАТРЕШНОСТ НА МЕДИНИТЕ

Ријади се гостилници, традиционални куќи во медините, кои примаат максимум 6 лица. Секој поголем град има своја медина, стар дел од градот опкружен со ѕидини. Во старите градови во Мароко луѓето живеат како и пред 100 години. И во гостилниците се чувствуваат стариот арапски дух и култура. Една љубезна жена, која се вика Азиза, секое утро го служеше појадокот, ни ја менуваше постелнината и се однесуваше со нас како да сме нејзини деца.

Мароканците се познати по исклучителната љубезност и гостопримливост. Волшебниот црвен град Маракеш го викаат така поради црвените фасади на куќите, а сите објекти во градот, според законот, се изградени на тој начин. Станува збор за град во кој се забележуваат јасни контрасти: од една страна се величествените палати, луксузните хотелски комплекси и богатите туристи, а од друга – поголемиот дел од сиромашните жители. На сите страни, пак, се протегаат величествени паркови.

Стариот град или медина создава посебно доживување. Мажите носат традиционална носија, а жените бурка. На главниот плоштад можете да уживате во сè: од свежо цеден сок од портокал, до традиционална музика, која ја свират специјално за вас. Тука се и свирачите со змии, жени што ќе ви нацртаат шари со кана, како и гатачи кои ја предвидуваат судбината. Во околните ресторани можете да ги пробате сите традиционални рецепти, по мошне поволни цени.

Не заборавајте да земете со себе облека која ви го покрива телото или искористете ја шансата да купите кафтан, традиционален марокански фустан. Задолжително посетете го автентичниот град Фес, која ја има најголемата медина во Мароко. Медината е како лавиринт, улиците се многу тесни, така што задолжително ангажирајте водич. Јас се загубив неколку пати, бидејќи 80% од улиците не се нацртани на картите на Google.

Маракеш и Фес се навистина неверојатни градови за Европејците, тотално нестварни. Ќе се чувствувате како да сте во средновековен филм. Мароко дефинитивно вреди да се посети.

Текст: Невенка Михајловска

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.