Важно известување за сите кои се на одмор во Грција

Грција денеска е во максимална претпазливост поради топлотниот бран со очекувани температури над 44 Целзиусови степени, а во исто време рекордно високите температури го горат југот на САД со стравувања дека ќе ги зафати и другите делови од земјата.

До недела, сите археолошки локалитети, вклучително и познатиот Атински Акропол, ќе бидат затворени за посетители во најтоплиот дел од денот, соопшти Министерството за култура.

„Потребна е максимална претпазливост бидејќи тешките моменти не се поминати“, предупреди премиерот Киријакос Митотакис. „Се соочуваме со топлотен бран со можно засилување на ветерот кој од понеделник ги разгорува пожарите околу Атина“, додаде премиерот.

Во сабота во централниот дел на земјата се очекуваат температури до 45 Целзиусови степени.

Според опсерваторијата во Атина, рекордната температура во градот била измерена во 2007 година и изнесувала 44,8°C. Највисоката температура во земјата била измерена во 1997 година во Елефсинос, во близина на Атина, и била 48°C.

„Навикнат сум на големи горештини. Така е секое лето, но оваа година имаме топлотен бран еден по друг“, вели Кристос Бојацис од Атина.

Костас Лагувардос, директор на Истражувачкиот институт за животна средина и одржлив развој при Националната опсерваторија во Атина, рече дека е загрижен поради најавите за пораст на температурите и следната недела. „Тоа би бил топлотен бран кој би се протегал две недели и би бил најдолгиот досега забележан во Грција“, рече Лагувардос.

Во исто време, од другата страна на Атлантикот, околу 80 милиони Американци очекуваат температури од 41°C и повисоки овој викенд, предупреди американската Национална метеоролошка служба (НВС). Во Феникс, во државата Аризона на југозападниот дел на САД, температурата би можела да надмине 46 степени Целзиусови.

Аризона бележи најдолг топлотен бран досега и 22 дена по ред живата се искачува над 43 степени Целзиусови.

Во четвртокот избувна пожар во складиште за пропан, со експлозии на цистерни со гас, бидејќи поради топлината, резервоарите со пропан се шират и стануваат вистински проектили кои испалуваат остатоци до 450 метри, објасни локалниот пожарникар.

На околу 500 километри подалеку, во Долината на смртта, најтоплото место на светот, се очекува да се надмине рекордната температура од 56,6°C од 1913 година.

„Јули може да го собори рекордот за најтопол месец на Земјата, не само откако постојат мерењата, туку и стотици, ако не и илјадници години наназад“, рече климатологот на НАСА, Гавин Шмит.

И тоа не е само поради Ел Нињо, туку затоа што продолжуваме да испуштаме стакленички гасови во атмосферата, рече Шмит.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.